ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЌЕ МОРААТ ДА КОНТРОЛИРААТ ИДЕНТИТЕТ НА БАРАТЕЛ НА БРЗ КРЕДИТ, ДРЖАВАТА КОНЕЧНО СЕ СВЕСТИ ПО НИЗАТА ИЗМАМИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЌЕ МОРААТ ДА КОНТРОЛИРААТ ИДЕНТИТЕТ НА БАРАТЕЛ НА БРЗ КРЕДИТ, ДРЖАВАТА КОНЕЧНО СЕ СВЕСТИ ПО НИЗАТА ИЗМАМИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИФинансиските друштва ќе мора да воспостават процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи се тие на лицето кое што е барател на кредитот. - Е-пошта со известувања од финансиски друштва (Фото:СДК.МК)

Се запали црвен аларм од масовните измами со подигање на брзи кредити од финансиските друштва со кражба на лични податоци (лични карти) на недолжни граѓани, па сега Министерството за финансии конечно се обврза да преземе нешто.

Но, ќе мора и финансиските друштва, кои одобруваа вакви кредити со едно „ало“ по телефон, или само преку мејл, да ги идентификуваат барателите и да проверуваат добро со чии лични податоци тие  аплицираат. Идентитетот на барателите отсега ќе мора да се контролира од нивна страна.

Вчера на маса седнаа вицепремиерката Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик-народен правобранител, заменик-министер за финансии, директорот на дирекцијата за заштита на лични податоци, претставници на финансиските друштва. Договорени конкретни чекори кои пред се треба да се натера да ги направи Министерството за финансии, како единствено надлежно за контрола на овие финансиски друштва.

Во меѓувреме, измамите не запираат. Во четвртокот МВР поднесе кривична пријава не само против двајца измамници од Струмица, туку и против финансиското друштво од Скопје, кои им одобрило брз кредит на туѓо име, на човек кому тие му ги украле личните податоци.

„Полицијата поднесе кривична пријава против Д.П.(26), Г.В.(49), двајцата од Струмица и против правно лице – финансиско друштво од Скопје, поради злоупотреба на лични податоци. Во овој случај, жена ги злоупотребила личните податоци на друго лице за добивање на брз кредит во износ од 90.000 денари, кој ѝ бил одобрен од одговорното лице во финансиското друштво за брзи кредити“, кажа Министерството.

Случајот во полицијата го пријавила сопругата на оштетениот, бидејќи тој во моментот не бил во Македонија.

Неопходна е поголема одговорност на финансиските друштва и поголема контрола врз издавањето на „брзите кредити“, смета Грковска.

Таа напиша дека на состанокот со надлежните институции и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва, се договориле да се преземат брзи и зајакнати мерки за справување со злоупотребата на личните податоци на граѓаните и нивно незаконско задолжување со таканаречените брзи кредити.

„Со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик министерот за финансии, Филип Николовски, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, заменичката на Народниот правобранител, Соња Трифуновска, директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци, Имер Алиу, како и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва, заклучивме дека е неопходно итно зајакнување на механизмите за контрола на идентитетот на барателите на брзи кредити и зголемување на транспарентноста на финансиските друштва од една страна и брза имплементација на новите законски решенија со кои се зајакнати критериумите за работење на финансиските друштва“, вели вицепремиерката.

Финансиските друштва во рок од еден месец треба да спроведат соодветна едукација на вработените за примена на системот на идентификација при воспоставување деловен однос, согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и да утврдат процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи соодветствуваат со лицето кое што е барател на кредитот.

Онлајн аплицирањето ќе остане, но ќе мора идентитетот на барателите на кредити да се провери преку посебен систем.

„Во однос на онлајн аплицирањето, потребна е идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, вклучително и со употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги“, наведува Грковска.

Во насока на зајакнување на транспарентноста, во рок од три дена финансиските друштва на своите веб страни треба да ги објавата тарифниците за трошоци за брзи кредити усогласени со новото законско решение кое ја лимитира вкупната сума за тарифирање, а по истекот на тој рок  Министерството за финансии да изврши контрола. За оние финансиски друштва што нема да ги објават тарифниците, предвидени се казни согласно Закон.

На состанокот на Министерството за финансии му е наложено во рок од 30 дена да подготви подзаконски акти за подобра операционализација на новото законско решение, кои ќе овозможат надминување на детектираните слабости.

Размерите на кражбата на туѓи лични податоци за подигање брзи кредити на туѓо име, ги објави САКАМДАКАЖАМ.МК. Неколку од тие жртви на измамници со брзи кредити зборуваа за нашата редакција. Едната жртва е лице со тешка попреченост (церебрална парализа), кого измамниците го нашле на Фејсбук. Со неговата лична карта, и покрај тоа што родителите ја поништија и за тоа ги известија финансиските друштва, тие продолжија на измамниците да им одобруваат брзи кредити со неважечката лична карта. На невидено, само со телефонско јавување или со е-пошта. Родителите од страв ги вратиле долговите, но за последниот кредит што финансиското друштво му го одобрило на измамникот/измамниците, тие повеќе немаат пари да го вратат. Исплашени, чекаат извршител или тужба и безуспешно ја молат државата да ги заштити.

Во друг случај, на медицинска сестра од скопска болница, додека на работа била со пациенти, некој ѝ ја зел ташната, го нашол паричникот со личната карта, ја сликал, и сè вратил назад на место. По неколку месеци таа доживува шок – ѝ стасува известување дека треба да врати долг на финансиско друштво во висина од 165.000 денари, брз кредит која таа никогаш не го барала и не го зела.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 


 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира