ЕНГЛЕЗИТЕ ОДЕА ПО ДВАЈЦА И БЕА УБАВИ, СЕ СЕЌАВА 90-ГОДИШНАТА САВКА ВЕЛИЧКОВСКА НА БРИТАНСКИТЕ ОФИЦЕРИ ШТО ГИ УЧЕЛЕ ПАРТИЗАНИТЕ КАКО ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ

    ЕНГЛЕЗИТЕ ОДЕА ПО ДВАЈЦА И БЕА УБАВИ, СЕ СЕЌАВА 90-ГОДИШНАТА САВКА ВЕЛИЧКОВСКА НА БРИТАНСКИТЕ ОФИЦЕРИ ШТО ГИ УЧЕЛЕ ПАРТИЗАНИТЕ КАКО ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИБританската воена мисија во ноември 1943 била била пречекана со голема радост и почит не само од борците на Кумановскиот партизански одред, туку и од месното население, сведочи најстариот жител на селото Пелинце, 90-годишната Савка Величковска која имала 15 години кога се сретнала со „Енгелезите“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Офицери од Британската армија во Втората светска војна, една година престојувале во Кумановско-Козјачкиот Регион за да ги обучат партизаните како да се борат против бугарскиот фашистички окупатор. Петчлената британска мисија ја сочинувале мајор Мостин Дејвис, капетан Френк Томсон, капетан Дагмар и двајца радиотелеграфисти. Во селото Пелинце тројца пристигнале на средината на ноември 1943 во придружба на поетот Ацо Шопов со Шарскиот партизански одред, а пет дена подоцна двајца биле спуштени со падобран. Домаќин на британската мисија бил лично командантот Христијан Тодоровски-Карпош.

    Откако билa комплетирана, воената мисија воспоставила контакт со нивната база во Каиро, по што започнала испораката со падобрани на оружје, муниција, експлозив, храна и облека, за партизаните и за месното население. Со доставената опрема и облека целосно бил вооружан Кумановскиот одред, а партизаните биле облечени во британска воена униформа. Храната во конзерви покрај на војската се делела и на месното население.

    Во знак на благодарност, Здружението на армиски и полициски ветерани од Куманово во ноември лани, на 75-годишнината од доаѓањето на британската мисија, постави спомен-плоча на куќа во селото Пелинце, во која престојувала мисијата, а на свеченоста дојде и британската амбасадорка Рејчел Галовеј (Фото: СДК.МК)

    Во знак на благодарност за оваа несебична помош, Здружението на армиски и полициски ветерани од Куманово во ноември лани, на 75-годишнината од доаѓањето на британската мисија, постави спомен-плоча на куќа во селото, во која престојувала мисијата.

    „Иницијатаивата и идејата е на првоборецот Дане Цеков, кој во неговата последна книга пишува за оваа воена мисија која престојувала на Козјачкиот Регион. Добивме поддршка од Британската амбасада и од Општината. Ова е еден аманет за идните генерации. Присуството на Британската воена мисија и нејзината голема воена помош е крупна политичка победа на македонската војска и доказ дека македонскиот народ заедно со другите народи на Југославија бил верен и признат сојузник  на антифашистичката коалиција на чело со Велика Британија, САД и Советскиот Сојуз“, рече Љупчо Спасовски, потпретседател на Здружението на армиски и полициски ветерани од Куманово.

    „Тие дошле да најдат сојузници, но нашле пријатели и соборци. Заедно со нив јаделе и живееле, се дружеле. Денеска, 75 години подоцна, се сеќаваме на сите нив, војниците и партизаните. Двајцата капетани Дејвис и Томсон беа заробени и убиени 1944 година, но оружјето кое тие го донеле и обуката која ја спровеле била успешна и искористена во битката кај Дренак. Иако имал само 23 години кога го дал животот, капетанот Томсон ја оставил, за мене, една од најубавите поеми од Втората светска војна“, рече британската амбасадорка Рејчел Галовеј на свеченоста во Пелинце (Фото: Ѓ. Личовски)

    На свеченоста на откривањето на плочата присуствуваше и амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј.

    „Тие дошле да најдат сојузници, но нашле пријатели и соборци. Заедно со нив јаделе и живееле, се дружеле. Денеска, 75 години подоцна, се сеќаваме на сите нив, војниците и партизаните. Двајцата капетани Дејвис и Томсон беа заробени и убиени 1944 година, но оружјето кое тие го донеле и обуката која ја спровеле била успешна и искористена во битката кај Дренак. Иако имал само 23 години кога го дал животот, капетанот Томсон ја оставил, за мене, една од најубавите поеми од Втората светска војна“, рече амбасадорката Галовеј на свеченоста во Пелинце.

    Воената британска мисија била била пречекана со голема радост и почит не само од борците на Кумановскиот партизански одред, туку и од месното население. Веднаш по пристигнувањето во селото подготвиле свечен ручек, грав со овчо месо и топол леб.

    За тоа сведочи и најстариот жител на селото Пелинце, Савка Величковска (90), која имала само 15 години, кога се сретнала со „Енгелезите“ како што вели, и сега во детали опишува за престојот на странците во нивното село.

    „Уште беше лето и ние спиевме надвор кога нашите запалија огин во Карловски ливади, а брзо потоа слушнавме чуден звук, зуеше како мува. Отиде до Козјак па се врати назад, па кружеше извесно време и кога дојде над местото каде што гореше огинот ги испушти падобраните, како кога орел ќе пушти кокошка да падне. Ние лежејќи сѐ гледавме. Првиот падобран падна блиску и партизаните го земаа, за другите не знам. Беше картонско буре обложено со гума, ама никој не ни кажа што има внатре. Од платното на падобранот ни дадоа да си направиме марами, многу се радувавме“, вели Величковска.

    Савка Величковска присуствувала и на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчински“, а се нашла таму и пред 20 години кога српскиот радкал Војислав Шешељ ја искршил спомен-плочата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Неколку месеци подоцна, партизаните повторно почнале да палат огин среде село. На селаните веќе им било јасно за што се работи, па со нетрпение исчекувале да видат што ќе фрлат од авионите.

    „Тогаш со падобран ги фрлија британските војници. Едниот се закачи на топола, а другиот падна на земја. Ги сместија во партизанскиот штаб во училиштето, преку реката. Кога ги пасев овците ги гледав. Тие одеа заедно двајца по двајца, високи, убави. Со плочасто лице и уредни бради, капи-титовки кафеави, палта со иста боја закопчани на ремени. Пантолони пумпарици и бели чорапи до колена, убави чевли. Одат и меѓу себе си разговараат, ама ние не ги разбираме. Се собиравме секоја недела пред училиштето на игранка и сите заедно со партизаните игравме коло, па и тие со нас, ќе се фатат и ќе се буткаат лево-десно ама не се делат од нас. Останаа тука долго време, ама дознаа Бугарите каде се кријат и го запалија училиштето. Повеќе не ги видовме, кај отидоа не знам“, вели Величковска.

    Од петчлената британска група преживеал само капетан Дагмар, кој ја продолжил својата мисија до одржување на Првото заседание на АСНОМ, а потоа се приклучил на останатиот дел од Британската мисија во главниот штаб на НОБ во Македонија. Останатите во мај 1944 заминале во борбите со фашистичкиот окупатор на границата кон Бугарија, мајорот Мостин и еден радиотелеграфист биле заробени и ликвидирани, додека капетанот Томсон успеал да се пробие до бугарските партизани. Но, набрзо бил заробен и осуден на смрт. На местото каде што е стрелан во Софија постои спомен-обележје. Претставниците на Здружението на ветерани сакаат да подигнат на Козјак спомен-обележје и на местото на загинувањето на британските војници.

    Савка Величковска е жив сведок на големи настани. Имала десетина години кога започнала Втората светска војна, но се сеќава на сите настани. Вели дека била мала да се приклучи на партизаните, но им помагала со тоа што им чувала стража додека тие спијат, носела пошта кога ја праќале, а сите деца имале задача да јават кога ќе видат дека некој непознат доаѓа во селото. Татко ѝ бил курир на првите партизани во регионот, Христијан Тодоровски-Карпош, Ангел Шајче, Доне Божинов, Кузман, Јоско од Тетово, па често во нивниот дом се среќавале славните херои.

    Присуствувала и на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчински“, а се нашла таму и пред 20 години кога српскиот радкал Војислав Шешељ ја искршил спомен-плочата.

    Савка живее од својата земјоделска пензија, сама во куќата, откако ѝ починал сопругот. Со ќерка си од Швајцарија се слуша по телефон, нема телевизор бидејќи не може да го гледа, а најдобар другар ѝ е радиото на кое најмногу слуша музика, а вели дека не ѝ е тешко ни да заигра ако ја погоди песната (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Бевме едно 20-30 души, сите заедно отидовме да присуствуваме и да го гледаме заседанието. Вујко ми Тоза, партизан, го носеше знамето. Нѐ сместија во едно малечко сопче, а имаше уште една голема соба, во која имаше ленти да не влегуваме натаму. Што беше таму не се сеќавам. Држеа говори и ние слушавме. Јас бев дете, не се сеќавам што збореа точно, ама нешто убаво беше. Сите се радувавме, аплаудиравме. Тогаш ја поставија и плочата на влезот на црквата, малку понастрана. Таа иста плоча после ја искрши Шешељ, и тогаш бев на Свети Илија во манастирот. Одеднаш се узбунија луѓето, нешто лошо се случуваше. Во еден момент видовме како еден човек ја крши плочата. Кој беше не зневме, после на телевизија слушнавме дека е Шешељ. Луѓето кој како ќе излезе од автобус, ги фрлаа во вадата на реката. Се растури целата прослава, сите се исплашија и се вратија дома. Таа година не славевме Свети Илија во манастирот ‘Прохор Пчински’“, вели Величковска.

    Таа приказната за британската мисија ја раскажува неуморно и со задоволство на сите патници добронамерници,  бидејќи е единствениот жив сведок на тогашните настани. Живее од својата земјоделска пензија, сама во куќата, откако ѝ починал сопругот. Ја помагаат внуците од ќерката, бидејќи другата ќерка и син ѝ живеат во Швајцарија. Виталната 90-годишна жена вели дека нејзе ѝ е најубаво во нејзиното Пелинце, бидејќи тука се родила и остарела, и не би го менувала за ниеден град. Со ќерка си се слуша по телефон, нема телевизор бидејќи не може да го гледа, а најдобар другар ѝ е радиото на кое најмногу слуша музика, а вели дека не ѝ е тешко ни да заигра ако ја погоди песната.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари