Одделението за присилна наплата при Град Скопје вчера им испрати „Опомена“ на земјоделците кои преку Народниот правобранител се побунија и заедно побараа Градот да им ги поништи решенијата за данок за нивите кои ги обработуваат, а за кои со Законот за даноците на имот се ослободени.
Има случаи како земјоделецот Панче Кечовски од Драчево, кому Град Скопје со потпис на Данела Арсовска, му пресметале данок од над 50.000 денари, за пет години наназад, за нива која 13 години ја обработува, за што приговарал и ги однел сите можни докази.
Има земјоделци на кои им дошло да платат и 2.000 евра данок за земјоделски површини на кои со години произведуваат земјоделски производи, поради што со закон се ослободени од плаќање данок.
Утринава „Опомена“ од Град Скопје дека мора во рок од 8 дена да го плати данокот за нивата што ја обработува, ни покажа и Светлана Велјановска од Бардовци, скопско.
Сите овие луѓе, кои поднеле претставка до Народниот правобранител, но и оние кои не поднеле, а добиле вакви решенија, се одбиени од Град Скопје. Секторот за наплата на даноци сака по секоја цена да им ги собере арач на сите земјоделци во Скопско, чии ниви што си ги работат, некому му текнало да ги впише во градежен реон.
- ГРАД СКОПЈЕ НЕЗАКОНСКИ ИМ НАПЛАЌА ДАНОК НА ИМОТ И НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД БАРДОВЦИ, НИВИТЕ ШТО ГИ РАБОТАТ ИМ ГИ ПИШАЛЕ КАКО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ
- МЕСТО ДА ГИ ОСЛОБОДИ ОД ПЛАЌАЊЕ КАКО ШТО ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ, ГРАД СКОПЈЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ИМ ПРЕСМЕТАЛ НАНАЗАД ЗА 5 ГОДИНИ ДАНОК НА ИМОТ И ДО 1.000 ЕВРА
Место Град Скопје, општините или државата да градат на овие „градежни парцели“, оставени се на земјосопствениците да ги работат, ама сепак да ги дерат со даноци како за градежно земјиште. Редот би бил општините или државата да ги експроприра, откупи од нив, па нека се гради. Но, не е така. Нивите се обработуваат, се вади земјоделско производство на нив, некои се со инвестиции од ИПАРД програмата, и поради тоа се 100 проценти заштитени од плаќање данок на имот.
За револтот да биде поголем, градоначалничката Арсовска како одговор на Народниот правобранител кој бара овие решенија сите до едно да се поништат, му напишала небулозен одговор, во кој кажува дека бира уверенија да се поважби од имотен лист, но и не крие дека нефункционалноста на општините ќе ја плаќаат граѓаните.
„Од страна на општината каде што се наоѓа недвижноста на подносителот на претставката, доставени беа Уверенија согласно кои констатирано е дека постои неусогласеност меѓу Имотниот лист и Уверението. Во Имотниот лист стои дека се работи за земјоделско земјиште, а во издаденото Уверение за парцела од општина Аеродром, наведено е дека се работи за градежно земјиште. Во таа насока и согласно Законот за даноците на имот, не е предвидено ослободување од обврската за данок на имот, па оттаму и вашето барање за поништување на Решенијата за данок на имот, е неосновано“, напишала Арсовска за Панче Кечовски, а одговор со иста содржина пратила и за другите земјоделци кои поднеле претставки.
Ако овие земјоделци тужат, Управниот суд тешко дека ќе дозволи граѓаните да ја плаќаат некоординацијата меѓу Град Скопје и општините, односно неусогласеноста меѓу имотните листови и уверенијата. Тоа не е проблем на земјоделците.
Даночни решенија кон недолжни земјоделци има многу и тие се спремаат за протест. Ако изгуби пред Управниот суд, Град Скопје за судски трошоци ќе треба да плати по 300 евра од тужба.
Но, битно е да се соберат парите, да има за плати за градската администрација. Град Скопје може и да банкротира, тоа не е важно. Ќе враќаме ние граѓаните, како и секогаш.
С. К. ДЕЛЕВСКА