Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ѝ препорача на Клиниката за детски болести во Скопје во рок од 90 дена да ја отстрани дискриминаторската практика и да пронајде начин да овозможи услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца. Ако лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци. Ова е одлуката на Комисијата, која утврди дека е директна продолжена дискриминација кога таткото не може да го придружува болното дете на Клиниката, додавајќи дека продолжената дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.
Комисијата постапуваше по претставка поднесена од Македонското здружение на млади правници поради сторување на директна продолжена дискриминација по основ на пол во областа на здравствената заштита.
„Имено, при хоспитализација на дете на Клиниката во Скопје, таткото е спречен во можноста да го придружува своето дете поради праксата на Клиниката дека придружувањето на детето во текот на вечерта е дозволено само за мајката, а во случај на спреченост на мајката, истото е овозможено само за роднини на хоспитализираното дете од женски пол (баба, тетка, вујна, стрина итн). Со дискриминација по основ на пол, освен таткото на малолетното дете, се соочуваат и други родители на малолетни деца кои имаат потреба од хоспитализација во ЈЗУ УК за детски болести Скопје“, соопшти Комисијата.
Клиниката ја известила Комисијата дека како јавна здравствена установа постојано прави напори за да обезбеди колку што е можно подобри и посоодветни услови за заштита и грижа на здравјето на децата, но има ограничен простор на располагање, па поради тоа просторните услови не дозволуваат физички односно во различни простории да се поделат децата кои се со придружник мајка и децата кои се со придружник татко.
Клиниката наведува дека и во ваква ситуација кога болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет, се пресоблекуваат итн. Единствена причина поради која евентуално би можело да се случи на родител-татко да не му биде дозволено да биде придружник на своето дете во нивната клиника е поради тоа што не е соодветно родители од различни полови заедно со своите деца да престојуваат во заеднички простории.
Во својата одлука, Комисијата посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја дискриминација врз која било дискриминаторска основа, вклучително и полот.
Продолжена дискриминација претставува потежок облик на дискриминација-дискриминација што е вршена врз едно лице или група непрекинато, во подолг временски период , врз дискриминаторски основи е утврден во случајот од причина што е земен во предвид и фактот дека дискриминација по ова прашање се констатирала и во 2016 од Народниот правобранител и дека и покрај тоа што се дадени препораки и насоки за отстранување на дискриминацијата до Универзитетската клиника и директорите на клиниките каде што постојат детски одделенија сѐ уште не се спроведени.
Законот за здравствено осигурување ја предвидува можноста детето да биде придружувано за време на долготрајна и краткотрајна болничка здравствена заштита. Имајќи ја предвид оваа одредба, законот не предвидува дека придружник може да биде само лице од женски пол, туку терминот придружник се однесува и на машки и на женски пол.
„Согласно Законот за здравствено осигурување, како членови на семејство на осигуреник, во смисла на овој закон се сметаат: брачниот другар и децата родени во брак, или вонбрак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување. Бабата, вујната, стрината или други роднини на осигуреникот не се сметаат како членови на семејството. Право на боледување за негување на болен член на потесно семејство над тригодишна возраст но не повеќе од 30 дена, избраниот лекар може да го издаде само на членови на потесното семејството на осигуреникот (брачниот другар и децата родени во брак или вон брак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување). Ова значи дека од потесно семејство се исклучуваат родителите на осигуреникот, како мајка, татко, потоа баба, дедо, внуци, свекор, свекрва, па затоа за нив лекар нема право да издаде боледување за нега. Ова оди во прилог на тврдењето дека неосновано се повикуваат во својство на придружници лица кои согласно закон не се сметаат како членови на осигуреникот“, истакнува Комисијата.
Б. НЕСТОРОСКА