ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ОД КОЖНО ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ И ЕДЕН ОД КЛИНИКАТА ЗА ДЕРМАТОЛОГИЈА СЕ МЕЃУ 14 УАПСЕНИ ЗА ЛАЖНИ БОТОКСИ И ФИЛЕРИ ОД СРБИЈА, ТУРЦИЈА И КОРЕЈА

    ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ОД КОЖНО ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ И ЕДЕН ОД КЛИНИКАТА ЗА ДЕРМАТОЛОГИЈА СЕ МЕЃУ 14 УАПСЕНИ ЗА ЛАЖНИ БОТОКСИ И ФИЛЕРИ ОД СРБИЈА, ТУРЦИЈА И КОРЕЈАИако знаеле дека се шверцувани лекови и дека за нив не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, лекарите и сопственивите на приватни дерматолошки ординации вршеле естетски корекции врз пациенти, односно клиенти. (Фото: МВР)

    За увоз на фалсификуван медицински материјал ботокси и филери без царинска контрола, како и за чување по куќи на роднините на осомничените и за ставање на недозволената естетска содржина на пациенти, Обвинителството покрена истрага против 19 лица, меѓу кои се и лекари од Клиниката за дерматологија и од Дерматолошкиот оддел во скопската Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“. Но, има и лекари и сопственици на приватни дерматолошки ординации, како и цариник кој го дозволувал шверцот на сомнителните филери и ботокси.

    Уапсени се 14 лица, а за 12 Обвинителството бара притвор.

    Во рамки на акцијата за разбивање на оваа криминална група, врз основа на претходно обезбедени судски наредби од Основниот кривичен суд, вчера и денеска се извршени  претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хиелурон), 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“,  поголема количина парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и друго.

    Приведени се 14 лица, меѓу кои и доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала. Постои основано сомневање дека овие вкупно 19 лица се вклучени во извршување на кривичните дела Злосторничко здружување, Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и Примање поткуп.

    Со пријавата се опфатени и шест правни лица.

    Во текот на 2026, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.

    Истрагата ги опфаќа: Н.  А. (43), С.К. (46), А. К. (41), М. Ѓ. (47), Ѓ. С. (32), С. М. С. (31) и В. С. (49) за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и 2 од Кривичен законик) и Злосторничко здружување“ (чл.394 ст.1), против В. А. (61), Р. Т. Ѓ. (53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н. К. (42)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А. К. (45) – вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д. Ф. (44) – вработен во ЈЗУ Универзитетска клинка за дерматологија Скопје, М. И. В. (38) – вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А. Т. (27), С. Ф. (36) – управител на правно лице од Скопје, К. А. (53) – управител на правно лице од Битола, О. Д. (65) – управител на правно лице од Скопје и С. А. (40) – управител на правно лице од Скопје за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 Соизвршителство и Злосторничко здружување (чл.394 ст.2), А.М. (38) за Примање поткуп“ (чл.357), Злосторничко здружување (чл.394 ст.2) и Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22  Соизвршителство и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма (чл.285 ст.6 во врска со ст.1 и 2) од Кривичниот законик (КЗ).

    Во текот на 2026, пријавените Н. А., С. К., А. К. и М. Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В. А., А. М., Р. Т. Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ. С., С. М. С., В. С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н. К., А. К., Д. Ф., М. И. В., А. Т., С. Ф., К. А., О. Д., со користење на правни лица од Битола и Скопје.

    Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери, набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореја и Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на државава со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат – аплицираат на трети лица. Пријавените иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало, согласно Законот за лекови, и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за неа не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.

    Пријавениот А. М., во својство на царински службеник со намера да оствари за себе противправна имотна корист и да им помогне на пријавените организатори, примил поткуп во два наврати за да изврши службено дејствије кое не би смеел да го изврши, односно овозможил влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола на пристигнатите две кутии со лекови.

    Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта.

    Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и тежината на кривичните дела, утврдил дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор за 12 осомничени и во текот на денешниот ден до Судијата на претходна постапка ќе биде доставен предлог за нејзино определување. За останатите пет осомничени ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство, најави Обвинителството.

    Министерството за здравство денеска соопшти дека секое постапување спротивно на законските прописи и медицинските стандарди ќе биде предмет на соодветни институционални постапки во соработка со надлежните органи и оти е „цврсто посветено на принципите на стручност, законитост и правичност во функционирањето на здравствениот систем“.

    „Безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се наш врвен приоритет. Најголем дел од здравствените работници чесно, совесно и стручно ја работат својата работа. Апелираме доследно да ги почитуваат професионалните и етичките норми. Апел до граѓаните е да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита. Истовремено, потсетуваме на начелото за презумпција на невиност“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира