Пцовисана змија нашле жителите од пелагониското село Мусинци во резервоарот за вода пред шест дена, кога самите доброволно го исчистиле откако ниедна институција не се сметала за надлежна да го стори тоа. На снимките кои ги снимија жителите, се гледа дека змијата толку долго била во водата што кожинката е залепана за бетонот.
„Ете што вода се пие“, велат жителите на видеото, иронично додавјќи дека наместени се „нови“ цевки, додека од нив ја чистат зафатената ‘рѓа. Песок нема воопшто, само тиња и со лопати црпат по валканата течност.
„Барање доставив до ЈКП ‘Водовод’ Битола‘, им реков катастрофа е базенот, има внатре змии пцовисани. Ни рекоа ќе интервенираме, а потоа два месеца не се јавија воопшто. Од Општина Могила ни рекоа дека не е во нивна надлежност, не било до градоначалникот. Снимивме за светот да виде што пиеме, и ние и децата. Не е хлорирана. Што чекаат, некој да се разболи? Редовно плаќаме сметки за вода“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Јоце Здравески, претседател на месната заедница во Мусинци.
Жителите се пожалија дека со денови остануваат и без вода.
Градоначалникот на Могила, Драганчо Саботковски, во телефонски разговор ни рече дека битолски „Водовод“ е надлежен и за резервоарот и за линијата за водоснабдување.
Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Андреј Гинов, вели дека имал средба со жителите. Како претпријатие се задолжени да го снабдуваат Мусинци, како и другите пелагониски села со вода од градскиот водовод, но немаат обврска да им ги одржуваат резервоарите.
Тој се пожали дека во селото енормно се троши питката вода. Наутро се полни резервоарот, а навечер жителите го празнат. Вели дека ниеден водовод во државата не може да издржи таков притисок.
„Во селата енормно трошат вода, да не речам се злоупотребува. Истиот резервоар е за Овчи Баир, Новаци, Могила и за градското подрачје. Лани во летниот период немаше притисок зашто енермно ја трошат водата. Не ги потценувам жителите од Мусинци, но градот е приоритет број еден, не може во една вечер 60 до 70 метри кубни вода да трошат или за три дена 230 кубици. Тоа по жител е 1.200 литри од вечер. Јас како четиричлено домаќинство трошам 10.000 литри вода цел месец, тие на жител за 10 дена до 15.000 литри. Резервоарот е со питка вода за пиење капење и перење, не е за други работи“, вели Гинов.
Жителите на ваквите обвинувања велат дека сите имаат бушотини и дека никој не ја користи водата за пиење за наводнување на нивите.
Во изминатите години поголем дел од битолските села беа приклучени кон градскиот водовод со цел да добијат безбедна вода за пиење. Претходно се снабдуваа од сопствени водоводи кои беа крајно запуштени, па жителите пиеја бактериолошки загадена вода.
Ж. ЗДРАВКОВСКА