ГЕРМАНЦИТЕ ГО ЧИСТАТ ОХРИДСКО ЕЗЕРО, ИЗВАДЕНИ СКЕЛЕТИ ОД РИБИ И ПТИЦИ ОД РИБАРСКИ МРЕЖИ СТАРИ И ДО 40 ГОДИНИ

    ГЕРМАНЦИТЕ ГО ЧИСТАТ ОХРИДСКО ЕЗЕРО, ИЗВАДЕНИ СКЕЛЕТИ ОД РИБИ И ПТИЦИ ОД РИБАРСКИ МРЕЖИ СТАРИ И ДО 40 ГОДИНИКај пумпата за водоснабдување на градот Охрид, која користи вода од Охридското Езеро, биле извадени речиси 12 километри мрежи (Фото: Центар за нуркање „Амфора“)

    Скелети од риби, школки, изумрени единки, остатоци од птици, ракови, краби, како и сидра, вештачки мамци, јадици, платна лани биле извадени од залутаните, напуштени и потонати рибарски мрежи, наречени мрежи – духови од Охридското Езеро. Вкупно биле извадени 243 мрежи, а должината е колку растојанието од источниот до западниот брег на Езерото.

    Екипи од Заводот, рибари, нуркачи работеле 18 дена со бродот на Хидробиолошкиот инстиут, со голема дреџа, а точките ги лоцирале со помош на ехо сонар (Фото: Центар за нуркање „Амфора“)

    Чистењето на Езерото од 12 мај до 22 јуни 207 година било дел од пилот-проектот: „Можности за отстранување на напуштени, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи во Охридското Езеро“ во рамки на проектот „Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро“, финансиран од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој БМЗ, имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, а изведен од Хидробиолошкиот завод Охрид.

    „Она што беше живо, веднаш го враќавме назад, но за жал имаше иструлени единки“, вели Душица Илиќ-Боева (Фото: Центар за нуркање „Амфора“)

    „Станува збор за потонати мрежи, кои со присуството во водениот екосистем, прават штета не само на рибниот фонд, туку и на други живи компоненти. Загрозени се и пастрмките кои поради нивната специфика и биологија на однесување, кога еднаш ќе се најдат во овие мрежи на нивните рибни пловишта нема повеќе да доаѓаат, ниту да вршат природен мрест“, вели Душица Илиќ-Боева од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

    Екипи од Заводот, рибари, нуркачи работеле 18 дена со бродот на Хидробиолошкиот институт, со голема дреџа, а точките ги лоцирале со помош на ехо сонар. Нуркачите работеле на температура од 8 степени на длабочина од 30-40 метри. Ехо сонарот може да се користи на длабочина до 60 метри.

    Меѓу мрежите имало и кончени мрежи кои не се користат 30-40 години (Фото: Центар за нуркање „Амфора“)

    Појасот кој го покриле е појасот каде најмногу се поставуваат мрежите, тенденциозно, за комерцијален риболов. Кај Трпејца, успешно биле извадени мрежи во должина од 275 метри, со различни димензии на окца, од 12 до 50 милиметри. Таму дното е каменесто, и поради временски прилики и неприлики, мрежите знаат да се одмотаат од камењата.

     

    Душица Илиќ-Боева, Зоран Спиркоски и нуркачите на ланското чистење на Охридското Езеро (Фото: Центар за нуркање „Амфора“)

    „Кај  хотелот ’Метропол’ каде се наоѓа пумпата за водоснабдување на градот Охрид, која користи вода од Охридското Езеро, околу самата пумпа имаше направено буквално ѕидови од 10 до 12 метри по распон на мрежи кои беа целосно заплеткани едни со други. Во овој простор, не беше можно целосно вадење на мрежите, остана дел, врзан со боба, и на 7 септември успеваме да ги извадиме тие мрежи. Од пумпата беа извадени  11.480 метри мрежи, речиси 12 километри мрежи.

    Оваа година имавме чиста совест дека водата што ја пијат резидентните жители и граѓаните беше со подобар квалитет, бидејќи во овие мрежи честопати се наоѓаат тела на веќе умрени единки кои можат да бидат во процес на распаѓање и кои беа од 10 до 90 проценти на распаднато тело.

    Она што беше живо, веднаш го враќавме назад, но за жал имаше иструлени единки. Не треба да го објаснувам мирисот, а ако нас ни смета, замислете колку им смета на рибите и тие сигурно не би се вратиле на тие пловишта“, вели Илиќ-Боева.

    „Станува збор за потонати мрежи, кои со присуството во водениот еко-систем, прават штета не само на рибниот фонд, туку и на други живи компоненти“, вели Душица Илиќ-Боева (Фото: СДК.МК)

    Меѓу мрежите имало и кончени мрежи кои не се користат 30-40 години. Сега се се користат најлонски мрежи, кои како што вели таа, за жал, подолго остануваат во Езерото, имаат многу подолг период на распаѓање и токму тие ги заробиле кончените мрежи и не им овожиле да се распаднат.

    На некои места, со помош на бродот, извадиле мрежи каде имало заглавени школки и кои тежеле по 350-400 килограми. Кај пумпата се користеле и листови за подигнување на тежина, кои најчесто се користат за подигнување на хаварисани пловни објекти како потонати бродови и чамци.

    „Ако говориме во проценти, колку е извадено од Езерото, тоа е занемерлив број. Мрежи има толку многу, соработуваме и со колегите од Албанија, за да се издигне проблемот и значењето на Езерото.

    За целосно остранување на мрежите и за намалување на негативното влијание врз живиот свет, овој проект треба да се работи како прекугранична активност и да биде еднакво сработен од албанска страна“, кажа Илиќ-Боева.

    Изминатиов период се угушија тони плашица во каналот Студенчишта (Фото: СДК.МК)

    Експертите од Заводот испратиле предлози до претпријатието „Проаква“ и до Општината Охрид, за оваа акција да премине во годишна активност, ако не на други простори барем на чистењето на пумпата за водоснабување. Тие предлагат барем годишно нуркачи да ја проверуваат состојбата и доколку има потреба, повторно да се чисти.

    „Наша препорака е најлонските мрежи да бидат заменети со биоразградливи мрежи кои се пракса во светот. Исто така и во иднина, оние кои ќе ги губат мрежите, задолжително да го пријават тоа“, вели Илиќ-Боева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира