КОГА ЌЕ СИ ОТИДЕ ЕДНО ДЕТЕ, ЗГРИЖУВАМ ДРУГО ЗА ДА НЕ ПЛАЧАМ, ВЕЛИ ЛЕЈЛА ШАБАНОВА КОЈА ЗГРИЖИЛА 25 ДЕЦА

КОГА ЌЕ СИ ОТИДЕ ЕДНО ДЕТЕ, ЗГРИЖУВАМ ДРУГО ЗА ДА НЕ ПЛАЧАМ, ВЕЛИ ЛЕЈЛА ШАБАНОВА КОЈА ЗГРИЖИЛА 25 ДЕЦАЛејла Шабанова 13 години згрижува деца кои се оставени од нивните родители или пак им се одземени од центрите за социјална заштита (Фото: К. Попов)

Имав 21 година, бев мажена и мајка на две деца кога решив вратата од нашиот дом да ја отворам за дечиња кои се оставени од нивните родители или пак им се одземени од центрите за социјална заштита, ја започна својата приказна 34- годишната Лејла Шабанова, која 13 години е дел од згрижувачките семејства во земјава.

„Мојата баба згрижуваше деца и најверојатно тоа чувство да им се помогне на деца кои се оставени од родителите и немаат каде да одат ми се јавило додека сум растела со нив. Кога станав мајка тоа чувство стана уште посилно и неколку месеци откако ќерка ми наполни 2 години појдов во Центарот за социјални работи во Скопје и побарав да згрижам дете. Оттогаш во нашиот дом постојано има згрижено дете“, вели Лејла која досега има згрижено 25 деца.

Семејството Шабанови сега чува две дечиња, 10-месечната Медина и двегодишниот Исак, брат и сестра, кои мајката ги оставила во Центарот за социјални работи оти немала услови да ги чува (Фото: К. Попов)

Првото дете кое го згрижила била Бајрамша. Имала само 7 месеци и оттогаш живее со семејството Шабанови бидејќи е со пречки во развојот и никој не сакал да ја посвои.

„Бајрамша беше оставена од родителите во една соба. По пријава на комшии социјалните работници ја најдоа дури по десет дена. Детето не беше јадено, во устата ѝ најдоа отпушоци од цигари кои ги имало во собата, нив ги јадела. Кога ја земав во рацете беше толку слаба и беспомошна. За неколку месеци лекарите константираа дека е со пречки во развојот и никој не сакаше да ја посвои. Јас и мојот сопруг не ја дадовме во дом или институција. Еве сега има 12 години и таа е дел од нашето семејство“, вели Лејла.

Бајрамша до пред неколку месеци немала документи, односно извод од матичната книга на родените, па целата здравствена грижа за неа Лејла ја плаќа приватно.

„Имавме можност да се преселиме во Австрија, но бидејќи Бајрамша немаше документи, не отидовме. Ако не можам да ја земам со мене, тогаш не одам ни јас, не ја оставам“, вели Лејла.

Семејството Шабанови сега чува две дечиња, 10-месечната Медина и двегодишниот Исак, брат и сестра, кои мајката ги оставила во Центарот за социјални работи оти немала услови да ги чува.

Кога ги посетивме во скопско Трубарево, децата спиеја во собата која Лејла ја опремила со сите потребни реквизити за мали деца. Ни рече дека има две бебешки креветчиња оти се случува истовремено да чува две бебиња. Бајрамша ни ги покажа количките, проодувалка, храналка и играчките со кои си играат бебињата.

„Само два и пол месеци се со мене. Беше толку мала и слаба кога прв ја видов, сега видете ја, права женска е. Родителите пред неколку дена побарале во Ценатрот да си ги земат децата. Динка не се дели од мене, дури почна да ме вика мама, иако јас ѝ велам како и на сите дечиња да ме викаат дада, но не, тие ме викаат мама“, вели Лејла.

Секоја разделба со децата за Лејла е тешка, посебно со оние кои подолго време се згрижени кај неа. Најтешка досега била разделбата со Блендим кој го чувала 2 години, го добила од Центарот кога имал само 6 месеци и потоа бил посвоен.

Секоја разделба со децата за Лејла е тешка, посебно со оние кои подолго време се згрижени кај неа (Фото: К. Попов)

„Сега кога ќе заминат Медина и Исак ќе плачам додека не згрижам ново дете. Затоа, веднаш откако ќе замине едно дете одам во Центарот и им велат да ми дадат друго. Ќе се посветам во неговото чување и негување и нема да мислам. Нема да мислам дали Исак е пресоблечен, дали Медина е нахранета. Дали им е ладно во зима, дали имаат сè што им потребно“, вели Лејла.

Меѓу децата кои живееле со семејството Шабанови имало и жртви на семејно насилство. Лејла неколку месеци чувала две сестрички кои нивната мајка ги оставила под кола и биле во тешка здравствана состојба кога ги нашле. Не може да ги заборави тројцата братчиња Александар, Кико и Никола кои ѝ раскажувале како нивниот татко ја тепал мајка им, а нив ги терал да одат по згради да питачат.

„Децата не се за ништо виновни, ним им е потребна само љубов. Чудно ми е кога немам дете, празно ми е. Ќерката и синот се веќе големи 14 и 17 години, Бајрамша порасна и сега не се дели од мојот сопруг. Затоа мислам дека сè додека сум способна ќе згрижувам деца. Се надевам дека што повеќе семејства во земјава ќе се решат да влезат во системот за згрижување“, вели Лејла.

А. АНТЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира