Најмладото од трите деца на татко скопјанец и мајка бугарска државјанка, кое се родило во 2002 во Клиничкиот центар во Скопје, никогаш не е впишано во Матичната книга на родените. Седумнаесет години овој млад човек попусто бара од државата да добие Извод од матичната книга на родени, нешто што никогаш го немал. Ова момче, дискриминирано на најстрашниот можен начин од неук државен апарат, живее во траума и деноноќно исчекување.
Во стрес, пораз и тага го чека полнолетството кое наскоро ќе дојде, а тој, одличен ученик од прво одделение до трета година без ниту една пониска оценка во свидетелствата, со бројни награди, први, втори места на домашни и натпревари под меѓународно покровителство, не може да сонува за лична карта. Нема да може в година ниту да се запише на факултет, ниту за првпат да гласа на избори.
Идентитетот на малолетникот нема да го откриеме, поради заштита на неговите права. Ова дете не е фантом, има родители, брат, сестра, има датум, час, место на раѓање, изјава од татка си дека е негово дете. Буквално сѐ што бара законот за секое новородено дете да добие извод на раѓање. По 15-годишна безуспешна битка на родителите да го впишат во Книгата на родени, тие пред две години во очај се обратиле кај Народниот правобранител Иџет Мемети. Случајот го води неговата заменичка Сузана Салиу.
„Ова е апсурдна ситуација, млад човек да заврши средно училиште, а да нема извод на родени. Управата за водење матични книги веќе 10 години е орган на Министерството за правда. Целта да се префрли од МВР во Правда беше да се олесни процедурата за добивање лични документи од матичната евиденција. Но оваа Управа што прави? Изразува сомнеж кон секој акт, списа, изјава. Таму работат луѓе кои наопаку и регресивно ги толкуваат законите. Луѓе кои немаат капацитет за доследно спроведување на законите и најдобрите прописи, тие ги толкуваат регресивно и наопаку, волунтаристички и арбитрарно, без никаква сервисна ориентација. А токму тоа треба да ѝ биде целта на администрацијата. Да ѝ биде основа во работењето, место да ги загушува граѓаните од сите страни“, револтирана е Салиу.
За овој тежок и можеби единствен ваков случај во Македонија таа вели дека, всушност, само за администрацијата има проблем, зашто објективно не постои.
Мајката В. Е. А. и таткото Ѓ. С. се обиделе да склучат брак во Македонија, но не успеале во тоа, бидејќи таа не доставила оригинални документи за нејзиниот поранешен брачен статус во Република Бугарија.
„Мајката на момчето без извод е бугарска државјанка, која подолг период живее во вонбрачна заедница со македонски државјанин. Претходно, во дводецениската врска тие имаат две деца, кои за среќа се родиле во Србија. За српските власти не било проблем со изјави од родителите, машкото и девојчето што се родиле таму да ги впишат во книга на родените и да им дадат извод. Проблемот е нивниот брат, кој за несреќа се родил во држава со ваква администрација“, вели Заменичката-народен правобранител Салиу.
Извод на 17-годишникот Управата не му дава зашто кога се родил, бракот со првиот маж на мајка му на хартија сѐ уште не бил раскинат, иако таа две децении не живеела него туку живеела со невенчаниот сопруг кому му родила три деца. Првиот маж живее во Бугарија. Подоцна таа се развела од него, но штетата, според ригидното размислување на овдешната администрација, е направена за третото дете кое се родило тука.
Најсуровото од сѐ во голготата на ова момче е опцијата што ја нуди Управата пред Народниот правобранител кој го работи случајот од 2017, за да му даде извод на родени. Сакаат да му го пишат татко непознатиот човек од Бугарија, а не вистинскиот, вели Салиу и најавува понатамошна битка со институциите за момчето да ја добие правдата.
„Првин, родителот што не му е татко, ќе го оспори татковството кога ќе дознае. Второ, кога ќе извади лична карта со човек од странство кој не му е татко, таа ќе биде за странци и секоја година ќе треба да ја обновува. Знаете ли кој пекол е тоа?“, вели Сузана Салиу.
Кога била поднесена претставката, Салиу вели дека веднаш со писмо се обратиле во скопската Управа за водење матични книги и оттаму добиле бирократски одговор. Поради тоа, отишле таму, направиле увид.
„Им кажавме во Управата дека мора да го запишат детето, зашто прават флагрантно кршење на човековите права. И што прават потоа? Го малтретираат уште пожестоко. Побарале од мајката да донесе податоци кога бил склучен бракот со човекот од Бугарија и кога се развела. Од економски причини таа не можела да го обезбеди тој меѓународен извод. Кога видовме дека се упорни, преку Омбудсманот на Бугарија го обезбедивме изводот веднаш. Датумот на раѓање на момчето се совпадна со периодот кога нејзиниот брак сѐ уште постоел на хартија, а таа си живеела во вонбрачна заедница со нашиот државјанин и веќе имала две деца со него, признати, со изводи добиени од српските власти без никаков проблем. Бракот на мајка им во Бугарија завршил одамна, таа си живеела вонбрачно со таткото на нејзините три деца“, раскажува Салиу.
На момчето во Управата му рекле дека ќе му дадат извод и со невистинитиот татко, но излажаа, вели Салиу. Кога отишле момчето и мајката, во Управата измислиле ново барање: „Сега да донесете потврда за завршено основно училиште“, им рекле во управата.
„Момчето се разочара. Не одам веќе, рече!“, вели Салиу.
Народниот правобранител отишол во училиштето по потврда. Се чуделе какво е тоа барање, никогаш не издавале таква потврда. Кога ја однеле потврдата во Матично, тогаш на Народниот правобранител му рекле:
„Аааа, сега дајте ни потврда за примени вакцини“.
„А каде пишува дека треба потврда за основно училиште и потврда за вакцини?“, ја прашал Омбудсманот службата.
„Никаде, ама се водиме од пракса“, одговориле од зад шалтерот.
Сега случајот го презела централната Управа за водење матични книги. Законот никаде не предвидува категорија за незапишување дете.
Од Управата за водење матични книги не одговорија дали ќе го испочитуваат Законот за семејство и со изјавата на вистинскиот татко ќе му дадат за првпат извод на 17-годишното момче, или пак ќе инсистираат да му пише лажен татко од странство.
С. К. ДЕЛЕВСКА