ДА ЈА СЛУШАА ПДП ВО 1991, НЕМАШЕ ДА ИМА КОНФЛИКТ ЗА РАМКОВЕН ДОГОВОР, ВЕЛИ ИСМЕТ РАМАДАНИ

ДА ЈА СЛУШАА ПДП ВО 1991, НЕМАШЕ ДА ИМА КОНФЛИКТ ЗА РАМКОВЕН ДОГОВОР, ВЕЛИ ИСМЕТ РАМАДАНИИсмет Рамадани беше пратеник на ПДП во првиот состав на повеќепартиското Собрание - (Фото: СДК.МК)

 

25god

 

 

Со интервјуто со Исмет Рамадани, кој беше пратеник на ПДП во првиот состав на повеќепартиското Собрание, САКАМДАКАЖАМ.МК ја продолжува серијата прилози посветени на 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија. Во текот на месецов ќе следат интервјуа со пратеници и функционери од првиот состав и други јавни личности, фотогалерии и видеа од историските настани за осамостојувањето на државата.

Исмет Рамадани е пратеник од првиот состав на повеќепартиското Собрание, од Партијата за демократски просперитет  (ПДП). Тој беше пратеник во периодот од 1991 до 1998, и од 2002 до 2006 година.

Рамадани вели дека ако се прави споредба како беше во 90-тите години и сега, разликата e многу голема, затоа што многу посмело и поодлучно се пристапувало кон тоа што значи остварување на права, демократија, плурализам и демократски институции.

Исмет Рамадани заедно со Ратка Димитрова, првиот кординатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во првиот Парламент на демократска Македонија ги поддржаа пролетните протести на Шарената револуција.

ОДИГРАВМЕ МУДРО, НЕ ЈА МИНАВМЕ ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА

„Не беше лесно, затоа што требаше да се направи премин од еден систем, од комунизам, кон плурализам“, се сеќава Рамадани на 1991 година. „Имаше такви сили кои тешко прифаќаа промени на системот. Уште потешко беше, бидејќи тогаш почнаа првите организирани паравоени формации во Хрватска,  а во Србија беше режимот на Милошевиќ. Република Македонија се најде во ситуација да мора да одигра филигранска игра за да го одбегне  најлошото -војна“, Рамадани.

ismet-ustav-sobranie

„Времето покажа дека Уставот во 2001 година беше генератор на криза“ , вели Рамадани. Пратениците на ПДП на 17 ноември 1991 година не гласаа за првиот Устав на независна Република Македонија – Исмет Рамадани со пратениците од неговата партија седат додека останатите пратеници аплаудираат по донесувањето на Уставот (архивска снимка)

„Мислам дека многу мудро одигравме, од претседателот Киро Глигоров  до Парламентот. Не одевме преку црвена линија да дојде до конфликт и дојде моментот кога Македонија се прогласи за независна држава. Се разбира дека тие одлуки беа многу тешки, донесени во Парламентот и од тогашната влада која беше експертска. Но, и покрај сите тие жестоки полемики и различни ставови како да дојдеме до независноста, мислам дека одговорноста кај колегите, пратениците беше голема. На крајот, се одеше на некој компромис кој одеше во корист на државата, на граѓаните“, вели тој.

УСТАВОТ БЕШЕ ГЕНЕРАТОР НА КРИЗА

Рамадани кажува и зошто пратениците Албанци не гласаа за првиот Устав: „Партијата за демократски просперитет, како единствена опција која ги претставуваше Албанците, имаше барања во однос на националните права и затоа и имаше несогласувања. ПДП не гласаше за Уставот, затоа што тогаш мислеше дека за некои прашања кои се однесуваат за правата на Албанците треба уставно подобро да се решат.Тогаш ние кажавме дека можно е понатаму самиот Устав, како највисок правен акт, да биде генератор на некоја политичка и правна криза. И времето покажа дека Уставот во 2001 година беше генератор на криза“, вели Рамадани.

Тој потсетува дека ПДП имаше умерени барање за правата на Албанците.

„Одевме чекор по чекор, прво сакавме да се создаде позитивна јавност и правата да си дојдат како нешто нормално. Ние тогаш доставивме декларација за рамноправен статус на Албанците во Македонија. Влезе во парламентарна дебата, но немаше спремност да се донесе. Оправдувањето на СДСМ, со која тогаш бевме во коалиција, беше дека радикално може да реагира ВМРО-ДПМНЕ и дека можеме да создадеме ситуација која нема да може да се контролира“, вели Рамадани и додава: „Времето покажа дека да се пристапеше сериозно кон таа декларација и кон тие барања, можеби ќе немавме потреба  од Рамковен договор после конфликт“.

ismet-printskrinТој се сеќава и на протестите пред Парламентот против формирањето Педагошки факултет на албански јазик во 1997.

„Ние ги собравме тогаш интелектуалците Албанци, толку-колку ги имавме и направивме елаборат како да функционира Педагошкиот факултет и отидовме кај претседателот Киро Глигоров. Имаше настава на албански јазик во основно и средно образование, па нормално дека требаше да има и професори. И тогаш ние мислевме дека се договоривме. Но, почнаа демонстрациите пред Собранието. Многумина од тие што беа најгласни кои бараа гасни комори за Албанците, неколкумина од нив кои беа поекспонирани, влегоа во врвот на ВМРО-ДПМНЕ и тие истите кои тогаш беа против Педагошкиот факултет, подоцна гласаа за легализација на Тетовскиот универзитет“, се сеќава Исмет Рамадани и додава: „Им недостигаше смелост и визија. Им требаше време за да сфатат дека најважен е квалитетот на наставата, а не на кој јазик ќе се одвива“.

ИЛИРИДА БЕШЕ СТРАВ ОД ОД ВТОРИОТ ДЕЛ ОД РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ

На 11 јануари, 1992, се  одржа референдум за автономија на Албанците во западниот дел од Македонија – вклучувајќи ја и Илирида. Референдумот и резултатите беа прогласени за нелегални. За самопрогласената Илирида, тогашниот пратеник и член на раководството на ПДП Исмет Рамадани, раскажува:

„Имаше една појава во бивша Југославија на автономии, почна во Хрватска, Босна и Херцеговина, Санџак… Косово од поодамна бараше да стане република, под услов ако останеше Југославија. Дојде време кога ние, и Албанците и Македонците, во Македонија живеевме под  страв. Што беше стравот? Нашите граници беа порозни во однос на тогашните воени формации на Милошевиќ. Од самите граѓани произлезе некакво барање во случај ако бидеме нападнати како Република Македонија, нормално како Албанци, тогаш ние како партија да смислиме нешто за да се одбрани тоа што е територија, народ, граѓани… Тогаш се прогласи таа автономија, која беше наречена Илирида. Дури и се гласаше. Мора да кажам дека во однос на гласањето, експертската влада, на такво едно гласање на политичка територијална автономија не беше агресивна. Им дозволи на граѓаните да се гласа. Нам ни беше потребен некаков политички капитал во смисла, ако одлучи некој да се здружи со некоја република, Албанците да го имаат тој капитал, односно слободно изразената волја, дека ние не припаѓаме таму. Тоа можеме да го поврземе со референдумското прашање. За Албанците, вториот дел на прашањето “со право спојување со друга“, беше многу индикативен. Тогашната атмосфера беше што и да се случи, Албанците нема да прифатат да бидат во заедничка држава со таа Југославија каде доминираше режимот на Милошевиќ“, ја објаснува Рамадани идејата за Илирида.

Тој вели дека гледано од оваа дистанца, референдумот за Илирида тогаш бил оправдан. „Сега имаме друга ситуација. Македонија е членка на ООН. Албанците ја прифатија опцијата за евроатлански интеграции и со таа опција ентузијазмот за спојување на  територии веќе спласна. Фала богу што и Македонците и сите други народи кои живеат во Македонија се определија за тие процеси“.

RATKA I ISMET

Tоа што и старите ВМРО-вци од 1991 и ние од ПДП кои тогаш бевме на спротивставени страни, ја поддржавме Шарената револуција, тоа значи дека дефинитивно нешто лошо ни се случува – Исмет Рамадани и Ратка Димитрова на протест пред Владата на Република Македонија

ОВАА ВЛАСТ Е НАЈЛОШАТА ВО 25 ГОДИНИ НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

На прашањето како се случи за време на еден протест на Шарената револуција со некогашната лута противничка Ратка Димитрова заедно да држат говор, Рамадани одговара:

„Тоа значи дека дефинитивно нешто лошо ни се случува. Дефинитивно и тие кои беа од ВМРО-ДПМНЕ, па и ние од ПДП сметаме дека оваа власт, од оваа дистанца, е најлошата власт во 25 години независна Република Македонија. Зошто? Затоа што, оваа власт воопшто нема ни тронка искрено чувство за демократска република Македонија. Воопшто не се одговорни и немаат срам во тоа што значи криминално дејание, корупција, одговорност… Најмалку  мислат што е  држава, што е обичен граѓанин. Тие политиката  ја водат врз основа на клиентела. ВМРО-ДПМНЕ си има своја клиентела. ДУИ исто така сите луѓе ги има врзано врз основа на интерес. И што е најлошото, во нивните раководства упорно се мисли дека, ако не си член на ВМРО-ДПМНЕ, не си добар Македонец, односно ако не си член на ДУИ, не си добар Албанец. И уште полошо тие не можат да ја смислат опозицијата. Не знам тогаш дали знаат што е демократија? Честопати слушам јавно како кажуваат, ајде да ги докрајчиме овие од опозицијата. Ако малку се размислува како водиш политика, ако размислуваш другиот да го докрајчиш, да го снема, тогаш сам признаваш дека си во еден систем на диктатура, полош од системот кој беше комунистички“.

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари