Eкономскиот директор на Клиниката за детски болести Ридван Ибраими ќе ја потпише одлуката за набавка на оригиналниот хормон за раст, кој е неопходен за да продолжи лекувањето на 30 деца со проблеми во растот. Ибраими го промени мислењето откако вчера го доби мислењето што минатиот четврток го потпишаа пет супспецијалисти од Детската клиника чии пациенти се овие деца, дека преминувањето на биолошки сличен лек може да има последици по нивното здравје.
„Со ова супспецијалистичко мислење имам законско покритие зошто ќе потпишам да се набават два генерички исти лека, од кои оригиналниот хормон за раст е за 50 насто поскап. Ја очекувам одлуката на Управниот одбор на Клиниката и веќе утре ќе се направи ревизија на одлуката за распишување на тендерот. Морам да нагласам дека буџетот за набавка на хормонот за раст е утврден на 54 милиони денари и тој не може да се корегира, што значи дека ние како клиника нема да можеме да го зголемиме бројот на деца со проблеми во растот што ќе се лекуваат, иако на листата на чекање има дваесетина покрај оние стотина што веќе го примаат хормонот. Во своите проценки поаѓав од искуството на Шведска, каде од 102 деца кои го примале оригиналниот хормон за раст 98 преминале на поевтиниот биолошки сличен, а тие што одбиле сами ја доплаќаат разликата. Идејата ми беше со набавката на биолошки сличниот лек да успееме да ја прошириме листата барем за уште десетина деца“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК. економскиот директор Ибраими.
Битката за набавка на оригиналниот хормон за овие 30 деца кои го примаат од почетокот на лекувањето, за разлика од другите 70 кои се лекуваат со биолошки сличниот, почна уште на почетокот на летото кога го снема лекот и кога Детската клиника мораше да го набави по итна постапка. По своја иницијатива, постапка спроведе и Народниот правобранител, која минатата недела заврши со поднесување препорака за заштита на правата на овие деца до Детската клиника, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Омбудсманот ја почна процедурата по неколкуте јавни реакции на Здружението „Раст”.
„Во неколку наврати сум изјавила, а и сега по препораката од Народниот правобранител потенцирам дека како директор на Детската клиника нема да дозволам да биде загрозено здравјето макар на едно дете, а камо ли на 30 колку што во моментов го примаат оригиналниот хормон за раст. Сите студии врз база на докази покажуваат дека промената на терапијата кај овие деца со биосимулар е ризична и дека се можни последици врз нивното здравје, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК. во петокот д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.
Народниот правобранител во дописот до трите надлежни институции укажува и препорачува да преземат итни мерки за непречено обезбедување на терапијата за овие деца.
„Ние инсистираме во активностите кои се преземаат секогаш да се тргне од тоа што е најдобро за детето согласно Конвенцијата за заштита на правата на децата на Обединетите нации чиј што потписник е и Македонија, а во која меѓу другото е нагласена потребата од квалитетна и ефикасна здравствена заштита на децата. Затоа, препорачуваме да се создадат сите потребни услови терапијата на овие деца да продолжи со истиот оригинален хормон за раст со кој се третираат од почетокот на нивното лекување и да не се воведуваат промени кои може да предизвикаат несакани последици врз нивното здравје“, вели Васка Бајрамовска Мустафа, заменик Народен правобранител.
Терапијата за децата со проблеми во растот сега се дели само во Клиничкиот центар во Скопје, па во препораката Народниот правобранител бара здравствените институции да ја разгледаат и можноста за дисперзија на хормонската терапија во здравствените домови низ државата за чие издавање би се оспособил соодветен стручен кадар.
“Така би се надминале финансиските проблеми на родителите на овие деца кои секој месец мора да доаѓаат во Скопје за да ја подигнат терапијата”, укажуваат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Министерството за здравство, Фондот за здравствена заштита и Клиниката за детски болести имаат законски рок од еден месец да се изјаснат дали ќе ја почитуваат препораката на Народниот правобранител.