Токму кога писателските и научните кругови ја слават 95-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, и двете најголемите две спротиставени политички партии во изборната камања се сетија на втемелувачот на македонскиот јазик, големиот поет, есеист, раскажувач, научник. Антологиските песни „Тешкото“ и „Молитва“ многумина првпат ги слушнаа дури во политичките спотови.
А во едно интервју, скромниот Конески кој со својата работа длабоко се втурна во културната вертикала на македонскиот народ и ја однесе кон цивилизацијата, вели: „Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава. Чувај го, зашто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите кој знае која луда глава ќе посака да го јава“.
Конески, кој бил член на академиите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ, во Москва и преку Семинарот за македонски јазик и лекторатите го раширил македонскиот јазик во околу 30 земји од светот, за јазикот има кажано: „Не смее да се изневерува својот народ зашто неговиот јазик ни е единствената наша целокупна татковина“.
Деновиве се слави делото на Конески, прв претседател на МАНУ, на Друштвото на писателите, еден од основачите на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, автор на капиталните дела како Граматиката од 1952/53 година, Историјата на македонскиот јазик од 1965, Речникот, чиј прв том го составува со Тодор Димитровски, Благоја Корубин и Трајко Стаматовски, а вториот и третиот том ги составува сам, изданија кои се препечатувани уште по неколку пати.
Блаже Конески е роден на 19 декември, 1921, почина на 7 декември, 1993, а родната куќа за неговиот 95-ти роденден, за празникот Св.Никола, во прилепско Небрегово ни ја отвори небреговецот Миле Спиркоски, кустос во Музејот во Прилеп, на чија иницијатива куќата комплетно се реновира. Како што вели Спиркоски за САКАМДАКАЖАМ.МК, од иницијативата до реализацијата поминале тешки 11 години, со многу мачни преговори во скопските институции, сѐ додека тој не стигнал до претседателот Киро Глигоров. Тогаш тргнала работата и со посветена работа на професорите Људмил Спасов и Трајко Стаматовски, оваа спомен-куќа свечено се отвори на 1. август 2005.
„Но, лошо беше што не се напрај патот. Дојдоа тука многу странски гости, меѓу кои и Виктор Фридман и Кристина Крамер, поголеми Македонци од нас, и сите рекоа не може да го донесат светот кој е заинтересиран без пат. Но, еве, од годинава добивме пат. Ние си велиме, Блаже ни го направи првиот пат во 1978, и сега вториот во 2016. Од годинава оваа куќа ќе биде подостапна за сите почитувачи на делото на Конески. Сме имале гости кои го бакнувале прагот пред да влезат во неа. Славистите од целиот свет ја знаат величината на нашиот Блаже, голем и учен човек од Небрегово“, вели Спироски, кому делото на Конески му е пасија.
На прилепски, брзо, вешто ни раскажува за мајка му Цака, татко му Ордан, бабата Дунавка која најмногу со своите приказни го внела Блажета во културната историја на својот народ. За првото училиште на Конески во атарот на црквата, која е и денес активна, а која по неговата песна „Црква“ се спасила од рушење, крштеницата, сведителствата од Кралска Југославија.
На приземјето во спомен-куќата се собите со етнолшка поставка како во времето кога бил роден Блаже, а во пондилата или шталата што е во состав на куќата, каде што се прибирале коњите и магарињата, има клупи и изложбена поставка со сите дипломи на Конески, негови скулпторски, ликовни портрети, капиталните изданија и паноа посветени на важните фази на Конески, од моментот кога како 23-годишник отпрвин ја напуштил Комисијата на АСНОМ за кодификација на македонскиот јазик, зашто рекол дека таму имало филолошки необразувани луѓе, а потоа се вратил и е еден од кодификаторите на јазикот и составувач на азбуката, до текстови од научни конференции каде што е тој оценуван како „жива историја“, „македонски Вук Караџиќ“, „споменик што оди по улиците“.
Конески топло и модерно ја пишува и својата љубовна, социјална поезија, и вели дека поетот пишува за она што го окупира, па така неговата поезија не е мирна, таа велат е завртена кон трагичното во животот, а тој самиот во интервју ја издвојува тогаш актуелната, нова песна , „Снег“. И во неа Конески зборува за „душата празна пред осуда мразна“.
На горниот кат е работната соба на Конески, префрлена од монтажната барака на Водно, која оддава за неговата скромност. Три витрини со книги, биро со машина за чукање и мермерна мастилница, и кревет.
Но таму има еден, како што пишува, примитивен балкон, каде што се гледа венец од планините околу селото за кои се напишани и незаборавните стихови „Плачат оние планини за мене“. Од тој поглед од Небрегово и од прикаските од баба Дунавка, потоа се напишани уште многу стихови создавајќи ја „простата и строга македонска песна“ кои го издигнаа Конески во вечноста и го сместија во книжевната историја на Македонија, на регионот и на светот.