ЛЕКАРИТЕ МИ СТАНАА СИЛНИ ПАРТНЕРИ ЗА ДА ЈА ПОБЕДАМ БОЛЕСТА, ВЕЛИ 36-ГОДИШНА КОСОВКА КОЈА СЕ ЛЕКУВА СО ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ВО СКОПЈЕ

ЛЕКАРИТЕ МИ СТАНАА СИЛНИ ПАРТНЕРИ ЗА ДА ЈА ПОБЕДАМ БОЛЕСТА, ВЕЛИ 36-ГОДИШНА КОСОВКА КОЈА СЕ ЛЕКУВА СО ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА ВО СКОПЈЕНа Клиниката за хематологија приватно сè повеќе се лекуваат и пациенти од странство, особено од регионот; - 36-годишната Рабије Рака со д-р Божидар Кочовски и медицинската сестра Алмедина Ајдини кои се дел од тимот што ја лекува со автологна трансплантација на матични клетки. (Фото: Клиника за хематологија)

Косовката Рабије Рака од Приштина, пациентка со мултипен миелом, на Клиниката за хематологија во Скопје се лекува со автологна трансплантација на матични клетки. 36-годишната Рака вели дека избрала да се лекува на оваа клиника оти разбрала за врвните резултати од интервенциите врз пациенти со дијагноза како нејзината.

„Верувам дека од исклучителна важност за успешно лекување на мојата болест е да создадеме силно партнерство во борбата со болеста, јас како пациент од една страна и тимот на лекари и медицинскиот персонал, од друга. Тоа партнерство раѓа доверба, а довербата влева огромна надеж дека предизвикот заедно ќе го совладаме“,  вели Рака, за чие лекување трошоците ги презеде Фондот за здравство на Република Косово.

Директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис вели дека посебно признание за нивната работа е што експертизата од Клиниката е  препознаена и во регионот и доаѓаат сè повеќе пациенти од соседсните земји.

„Едноставно кажано, растеме и стануваме регионален центар за трансплантација на коскена срцевина“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Таа вели дека се посебно горди и за воведување на третиот вид трансплантации кој досега не беше применуван во државата, а тоа се полуидентичните трансплантации на хематопоетски матични клетки кога донори се членови на фамилијата кои се делумно ХЛА-ДНК совпадливи со пациентот. Тоа е најсложена интервенција, а досега е применета кај 5 пациенти, при што донори во три случаи беа делумно идентични браќа, сестри или родител на пациентите, а во два случаи се искористени и први братучеди како полуиденични донори.

„Секојдневни се напорите да се биде во чекор со врвните хематолошки центри во светот. Иако за мала и релативно сиромашна земја како нашата тоа е огромен предизвик, сепак посветената работа дава резултати и големо професионално задоволство. Визијата што ја имавме како тим и поддршката од здравствените власти, без што немаше да бидеме во можност да започнеме со несродна трансплантација, стана реалност и наше секојдневие. Не станува збор само за нова можност за лекување на нашите здравствени осигуреници, туку и за продор кој овозможува  етаблирање на нашите експерти и Клиниката за хематологија како регионален центар со огромен углед“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Растеме и стануваме регионален центар за трансплантација на коскена срцевина, вели директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис. (Фото: Приватна архива)

Несродната трансплантација на матични клетки, како релативно млада гранка во хематологијата, во својата најсофистицирана форма скоро две години е воспоставена метода на лекување на Клиниката за хематологија. Во последниве 2 години, со трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор се лекувани 15 болни со малигни хематолошки заболувања, пациенти со акутни леукемии, Хочкинов лимфом и апластична анемија. Тоа се дијагнози кај кои трансплантацијата е единствена тераписка опција за комплетно излекување и продолжување на животот. Во светот, на 40% од високоризичните  пациенти со примена на оваа метода животот им се продолжува најмалку за 5 години.

„Огромна среќа е кога на пациентот можете да му соопштите дека има добри резултати и дека неговиот живот продолжува. Од друга страна, исклучително тешко е кога понекогаш морате да соопштите дека не сте успеале во заедничката борба и пресадените клетки не се  избориле со болеста. Затоа велам дека секој ден е наша нова борба за спас на човечки живот“, д-р вели Пановска-Ставридис.

Во последниве две години изведени се 144 интервенции, од кои 106 се автологни трансплантации, 18 се алогени сродни трансплантации, 15 алогени несродни трансплантации и 5 полуидентични трансплантации. На почетокот, со несродна трансплантација беа лекувани млади пациенти на возраст од 13 до 45 години, но во последните 9 месеци изведени се и трансплантации од несроден донор и кај  болни над 60 години. Во овој период се лекувани 2 пациенти со акутна миелобластна леукемија на возраст од 60 год и 72 години. И двајцата добро се чувствуваат, веќе се во домашни услови и со комплетна ремисија на основното малигно хематолошко заболување.

„Чувството дека некому сте подариле живот и буквално сте му овозможиле да продолжи сосем нормално таму каде запрел поради болеста, е незаменливо чувство за еден лекар. Процесот е долготраен, тежок, бара многу знаење, внимание, трпение, нега и грижа од сите учесници во тимот“, вели д-р Божидар Кочовски, дел од тимот што ја лекуваше пациентката од Косово.

„Неизмерно сум им благодарна и ме прават исклучително горда сите поединци кои се дел од тимот, од медицинските сестри и техничари сè до врвните специјалисти“, вели директорката Пановска-Ставридис.

Автологната трансплантација за пациенти со мултипен миелом, каква што е изведена кај Косовката Рака, е рутинска интервенција која се врши на Клиниката 20 години. Досега вака се лекувани над 120 болни и резултатите во однос на преживување без болест на двегодишен период се 67% или 51% на период од пет години. Д-р Пановска-Ставридис вели дека овие резултати се споредливи со оние на европските центри за трансплантација. Тие се подобрени и со современите терапии за одржување и имунотерапија која го продолжува животот кај овие болни.

„Со огромна поддршка на Министерството за здравство и Фондот за здравство (ФЗОМ) се генерираа ДСГ кодови со цени за сите видови на трансплантации кои како услуга се нудат на Универзитетската Клиника за хематологија. Тие се адаптирани и конкурентни и за третман и на странски државјани кои ќе сакаат да се лекуваат со овие тераписки методи, особено на граѓани од соседните држави кај кои сè уште нема можност за лекување со несродна трансплантација или автологна трансплантација. Цените се конкурентни споредбено со оние во европските земји, а квалитетот на услугата, професионалниот пристап во третманот и современата предтрансплантациска хемотерапија и имуносупресија се еквивалентни со останатите трансплантациони центри кои се членови на ЕБМТ групата (Европска група за трансплантација на матични клетки). Нашиот тим е рамноправен член на фамилијата на европски трансплантациски тимови и постојано ги следи сите актуелности и новини поврзани со овие интервенции“, вели др Пановска-Ставридис.

Таа укажува дека со ова генерална придобивка остварува и државата, оти не само што веќе не се одлеваат големи средства за овие интервенции во странски хематолошки институции за македонските осигуреници, туку сега има значителни финансиски приходи од интервенциите направени во земјава за странски корисници.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира