Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега е 59 лица, меѓу кои има и малолетници. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа.
Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.
„Во овој момент се постапува и во Министерството за економија од каде се обезбедува документација за дискотеката како и за лица поврзани со истата. Загинат е и еден полициски службеник од полициската станица Пробиштип кој во моментот бил службено ангажиран односно постапувал по претходно изготвен план за угостителски објекти во делот со недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката“, рече Тошковски.
Тој не кажа за кои лица е распишана потерница, рече дека тоа во моментов не може да го каже.
„Вклучени ќе бидат сите инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контрола. Буквално сите кои имаат врска во процес на контрола, се анализира буквално сè што може да биде поврзано со овој ужасен настан како во делот на градежно-техничката документација, во делот на лиценци, постапување и обезбедување на објектот“, рече Тошковски.
- ИМАШЕ ЕКСПЛОЗИЈА, ПАДНА ТАВАНОТ И СИТЕ БРЗАВМЕ ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, ВЕЛИ 20-ГОДИШНО МОМЧЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИ
- ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ ПАПАЗОВ НЕ Е МЕЃУ ПРИВЕДЕНИТЕ, НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЌЕ КАЖЕ ДАЛИ ЌЕ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА СО 51 ЖРТВА
- ПРИВЕДЕНИ СЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА, НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАГАТА ЌЕ БИДЕ БРЗА, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 51 ЖРТВА
- ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ СЕ ПОРАДИ СТАМПЕДОТО ПРИ ПАНИКАТА ЗА ИЗЛЕЗ НА ЕДИНСТВЕНАТА ВРАТА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА КОЧАНСКАТА БОЛНИЦА
Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.
Според првичните информации, како што претходно кажа министерот Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на едниствената врата во објектот.
Момче кое успеало да се спаси изјави дека пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот, по што сите брзале да излезат на единствената врата.
А. АНТЕВСКА