ИСТРАГА ПРОТИВ 43 ЛИЦА МЕЃУ КОИ И ВРАБОТЕН ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, ФАЛСИФИКУВАЛЕ ПОТПИСИ И ЛИЧНИ КАРТИ И СО НИВ ЗЕМАЛЕ БРЗИ КРЕДИТИ НА ТУЃО ИМЕ

    ИСТРАГА ПРОТИВ 43 ЛИЦА МЕЃУ КОИ И ВРАБОТЕН ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, ФАЛСИФИКУВАЛЕ ПОТПИСИ И ЛИЧНИ КАРТИ И СО НИВ ЗЕМАЛЕ БРЗИ КРЕДИТИ НА ТУЃО ИМЕСо внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за брзи кредити, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на да ги враќаат тие. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје разби мрежа за ограбување на пензионери преку брзи кредити, кои ги подигале 43 лица меѓу кои и вработен во Фондот за здравство, крадејќи ги потписите на  граѓаните депонирани таму.

    ОЈО Скопје денеска поведе постапка против вкупно 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со брзи кредити. За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно“, вели Обвинителството.

    Истрагата опфаќа криминал со брзи кредити кој осомничените го почнале во 2022 година. Тогаш САКАМДАКАЖАМ.МК го почна серијалот со сведочења на оштетени граѓани, кои тврдеа дека на нивно име некој зема брзи кредити, а ним им доаѓаат сметки од финансиски друштва и од извршители, со суми од 40.000, 50.000, 70.000 и повеќе илјади денари, да ги платат како знаат.

    По серијалот написи, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими го смени Правилникот за одобрување т.н. брзи кредити, со тоа што финансиските друштва веќе не можеа да префрлуваат пари само со едно телефонско јавување и со потпис испратен по електронска пошта.

    „Во текот на предистражната постапка, Обвинителството во координација со МВР-СВР Скопје обезбедило обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните, користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за брзи кредити, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства“, наведува Обвинителството.

    Друг дел од осомничените, лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО-број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.

    „Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами. Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејствија во вкупен обем надминува три милиони денари“, вели Обвинителството.

    Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира