ВЛАДАТА ПРОМОВИРАШЕ 3 БОЛНИЦИ СО РЕНОВИРАНИ ХИРУРШКИ БЛОКОВИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ, А СЀ УШТЕ НЕ РАБОТИ НИТУ ЕДЕН

    ВЛАДАТА ПРОМОВИРАШЕ 3 БОЛНИЦИ СО РЕНОВИРАНИ ХИРУРШКИ БЛОКОВИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ, А СЀ УШТЕ НЕ РАБОТИ НИТУ ЕДЕНДиректорот на ТАВ Македонија Неџат Курт, министерот Алиу, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и премиерот Мицкоски на 13 мај го промовираа реновираното крило во Болницата „8 Септември“. (Фото: К. Попов)

    Владата изминативе три месеци свечено ги промовираше реновираните хируршки сали во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје и во Струмичката болница, но ниту една од салите до ден денес не е во функција.

    На 6 април, државнот врв на чело со премиерот Христијан Мицкоски презентираше дека шест сали сали се комплетно реновирани на Одделот на хирургија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Министерот за здравство Азир Алиу  тогаш кажа дека во наредниот период ќе бидат реновирани уште четири сали, со пари од Владата. Проектот чини вкупно 282 милиони денари (над 4,5 милиони евра) за обнова на 10 операциони сали. Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски рече дека проектот за 10 сали е направен во два дела поради тоа што не сакале да запре работата во терцијарното здравство.

    На прашањето кога ќе бидат готови салите на ТОАРИЛУЦ, од Министерството за здравство ни одговорија: „Во однос на операционите сали во хируршките клиники, во тек е постапката за вршење на потребните микробиолошки испитувања, односно земање брисеви, по што согласно протоколите по добивање негативни резултати од брисевите се очекува во текот на следната недела операционите сали да бидат ставени во функција“.

    Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски, вицепремиерот Беким Сали, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Мицкоски на 6 април ги најавија новите хируршки сали во Ургентниот центар на „Мајка Тереза“. (Фото: К. Попов)

    На 13 мај, државниот врв повторно на чело со Мицкоски го промовираше реновираното оперативно крило во ГОБ „8 Септември“ кое е обновено со ТАВ програмата за инфраструктурни проекти. Целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на Болницата, но тогаш кажаа дека во функција ќе бидат ставени за месец два, што значи јуни-јули.

    На конкретното прашање кога ќе бидат отворени салите во Болницата „8 Септември“, од Министерството за здравство не дадоа точен термин туку одговорија:

    „Најпрво да потенцираме дека се завршени инфраструктурните зафати на операционите сали и во ГОБ ‘8 Септември’. Вкупно се инвестирани над 17 милиони евра. Во однос на салите во ГОБ ‘8 Септември’, како што веќе информираше директорот, најпрво се пристапи кон обезбедување стерилни услови и комплетно запазување на условите за асепса и антисепса. Вториот момент е опремата за која ќе има потреба нашите вработени што се дел од оперативниот блок да поминат адекватни обуки. Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот, да издадат употребна дозвола за потоа да се направи технички прием“.

    Мицкоски и Алиу на 17 јуни на промоцијата на новото болничко крило во Струмичката болница. (Фото: Министерство за здравство)

    Премиерот Христијан Мицкоски на 17 јуни најави дека новото болничко крило на Струмичката болница, после 40 години од почетокот на изградбата, треба да биде ставено во функција наесен.

    „Околу 40 години се чекаше за ова. Сега следува мало доопремување, кое треба да заврши до крајот на август, а на почетокот на септември објектот да биде ставен во функција“, рече Мицкоски.

    Во новиот болнички дел, кој располага со осум операциони сали, се планира да бидат сместени Хируршките одделенија, меѓу кои Хирургија, Гинекологија, Урологија, Очно одделение и Ортопедија со трауматологија. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 279.3 милиони денари (околу 4,5 милиони евра).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира