ДЕЦАТА ОД ГРУПНИОТ ДОМ ВО ТИМЈАНИК СЕГА РОДЕНДЕНИТЕ ГИ СЛАВАТ СО ЖИТЕЛИТЕ КОИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ НИВ

    ДЕЦАТА ОД ГРУПНИОТ ДОМ ВО ТИМЈАНИК СЕГА РОДЕНДЕНИТЕ ГИ СЛАВАТ СО ЖИТЕЛИТЕ КОИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ НИВЖителите на Тимјаник кои протестираат против отворање на групен дом за деца со попреченост, сега секојдневно се гости во куќата, се дружат со децата и им помагаат на негувателите. (Фото: К. Попов)

    Малиот групен дом во неготинското село Тимјаник, година и половина по протестите на локалните жители против неговото отварање, сега постојано е полно со децата од селото и нивните родители. Тие се секојдевни гости во дворот и куќата каде се сместени четири деца со тешка интелектуална и физичка попреченост. Покрај дворот, омилено место каде децата од селото си играат со нивните нови соседи е сензорната соба.

    „Сликата од пред година и половина кога го отворивме домот сега е целосно сменета. Секојдневно жителите на селото ни се гости, а и ние одиме кај нив. Кога ќе тргнеме со децата на прошетка, секогаш имаме друштво со нас. Кога славиме родендени на децата, куќата е полна со деца и сите заедно ги дуваме свеќичките. Потребно беше време да си прифатат различностите, но сега жителите сфатија дека без разлика на попреченоста децата треба да живеат како и сите наши деца“, вели Душица Вулиќ-Димова, координаторка на малите групни домови за деца со тешки попречености во Тимјаник, Неготино и Корешница.

    Во малиот групен дом во Тимјаник се сместени 4 деца со тешка физичка и интелектуална попреченост, кои до пред 1,5 година живееле во Заводот Демир Капија. (Фото: К. Попов)

    Во групниот дом во Тимјаник се сместени 4 деца, за кои се грижат негуватели, дефектолози и физеотерапевт. Пред 1,5 година тие беа сместени во Специјалниот завод Демир Капија, а сега наместо во институција живеат во дом, со своја спална соба, просторија за играње и сензорна соба. Условите во куќата во Тимјаник не можат ниту да се споредат со оние во Заводот Демир Капија. Големата зградата изградена пред 70 години, не само што не личи на дом, туку откако ќе ја посетите првата мисла е дека ниту еден човек, ниту едно дете не заслужува да живее во такви услови. Сите оние што имаат предрасуди и не сакаат лица од оваа институција да живеат на нивната улица, во нивната населба или село, треба да го посетат Заводот и мислењето тогаш ќе им биде поинакво.

    Еден дел од зградата сега се реновира оти условите биле ужасни, ѕидовите црни од влага, подот уништен. Во оној дел каде сега се сместени лицата условите не се многу подобри. Креветите се стари, се чувствува непријатна миризба, но како што велат вработените многу помалку за разлика од пред неколку години.

    Но сликата по која сега Заводот се разликува од пред две години е дека во него нема деца. Децата, откако Министерството за труд и социјална политика го почна процесот на деинституционализација, се извадени од  институцијата и сместени во 2о групни домови, кои се отворени во повеќе градови.

    Групниот дом во село Тимјаник (Фото: К. Попов)

    „Беше ужасно тешко кого почнавме со процесот на извлекување на луѓето сместени во Заводот. Отпорот доаѓаше и од вработените, најверојатно бидејќи се плашеа за нивните работни места. Но, сега сите кои од тука заминаа во мали групни домови велат никогаш повеќе нема да се вратат во институција. Грижата за децата сега е многу поголема. Се грижат за 4 деца и целосно им се посветуваат, не само на нивната нега туку и нивните потреби и желби“, вели Александра Велковска, директорка на Специјалниот завод Демир Капија.

    Во Заводот во 2017 година сместени 274 лица, а сега таа бројка е намалена на 187. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека до крајот на 2021 ниту едно лице нема да живее во институција.

    Во Специјалниот завод Демир Капија сега се сместени 187 лица, а министерката Царовска вели до крајот на 2021 ниту едно лице нема да живее во оваа институција. (Фото: К. Попов)

    „За две години успеавме сите деца од институции да ги сместиме во мали групни домови. Многумина ми велат дека преамбициозно звучи како велам дека до крајот на 2021 година Заводот во Демир Капија ќе биде празен. Јас им велам дека многу повеќе луѓе не веруваа дека толку многу ќе постигнеме само за две години откако го почнавме процесот на деинституционализација“, вели Царовска.

    Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, бројот на лица сместени во институции за две години е намален за 43,2 отсто. Во 2017 бројката била 482 лица, 376 во 2018, а во до крајот на ноември оваа година во институции живеат 274 лица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира