ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА И ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ НЕПРИСТАПНИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА И ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ НЕПРИСТАПНИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТСпоред правилникот што го усвои ДИК, кога лицето со телесна попреченост ќе дојде да гласа од избирачките одбори и од општинската изборна комисија треба да му олеснат и да му овозможат да дојде до гласачкото место, бидејќи нема можност избирачкиот список и изборниот материјал да се изнесуваат надвор од гласачкото место. - Гласачко место во Скопје (Фото: СДК.МК)

Лицата со физичка попреченост и на претстојниот референдум на 30 септември ќе бидат дискриминирани во однос на пристапот до гласачкото место, бидејќи повеќето од избирачките места не се пристапни за телесни инвалиди, а дел се само делумно пристапни.

Ова го покажа теренското истражување на 79 отсто од гласачките места од аспект на пристапност за лица со физичка попреченост, што лани од јули до септември го спроведе Државната изборна комисија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјални работа, здруженија на граѓани, и со поддршка од мисијата на ОБСЕ во Скопје и Меѓународната фондација.

Лани беше утврдено дека со ова се врши дискриминација на лицата со физичка попреченост, а Народниот правобранител побара од институциите итно да ги отстранат недоследностите.

Една година подоцна состојбата на терен е скоро непроменета, велат од здруженијата на лица со попреченост, а тоа е нотирано и во извештајот на хелсиншкиот комитет за 2017 година.

Дискриминирани се и слепите и лицата со оштетени вид, иако лани за локалните избори ДИК отпечати гласачки ливчиња на брајово писмо. Оваа мерка според здруженијата на лицата со попреченост, се покажала како несоодветна бидејќи голем дел од слепите лица не го знаат брајовото писмо.

„За жал состојбите се непроменети, а времето до референдумот е премногу кусо за да може нешто за да може да има суштински мерки, кои ќе помогнат телесните инвалиди да го остварат правото на глас. Останува проблемот и за слепите лица, од една страна мерката не даде голем резултат и можеби треба да се размислува на поинаков начин да се реши овој проблем. Но, секако останува прашањето зошто државата не им овозможила на овие лица соодветно да се школуваат и да го научат брајовото писмо“, вели Елена Кочоска, програмски раководител на движењето против хендикеп „Полио плус“.

Од Државната изборна комисија признаваат дека состојбата на терен е непроменета, и додаваат дека за референдумот нема да може нешто да се направи за да се отстранат физичките бариери за лицата со телесен хендикеп. Новиот состав на Државната изборна комисија на својата прва седница минатата недела усвои правилник за работа според кој треба да се олесни пристапот до гласачкото место за лицата со попреченост.

„Сепак според правилникот што го усвои ДИК, кога лицето со телесна попреченост ќе дојде да гласа од избирачките одбори и од општинската изборна комисија треба да му олеснат и да му овозможат да дојде до гласачкото место, бидејќи нема можност избирачкиот список и изборниот материјал да се изнесуваат надвор од гласачкото место. Тоа значи физички да му помогнат да пристапи до гласачкото место“, вели Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.

Тендерската постапка за избор на фирма која ќе го печати гласачките ливчиња за референдумот сè уште не е почната, но од ДИК велат дека и овој пат ќе има гласачки ливчиња на брајово писмо за слепите и за лицата со оштетен вид.

Лицата со попреченост доколку не можат да пристапат до гласачкото место можат да се пријават во општинските изборни комисии како останатите немоќни и болни лица седум дена пред референдумот и во домашни услови да го остварат правото на глас. Според здруженијата на лица со попреченост и ова е еден вид дискриминација, бидејќи не сите лица со попреченост се немоќни и болни.

„Исто така останува отворено прашањето што со оние лица кои во моментот на гласањето се во болница, во бања или се сместени во некоја од социјалните установи. Тие воопшто не можат да гласаат. Потребни се законски промени за да може да се испочитуваат одредбите од Конвенцијата за заштита на правата и достоинството на лицата со попреченост, која нашата земја ја има потпишано. Во моментов не може ништо да се направи и како здружение фокусирани сме по референдумот да се преземат соодветни мерки за да може барем за наредните претседателски избори да има суштински промени“, вели Кочоска од „Полио плус“.

Од ДИК велат дека за жал според одредбите од Изборниот законик гласање во болници и старечки домови не е предвидено, а дека дури и да има таква законска можност тоа многу тешко може да се организира, бидејќи избирачките списоци и кој каде гласа се затвораат 20 дена пред самото гласање.

„Во вакви случаи може не може да се предвиди дали некое лице на самиот ден на гласање ќе биде во овие установи или не, и дали нема да има нови лица кои ќе ги користат услугите на тие установи“, вели Гугучевска.

Во четврток ДИК на својата интернет страница ќе ја објави најновата верзија на избирачкиот список и ќе биде достапна на увид на јавноста до 23-ти.

„Сите што ќе увидат грешки во нивните лични податоци или за некој член од семејството до 23-ти ќе можат да поднесат барање за исправка“, вели Гугучевска.

Е. БОЧВАРОСКА


©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари