МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ТРГНА ВО МАСОВНА КОНТРОЛА НА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ КОИ ОДОБРУВАА НА ТУЃО ИМЕ ПО КРАЖБА НА ЛИЧНИ КАРТИ, КАЗНЕТИ 5 ОД НИВ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ТРГНА ВО МАСОВНА КОНТРОЛА НА ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ КОИ ОДОБРУВАА НА ТУЃО ИМЕ ПО КРАЖБА НА ЛИЧНИ КАРТИ, КАЗНЕТИ 5 ОД НИВСо новиот Правилник кој го подготвува Министерството за финансии целосно ќе забрани издавање вакви кредити по телефон или со испраќање на мејл, без физичко присуство и идентификација на барателот. (Фото: Март продукција)

    Државата се разбуди по бројните измами со брзи кредити кои финансиските друштва ги одобруваа на измамници само со едно „ало“ или по електронска пошта на невидено, а кои кредити ги враќаат недолжни граѓани чии лични податоци им биле претходно украдени.

    По бројните претставки кај Народниот правобранител каде се пожалија луѓе на чие име биле подигани брзи кредити, а кои тие сега мора да ги враќаат, Министерството за финансии тргна во контрола на сите регистрирани друштва и веќе става ред.

    Народниот правобранител е писмено известен од Министерството дека веќе казнило 5 финансиски друштва со забрана за работа, а и дека продолжува со надзорот, со фокус на одобрувањето кредити преку трговци – кредитни посредници, бидејќи таму се најголемите злоупотреби со лични податоци.

    Шемата е позната: измамник во туѓо име со украдени лични податоци се јавува телефонски во финансиското друштво, вели барам кредит ама да ми го префрлите на сметката на таа и таа продавница. Потоа на продавницата ѝ вели оставете ги производите што ги купувам со кредитов на улица, на ливада таму и таму, бидејќи немам постојана адреса. Продавниците само профит ги интересира, па постапуваат како што ќе им каже купувачот по телефон.

    За идентитетот и веродостојноста на личните податоци со кои се претставува клиентот, не се секираа финансиските друштва, а уште помалку трговците, поради што се случија масовни измами со ваквиот начин на давање брзи кредити.

    Но, веќе нема да биде така, зашто покрај деталните контроли, Министерството за финансии го привршува Правилникот со кој целосно ќе забрани издавање вакви кредити по телефон или со испраќање на мејл, без физичко присуство и идентификација на барателот.

    Ова го бараше Народниот правобранител. Работата се помрдна од место кога по серијата написи во САКАМДАКАЖАМ.МК со шокантни примери како луѓе што никогаш не зеле брз кредит ги враќаат од страв од извршители, вицепремиерката Славица Грковска на 12 септември ги седна заедно Народниот правобранител, Министерството за финансии, МВР, Дирекцијата за заштита на лични податоци и финансиските друштва.

    По извршените контроли – како се применува Законот за финансиски друштва, Министерството за финансии ги казнило двете друштва кои на име на измамен скопјанец во тешка здравствена состојба (церебрална парализа), непознати измамници подигнале дури 4 кредити. Неговите финансиски истоштени родители три од нив вратиле, за четвртиот немаат веќе пари.

    Инспекторите дополнително казниле уште три други финансиски друштва со забрана за кредитирање.

    Министерството за финансии го известува Народниот правобранител дека до сите финансиски друштва во државата испратиле предупредување дека ако даваат наменски кредити преку посредник, за купување производи (а тоа најчесто се продавници за бела техника), задолжително да обезбедат доказ дека производите се предадени лично на купувачот.

    Финансии изготвува Правилник за кредитен ризик и со него, меѓу другото, ќе забранат одобрување на онлајн кредити. Ќе се бара задолжителна идентификација на барателот, а ќе се забрани и онлајн промена на личните податоци, што значи ќе мора со физичко присуство.

    Додека се прави Правилникот, инспекторите испратиле обврска до финансиските друштва, парите што ги даваат на клиентите во готовина, да им се даваат лично ним.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира