Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажуваат резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“.
Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваат и апелираат до институциите дека е потребно целосно ослободување или намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација (влошки, тампони, чашичка и слични производи) со цел намалување на продажната цена на овие производи. Тие, исто така, апелираат дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.
Наодите од последното истражување ги претставија Јана Коцевска од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и Васка Лешоска од „Реактор – истражување во акција“, повикувајќи ги институциите и јавноста за менување на ставовите и разрушување на митовите поврзани со менструацијата.
Уште во 2019, истражувањето на здружението Новинари за човекови права и Институтот за јавно здравје покажа дека 15 отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена. Истражувањето било направено во 2018 во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.
Според податоците од онлајн истражувањето за менструална правда на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструација, или во просек 265,54 денари. Оттаму, за една година жените трошат 3.186, 48 денари на менструални производи. Ако репродуктивниот период на жената трае од 12 до 52 години, во просек 127.459,2 денари трошат жените и другите лица кои менструираат на производи за менструација во текот на својот живот.
Истражувањето покажало дека 94,2 отсто од жените и девојките чувствуваат менструална болка, а 71 отсто користат лекарства за болката. Иако 29 отсто не пријавиле месечни трошоци за лекарства, преостанатите во просек трошат 150,23 денари месечно на лекови за менструална болка, а во една година во просек 1.802,76 денари.
Грижата за менструалниот циклус во просек ја чини една жена 199.569,6 денари, и ако се земе последниот податок за просекот за нето плата по вработен, што според Државниот завод за статистика изнесува 27.588 денари, лице кое заработува просечна плата во животот треба да работи 7,2 месеци само за да ги исплати трошоците поврзани со производи за менструација и лекарства против менструална болка. Но, вели Лешоска, треба да се има предвид родовиот јаз во платите, односно фактот дека жените во просек помалку заработуваат од мажите. Според последните родови разделени податоци за нето заработувачка за октомври 2018, кога просечната нето заработувачка била 26.661 денар, жените во просек заработувале 24.096 денари, а мажите 28.793, и ако овие плати се аплицираат на последниот податок за просечна плата, може да се заклучи дека една жена во просек троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка.
Прашалникот споделен на социјалните мрежи целосно го пополниле 2.696 лица, а просечната возраст на примерокот е 28 години. Меѓу резултатите се наведени:
- Речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи и тоалетна хартија.
- Секоја четврта жена или девојка отсуствувала од работа поради менструална болка, а 43 отсто отсуствувале од училиште поради менструација.
- 41 отсто се обидувале или сѐ уште се обидуваат да ги скријат влошките.
- Повеќе од половина одговориле дека кога ја добиле првата менструација се чувствувале збунето, секоја трета се чувствувала уплашено, а секоја четврта засрамено.
- „Живеам во рурална средина и до пред неколку години во локалната продавница кога некој ќе купеше влошки, ги замотуваа во весник, бидејќи е срамота да се во проѕирна најлонска кеса“, „Во основно и средно, колективно го користевме изразот ‘Дојде тетка ми од Швајцарија’“, како и „Најчесто во машко друштво кога разговараме со другарките користиме такви фрази како ‘Имам женски проблеми’, оти не се чувствувам удобно во сечие присуство да разговарам отворено за тоа дека имам менструација“, се дел од коментарите во истражувањето.
Здружението Новинари за човекови права во 2019 рече дека имаат неколку препораки до надлежните институции и бизнис-секторот, како воспоставување Фонд за искоренување на менструалната сиромаштија како и да да се намали даночната стапка за овој тип на производи од 18% на 5%.
„Менструалните производи не се луксузни стоки. Управувањето со менструална хигиена треба да биде вклучено во родовото буџетирање (сите јавни институции/училишта мора да обезбедат соодветен тоалет за достоинствено управување со МХ). Тоа значи дека барем еден тоалет да ги исполнува стандардите: вода, тоалетна хартија, сапун и кутии за селектирање на отпад. Исто така, предлагаме придобивки за компаниите кои ќе се вклучат во производството на производи за управување со менструалната хигиена кои се безбедни за животната средина. Има многу причини зошто е потребен овој фонд на елиминирање на менструалната сиромаштија , фонд кој е отворен за сите. Јавно ги повикувам сите приватници и државата да се вклучат и да помогнат за секое девојче или жена во Македонија да имаат пристап до влошки. Наша цел е она што го практикуваат во повеќе земји, а тоа е секоја ученичка во првата недела од месецот да добие пакетче со влошки и други средства и да бидат бесплатни“, вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, тогаш испрати прашање до Министерството за финансии, дали размислува или подготвува стратегија за намалување или укинување на данокот на додадена вредност на хигиенските производи, за да бидат подостапни? Но, оттаму нè препратија во Министерството за здравство, од каде пак, никогаш не добивме одговор на истото прашање.
На вчерашната презентација на студијата „Менструална правда“, присуствуваше и Сања Саздевска, државен советник и национален координатор за репродуктивно здравје во Министерството за здравство, која ѝ честиташе на екипата за спроведеното истражување и ги покани заедно да седнат да разговараат со цел нивните препораки да влезат во системот. Саздевска вели дека треба да се разговара и со Институтот за јавно здравје, и потсети дека Министерството за труд и социјална политика ја подготвува Националната стратегија за родова еднаквост (2021-2026).
Според пресметките на „Тиит“ и „Реактор“, за да се обезбедат производи за сите ученички од основно и средно образование за еден месец потребни се 17.106.618 денари, додека за една година потребни се 205.279.415 денари. За илустрација, велат тие, годишните трошоци за обезбедување на менструални производи претставуваат 0,08294 отсто од вкупните расходи планирани за Буџетот на Македонија за 2021 година.
Коцевска го посочи примерот со Шкотска, првата и засега единствена земја во светот која законски ги обврзува сите јавни институции, вклучително училиштата и универзитетите, да овозможат бесплатно достапни производи за менструација на своите деловни простории. Законот беше изгласан на 24 ноември 2020 и стапи на сила од 12 јануари 2021.
Во однос на дестигматизацијата на менструацијата, Коцевска и Лешоска кажаа дека за време на истражувањето, иако сме 21. век, се соочиле со големи предизвици и искушенија, почнувајќи од разговорите со наставниците, добивањето согласности од родителите, па и самиот однос на учениците. На забелешка на една од учесничките на дискусијата дека треба да се обрне внимание и на едукација на момчињата за менструацијата, и двете одговорија дека го имаат тоа в предвид, но засега, тешко одела комуникацијата со ученичките, а камо ли со учениците.
„Училиштата беа бирани по случаен избор и сѐ зачудивме од одговорите од учениците, од таканаречените ‘елитни’ гимназии во Скопје. За разлика од нив, посовремени одговори добивме од училиштата во Вардарска Македонија“, рече Лешоска.
Б. НЕСТОРОСКА