ДРЖАВАТА 2,5 ГОДИНИ НЕ МИ ДАВА ДА ПРООДАМ, ВЕЛИ СНЕЖАНА КАРАЏОВСКА СО ДВЕ АМПУТИРАНИ НОЗЕ

„Се чувствувам виновна што сакам да проодам. Ме боли душата и не знам што веќе да направам.“

ДРЖАВАТА 2,5 ГОДИНИ НЕ МИ ДАВА ДА ПРООДАМ, ВЕЛИ СНЕЖАНА КАРАЏОВСКА СО ДВЕ АМПУТИРАНИ НОЗЕСнежана вели дека и покрај тоа што ѝ се дадени протези, таа не може да направи ниту два чекори со нив бидејќи не се соодветни за нејзе, а ниту некој во фазата на лекување и физикална терапија ја научил да оди; - Караџовска на Женската трка минатиот месец низ Скопје. (Фото: К. Попов)

Две години и 8 месеци се борам со државата да ми даде можност да проодам, вели Снежана Караџовска на која на 6 септември 2016, по сообраќајна несреќа во Турција ѝ беа ампутирани двете нозе. И покрај тоа што има конзилијарно мислење во кое се препорачува лекување во странство, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) не ѝ одобрува пари, па Снежана е врзана за својата инвалидска количка.

Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Караџовска вели дека и покрај тоа што ѝ се дадени протези, таа не може да направи ниту два чекори со нив, бидејќи не се соодветни за нејзе, а ниту некој во фазата на лекување и физикална терапија ја научил да оди.

„Ги прашував докторите проодел ли некој досега кај нас со две ампутирани нозе, не знаеја што да ми кажат. Видов дека никој нема да ми помогне, па само учев и барав доктори од странство да ми кажат дали во мојот случај е можно проодување“, вели Снежана Караџовска. (Фото: Фејсбук)

„Кај нас, кога ќе ви се случи траума вие со семејството сте оставени сами на себе. На почетокот на моето лекување кога ми ги дадоа протезите бев пресреќна, си реков сега ќе можам да одам. Но, кога стигнав во Заводот за рехабилитација во Козле, сите ме гледаа и не знаеја што да прават со мене. Не знаеја да ми ги стават протезите, а камоли да ме научат да одам и што е најважно како да станувам и седнувам. Физикалната терапија траеше само 15 дена, што е недоволно. За случаи како мене треба најмалку 6 недели вежби. Морам да плаќам приватно физиотерапевт за да научам да ги ставам. Но џабе, јас со овие протези не можам да одам. Можам да направам само неколку чекори и притоа да се држам за дубак и со помош на двајца луѓе да станам и седнам. Ги прашував докторите, проодел ли некој досега кај нас со две ампутирани нозе, не знаеја што да ми кажат. Видов дека никој нема да ми помогне, па само учев и барав доктори од странство да ми кажат дали во мојот случај е можно проодување“, вели Караџовска.

Снежана стапила во контакт со болница во Холандија, каде со зафат наречен осеоинтеграција, лица со две ампутирани нозе над колена можат да одат. Оваа хируршка интервенција вклучува поставување импланти и протези и со 40 дена рехабилитација чини 120.000 евра.

„Јас речиси две години чекав и барав од нашите доктори, лекари и физеотерапевти да ме обучат да одам. Не барав да одам во странство на лекување, но тоа не го направија. Ги прашав, зошто не ме научивте да одам? Не ми кажаа ништо. Потоа, решив да побарам конзилијарно мислење за да се лекувам во странство каде ваквите случаи како мене проодуваат“, вели Караџовска.

Во конзилијарното мислење кое го добила, стои „неможност да се спроведе соодветно лекување или на некоја од фазите на лекувањето во здравствените установи во Македонија, поради немање на вештини, знаење, технички материјали и услови да се изврши овој тип на оперативна интервенција, после која следи медицинска рехабилитација која исто така не се спроведува во Македонија. Со издавањето на овој предлог се упатува на лекување во странство, конзилиумот тврди дека се исцрпени сите можности за лекување во Републиката и гарантира дека се исполнети законски предуслови за лекување на осигуреникот во странство“.

Конзилијарното мислење со кое Снежана се упатува на лекување во странство.(Фото: СДК.МК)

Но и покрај ваквото конзилијарно мислење, Фондот не ѝодобрува средства на Караџовска за лекување во странство.

„Ако ова не е доволно, не знам што е доволно. На ова ми одговорија од Фондот дека не се исцрпени сите можности во Македонија, а не наведуваат кои се можностите. Во конзилијарното мислење  стои дека се исцрпени сите можности, ама Фондот ми вика – не, не се исцрпени. Ми го земаа достоинството. Се чувствувам виновна што сакам да проодам. Ме боли душата и не знам што веќе да направам. Немам време за чекање бидејќи ако после 2-3 години после ампутацијата пациентот не прооди, многу се помали шансите потоа. Поднесов и тужба до Управен суд, го чекам одговорот. Но, јас нема да се откажам, ќе ставам шатор пред Влада, за да можат сите да ме чујат. Преку донации се собира помош за мое лекување, но тие пари се недоволни“, додава Караџовска.

Од ФЗОМ, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто на Караџовска не ѝ се одобрува лекување во странство и покрај тоа што има конзилијарно мислење, велат дека при разгледување на предметот во прв степен, дополнително побарале стручно мислење од ЈЗУУ Клиника за ТОАРИЛУЦ, за дообјаснување  е повикан претставник од истата клиника да ја образложи основаноста на издаденото конзилијарно мислење.

Спротивно на конзилијарното мислење, од Фондот за здравствено осигурување  велат дека интервенцијата која ја бара Караџовска има можност да се изврши во земјава и затоа не се одобрува лекување во странство. (Фото: Влада на РСМ)

„Врз основа на сите податоци, Првостепената комисија даде оценка и мислење дека не се исцрпени  можностите за болничко лекување, рехабилитација и поставување на протези во здравствените установи во земјава. Предложеното болничко лекување за оперативна интервенција за имплантација на соодветен имплант во фемурни канали кои понатаму треба да се поврзат со протеза и имплант надворешен, како и предложената медицинска рехабилитација која следи после болничкото лекување има можност да се извршат во нашите здравствените установи“, велат од Фондот.

Од таму додаваат дека по поднесената тужба од Караџовска на првостепената одлука, и второстепена комисија ја донела истата одлука дека постојат услови за лекување во Македонија.

А. АНТЕВСКА

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира