ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ РАБОТАТ ДВЕ СМЕНИ, В САБОТА ДО 14 ЧАСОТ, ПО ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА

    ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ РАБОТАТ ДВЕ СМЕНИ, В САБОТА ДО 14 ЧАСОТ, ПО ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦАОд Вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“ велат дека од вчера е зголемен интересот за вакцинирање. (Фото: СДК.МК)

    Вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје од денес ќе работат во две смени, до 19:30 часот, а утре од 8 до 14 часот. Комисијата за заразни болести завчера препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица на територијата на Град Скопје. До денес пријавени се 24 случаи на заболени од голема кашлица. Комисијата предлага во градинките да се примаат само целосно вакцинирани деца до траење на епидемијата.

    Од Вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“ велат дека од вчера е зголемен интересот за вакцинирање. Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК забележа дека се чека по минимум еден час, дека за вакцини доаѓаат деца поголеми од три години, кои ги пропуштиле дозите од редовна вакцина, според календарот за вакцинација. Предност имаа бебињата кои се дојдени за редовна вакцинација, но гужва се прави од родители кои доаѓаат само за потврда за вакцинален статус, кои им биле побарани од управите од градинките. Има и случаи каде доаѓаат за потврда, а децата не се редовно вакцинирани, па медицинските сестри ги враќаа со образложение прво да ја примат потребната вакцина, па ќе им дадат потврда.

    „Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните“, вели Сања Цилевска-Младеновска, доктор педијатар.

    Од УНИЦЕФ денес рекоа дека се загржени од растечкиот број случаи со голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружуваат кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.

    „Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести што може да се спречат со вакцини што се докажано безбедни и високо ефикасни“, велат од УНИЦЕФ.

    Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски, вчера изјави дека инспекциски служби ќе проверуваат во градинките каде нема вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината и ќе интервенираат, за да се спречи епидемија на голема кашлица.

    „Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете кое што нема примено одредена вакцина не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје како жариште во овој момент“, рече Велковски.

    Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.

    Епидемиологот д-р Драган Даниловски вчера кажа дека олемата кашлица е нешто што не е можно да не се препознае, воопшто не е слична на обичната кашлица. Навистина, почнува со симптоми на обична настинка, арно ама, кога ќе почне кашлицата, во напади, таа кашлица е нешто што може да го смисли само режисер на хорор филм. Тоа е толку драматично, толку страшно, толку тажно, толку потресно, да се биде сведок на таков вид кашлање. Детето има такви напади на кашлање, што не може да земе здив, тука се ризиците и живот да изгуби поради задушување. Тоа е такво кашлање, ќе го употребам терминот, рикање, магарешко рикање. Затоа и се нарекува магарешка кашлица. За мене не е хумано родителот кој одбива да го вакцинира детето, со месеци да гледа како се мачи“, рече д-р Даниловски, кој во 2022 замина во пензија како раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика и е поранешен министер за здравство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира