ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ГО ПЛАЌА ТЕСТОТ СО КОЈ СЕ ОТКРИВААТ МНОГУ АНОМАЛИИ КАЈ ПЛОДОТ, НО САМО КАЈ ТРУДНИЦИ СО ВИЗОК РИЗИК, А НЕ ПО НИВНА ЖЕЛБА, ВЕЛИ Д-Р АНА ДАНЕВА-МАРКОВА

Докторката апелира дека пациентките треба да им веруваат на матичните гинеколози, да не претеруваат со испитувања по своја желба и да не се консултираат со групи по социјалните медиуми.

ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ГО ПЛАЌА ТЕСТОТ СО КОЈ СЕ ОТКРИВААТ МНОГУ АНОМАЛИИ КАЈ ПЛОДОТ, НО САМО КАЈ ТРУДНИЦИ СО ВИЗОК РИЗИК, А НЕ ПО НИВНА ЖЕЛБА, ВЕЛИ Д-Р АНА ДАНЕВА-МАРКОВАНеинвазивниот пренатален тест е предност, но треба да биде задолжителен за оние кои имаат среден ризик, а не и кај сите пациентки со низок ризик, освен ако пациентката на свое барање сака да ја има и таа дијагностичка потврда пренатално, вели д-р Данева-Маркова. (Фото: К. Попов)

Државата треба да најде начин да го покрива неинвазивниот пренатален тест за одредена медицинска индикација, за кој сега трудниците плаќаат во приватните лаборатории, вели доцент д-р Ана Данева-Маркова од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК). Д-р Данева-Маркова, која е и професорка и претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство во Министерството за здравство, е децидна дека пациентките треба да им веруваат на матичните гинеколози, да не претеруваат со испитувања по своја желба и да не се консултираат со групи по социјалните медиуми.

Изминативе години, трудниците во земјава, по совет на својот гинеколог, плаќаат околу 36 илјади денари за неинвазивен пренатален тест во 5-6 приватни лаборатории во Скопје.

Д-р Данева-Маркова појаснува дека НИПТ (NIPT) е неинвазивен пренатален тест кој ја анализира слободноклеточната ДНК која циркулира во мајчината крв. Претставува најсофистицирана алатка за скрининг при тестирањето за трисомија 21, 18 и 13 и дополнителни хромозмски абнормалности, која има исклучителна предност во однос на останатите методи на скрининг кои ги користат гинеколозите при водењето на бременоста. Со оглед на тоа дека NIPT ја испитува слободно циркулирачката ДНК, и при тоа ја издвојува слободноклеточната ДНК од бременоста, феталната фракција, дава неспоредливо висока прецизност и доверливост на резултатите за различните групи на генетски синдроми кои може да ја афектираат бременоста во однос на сите останати достапни методи за скрининг (пример, Трисомија 21, 99% специфичност на тестот).

После прв скрининг или после гледањето на евентуални фетални абнормалности во третиот месец од бременоста, е времето кога треба да се каже дали треба или не трерба да се прави неинвазвен тест. (Фото: К. Попов)

„Приказната почнува од пред неколку години, кога се овозможи веќе после вториот месец од кога има циркулирачка ДНК на плодот, најрано во 8. гестациска недела да се земе примерок од крв од мајката и да се одреди дали постои ризик за неколку синдроми. На почетокот беа 3 генетски аномалии, денес веќе драстично се проширува палетата. Најверојатно веќе денес, а уште повеќе во иднина ќе може да се откриваат многу нови генетски аномалии. Најголемата заблуда меѓу пациентите, пак ќе речам, можеби и кај колегите, е на која пациентка да ѝ го препорачаме ова испитување. Од пред 15 години, државата обезбедува бесплатен биохемски скрининг, Приска 1 и Приска 2, за секоја пациентка. Ако се раѓаат 20 илјади бебиња во државата, ние на 20 илјади трудници имаме право да ѝ го дадеме тестот и таа има право да го направи и да ѝ биде бесплатно, бидејќи државата го води како скрининг, односно, во прв триместар од бременоста бараме ризик, ултразвучен или биохемиски ризик за некоја генетска малформација. Порано тестот не беше за сите 20 илјади, туку само за високоризична популација. Но, за жал, некои од тие пациентки несоодветно биле видени, или едноставно биле пропуштени. После одредено време, се решава да не се пропуштаат вакви аномалии“, вели д-р Данева-Маркова.

Неинвазивниот пренатален тест е предност, но треба да биде задолжителен за оние кои имаат среден ризик, а не и кај сите пациентки со низок ризик, освен ако пациентката на свое барање сака да ја има и таа дијагностичка потврда пренатално. Не и кај пациентка која е помалку од 35 години, кај која на ехо при евалуација на структурни аномалии кај плодот нема да се види ништо сомнително и која нема фамилијарен ризик за генетска аномалија. Д-р Данева-Маркова смета дека за пациентките со медицинска индикација може тестот да им биде бесплатен од Фондот, а да се намали брјката на Приска тестовите и дека ќе има идеален баланс.

Д-р Данева-Маркова појаснува дека НИПТ (NIPT) е неинвазивен пренатален тест која ја анализира слободно клеточната ДНК која циркулира во мајчината крв. (Фото: К. Попов)

„Имав пациентка социјално загрозена, над 35 години, на која биохемискиот скрининг и ултразвучниот наод ѝ покажа висок ризик за еден синдром, сето тоа понатаму се потврди со амниоцинезата. Пациентката абортираше, и после забремени по вторпат, и вториот пат со истиот синдром кaј плодот. Да ја имавме оваа опција, државата да ѝ овозможи бесплатен неинвазинен тест, немаше да мора да интервенираме со амниоцинтеза, па да чекаме еден месец резултати, па да дојде 5. месец. Можевме уште во 9. недела да изработиме неинвазивен тест и многу порано да ѝ направиме медикаментозен абортус. На тој начин пациентката ќе има можност да го реши тоа, доколку е согласна секако, во најрани недели од бременоста кога се и најмали ризиците за компликации“, кажа докторката.

„Јас секогаш на пациентката прво ѝ кажувам: Ако го направам овој тест, докажувам тоа и тоа. Но, ти можеби си спремна да родиш такво бебе. Вашата одлука е последна и секогаш правилна како пациент. Ретко, ама има пациентки кои знаат да ми кажат: ‘Не ми е важно, јас сакам да родам живо дете, не ми е важно дали ќе има некоја мана“, вели д-р Данева-Маркова.

Таа вели дека затоа неинвазивниот пренатален тест на државно ниво е проект кој ќе треба да се испилотира, да се направи добра проценка, да се види кои се тие лаборатории кои ќе можат да го прават тоа, тие секако треба да имаат соодветни сертификати, а пред сè, ова неопходно е да му се понуди на системот да направи финансиска анализа. Ние имаме антенатални упатстава, упатството досега ја предвидува Приска 1 и Приска 2. Во ажурирањето на тоа упатство кое се планира за оваа година, можеме, вели таа, тоа да го ставиме како предност за пациентите и да ги одделиме пациентите со одреден ризик – медицинска индикација, односно да ги пренасочиме да не го прават овој тест туку директно фетална ДНК со неинваизвен тест.

„Јас секогаш на пациентката прво ѝ кажувам: Ако го направам овој тест, докажувам тоа и тоа. Но, ти можеби си спремна да родиш такво бебе. Вашата одлука е последна и секогаш правилна како пациент. Ретко, ама има пациентки кои знаат да ми кажат: ‘Не ми е важно, јас сакам да родам живо дете, не ми е важно дали ќе има некоја мана“, вели д-р Данева-Маркова. (Фото: К. Попов)

„Малку земји во Европа тоа го направиле, но ако го земам превдид фактот дека ние ова го правиме за 20 илјади пациенти, со тест кој не е сензитивен како одредеување на фетлна ДНК, ќе одземеме малку од тие и ќе дадеме кон оние што се ризични. Мислам дека е возможно. Ако сакаме да направиме ред, мораме да го прекинеме и тој тренд на претерано третирање (overtreatment), претерано дијагностицирање (overdiagnosis), шетање од една во друга болница, ајде прво  малку да ги едуцираме жените. Денеска не е време кога од лично искуство се делат совети, денеска е време на дигитализација, база на податоци“, истакнува д-р Данева-Маркова.

После прв скрининг или после гледањето на евентуални фетални абнормалности во третиот месец од бременоста, е времето кога треба да се каже дали треба или не трерба да се прави неинвазвен тест.

„Сѐ што е порано, може да е на желба на пациентката, но не може да има индикација, затоа што во 9. недела, освен фамилијарна историја, ако има дете претходно со некоја хромозомска аномалија, секоја друга пациентка најнапред треба да се види во 12. недела. Сега е свртена пирамидата, порано ако гледавме во 20. недела структурни абнормалности кај плодот, сега гледаме во 12. скоро сѐ“, вели докторката.

Б. НЕСТОРОСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира