ВЛАДАТА ЌЕ ДАВА ПО 10.000 ЕВРА ЗА МЛАДИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ДО 29 ГОДИНИ КОИ ЌЕ ПОЧНАТ СВОЈ БИЗНИС

    ВЛАДАТА ЌЕ ДАВА ПО 10.000 ЕВРА ЗА МЛАДИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ДО 29 ГОДИНИ КОИ ЌЕ ПОЧНАТ СВОЈ БИЗНИСПланот за вработување, мерките и програмите кои ќе понудат работа и поддршка во работата е вреден 40 милиони евра со кои ќе се опфатат над 16 илјади граѓани.(Фото: СДК.МК)

    Млади невработени лица до 29 години кои ќе почнат свој бизнис ќе добијат од Владата 10.000 евра неповратни средства. Ова денес го кажа премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата за Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој го усвои Владата на последната седница.

    Планот за вработување, мерките и програмите кои ќе понудат работа и поддршка во работата е вреден 40 милиони евра со кои ќе се опфатат над 16 илјади граѓани.

    Согласно оперативниот план за 2025, предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување.

    Како што кажа премиерот Мицкоски, очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години.

    Поддршката за самовработување невработени млади лица до 29 години според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ) со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари неповратни средства за основање на бизнис и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект. Понатаму, поддршка за самовработување-здружување во друштво со ограничена одговорност (ДОО) кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари за правен субјект од два содружника. Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така, може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект“, рече Мицкоски.

    Владата ќе доделува младински додаток за практиканство во висина од 3.0000 денари, како и поддршка за вработување на лица со попреченост.

    Со Оперативниот план предвидено е вработување и на 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на Општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира