Со настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета утре (8 септември) ќе кулминира прославата на 35 години независност на Македонија. Бидејќи се очекуваат 50.000 луѓе на стадионот „Тодор Проески“, ова ќе биде еден од најголемите музички настани во Македонија досега, што со себе носи и големи организациско-логистички предизвици.
Сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кој го организира настанот, го спореди настапот на Дејвид Гета со концертот на „Металика“ во мај во Атина како нешто најголемо на Балканот оваа година.
„Кога се работи настан од нивото на ‘Full Monolith Stadium Show‘ на Дејвид Гета, се разбира дека има многу правила и протоколи што ги имаме прифатено при самото потпишување на договорот. Правиме шоу за 50.000 луѓе, па мора да им овозможиме на посетителите што е можно полесно и поквалитетно да присуствуваат на овој настан“, кажа Милошески.
Тој појасни дека замената на влезниците за алките била договорна обврска.
„Од самиот почеток бевме свесни дека ако нема замена на влезници за алки, ќе нема концерт. Ако нема алки, ќе биде потребно чекирање на влезниците на врата, а од наше искуство и од многу помали капацитети, тоа одзема неверојатно многу време. Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето и поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот“, рече Милошески.
Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 17 часот, до кога ќе можат да се заменат влезниците за алки на посебни пунктови во Градски парк.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на овој музички настан и предвиден е посебен режим на сообраќај на приодите кон арената „Тодор Проески“.
Владата сè уште не соопшти колку ќе чини целокупната прослава на 35-годишнината од независноста на земјава.
Г. КОНЕВ



