Јас навистина жалам ако се случува тоа да градоначалничката на Скопје Данела Арсовска добива закани по живот и ја охрабрувам веднаш да појде во МВР, а МВР да испита кој е заканувачот и веднаш да постапи по истите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги нејзините изјави дека добива закани зашто објавува за дивоградбите во Општина Чаир.
Арсовска две недели во пренос на живо на Фејсбук објавува дивоградби во Чаир и го обвинува градоначалникот Висар Ганиу дека незаконски, со фалсификувани документи легализира згради. Таа вчера достави докази во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во врска со легализирани дивоградби во Општина Чаир и рече дека в понеделник ќе донесе уште докази.
„Доколку тие докази се доставени до Јавното обвинителство, предагам да го оставиме да сработи и се разбира доколку им такви докази да се постапува по истите. Нема дилема, не можеме да санкцонираме или да не санкционираме други, Законот мора да важи за сите. Но да го оставиме Јавното обвинителство да сработи“, одговори Мицкоски на новинарско прашање по посетата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Неколку часа по оваа изјава на Мицскоски, Арсовска објави реакција на официјалниот фејсбук профил.
„’Лавот’ Мицкоски не смее да писне против Ганиу и Меџити. Не смее на криво да ги погледне, не пак да бара одговорност за криминал. Лав? Маче.На 150 констатирани дивоградби, поткрепени со целосна документација, со снимки од лице место, ти не смееш да писнеш. Сила покажување на жена, наместо кај криминалци….Мицкоски, кога мафташе со наводниот фалсификат за ‘Пулс’ за 15 минути постапи МВР. Две недели презентирам документи за флагрантен криминал, а полицијата не смее да прими пријава од мене. Ми спуштаат на 192 кога ќе се претставам кој се јавува“, објави Арсовска .
- АРСОВСКА ДОСТАВИ ДОКУМЕНТИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР, НО НЕ ОЧЕКУВА ОБВИНИТЕЛИТЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОПШТИНАТА
- АРСОВСКА ИМА ОБВРСКА ДА ПРИЈАВИ КАДЕ СЕ ГРАДИ НА ДИВО ЗА ДА ПОСТАПИМЕ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО
За пријавите поради заканите за живот, и за тоа дека од МВР рекле дека нема пријави, Арсовска вчера рече: „Знаете кој е нивниот одговор. Вчера немало пријава. Тоа значи дека ме утепаат вчера, денес не дојдам да пријавам, нема да постапуваат?“, а на прашањето дали се чувствува заштитено од државата, рече: „Од која држава, од овој којшто дозволува да се легализираат објекти кои што вредат милиони евра на грбот на граѓаните?“.
- ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТИШЛА ДОМА КАЈ РАКОВОДИТЕЛКАТА НА СЕКТОРОТ ЗА УРБАНИЗАМ НА ГРАД СКОПЈЕ, АРСОВСКА ВЕЛИ ЈА ЗАПЛАШУВААТ НАМЕСТО ДА ГО АПСАТ ГАНИУ
- СЕГДЕ ИМА ДИВОГРАДБИ, НЕ САМО ВО ЧАИР, ИМА ИНСТИТУЦИИ КОИ ТРЕБА ДА ПОСТАПАТ АКО ИМА НЕШТО НЕЗАКОНСКИ, РЕЧЕ ГАНИУ И ЈА ОБВИНИ АРСОВСКА ДЕКА ОДРАБОТУВА ЗА ДУИ
Градоначалничката рече дека откако на 27 мај алармирале на терен за дивоградбата која што градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу ја впишал врз база на фалсификати, еден час подоцна Ганиу изготвил решение за поништување на сопственото решение и го поднесол до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за подоцна да може да ја уништи целата документација.
Ганиу на прес-конференција на 29 мај рече дека секаде во Скопје имало дивоградби не само во Чаир, а ако имало нешто незаконско во неговото работење институциите нека постапат.
Арсовска кажа рече дека Финансиската полиција отишла дома кај раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје Ивана Бајкова-Шаља и ја повикала да дојде да даде исказ за одреден предмет од пред неколку години. Таа рече дека со ова функцонерите на „Вреди“ кои се власт ѝ вршат притисок и ја заплашуваат Бајкова-Шоља, бидејќи таа кажа дека зградите дивоградби во Чаир се небезбедни и оти може да се случи уште поголема трагедија од онаа со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 62 жртви. Арсовска вчера отиде во Финансиската полиција да побара заедно со заменик-директорот Илбер Имери од „Вреди“ да одат дома кај Висар Ганиу, за да постапат за криминалите кои ги прави.
Мицкоски кажа и дека првата половина на јули ќе се знае кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ. Данела Арсовска на локалните избори во 2021 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје. Кавгата меѓу нив почна во 2022, кога Арсовска го разреши тогашниот директор на „Водовод и канализација“ Златко Перински, кој сега во Владата на Мицкоски е министер за локална самоуправа. Арсовска тогаш рече дека им го „фатила рачето во медот“ и затоа не им чини.
На 20 октомври лани, Арсовска го нарече премиерот Мицкоски суетен и рече дека предводи Влада со „секташко ментална состојба“. Реакцијата ѝ следеше откако Владата не прифати ниту еден од 20 проекти со кои Град Скопје аплицираше на повикот за помош на Општините од унгарскиот кредит.
На 30 август лани, Арсовска испрати писмо до Мицкоски во кое го замоли да престане со блокадата и сам да набави нови градски автобуси ако не сака тоа да биде преку Град Скопје. Таа реагираше откако на 29 август советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа да се набават нови автобуси, поради што немаше мнозинство и одлуката не помина. За одлуката гласаа сите останати советнички групи, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот.
Б. НЕСТОРОСКА