Девојка со пречки во развојот која што завршила средно специјализирано училиште, била одбиена да аплицира за мерката Практикантство, финансирана од државата. Таа поднела претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која откако го истражила случајот, утврдила директна дискриминација во работата и работните односи, врз основ на припадност на маргинализирана група, образование и попреченост сторена од Министерството за економија и труд и од Агенцијата за вработување.
Ова завршено образование од училиште за деца со посебни потреби, односно со попреченост, државата го смета како „незавршено средно образование“.
Претставката до КСЗД била поднесена во јануари 2026, откако неа и на уште едно лице дипломирано во нејзината школа, не им било дозволено да се пријават за мерката Практикантство. Образложението било дека тие во системот се заведени со двегодишно средно образование, што се смета за незавршено средно образование, па следствено на тоа не им следува ни практикантство, ни младински додаток. Покрај ова образложение, во прилог на претставката едното лице поднело доказ, свидетелство за завршена трета година средно образовани и уверение за работно оспособување издадено од надлежната агенција, но испаднало од конкуренција.
Дискриминацијата е во тоа што во мерката Практикантство условот е апликантита да имаат најмалку диплома за средно образование, не е наведено кој степен средно образование, а ги одбиле лицата со попреченост дека имале втор и трет степен. Државата нема обезбедено еднаков пристап на сите граѓани до мерките што ги нуди, и особено инклузивност на лицата со попреченост, без оглед од кој степен се дипломите што ги издава специјалното школо.
КСЗД се обратила до двете институции, од Министерството не добило одговор за случаите на овие две одбиени млади лица за активната мерка, а Агенцијата за вработување за лицето што ја поднело претставката, навела дека е заведено во Евиденцијата на невработени лица, согласно постоечката Меѓународната стандардна класификација на образованието (МСКОБ или ISCED) ниво 2.
Комисијата им наложи на пријавените институции да ја запишат подносителката на претставката како лице со завршено средно образование и со тоа да ѝ овозможат да аплицира на јавните повици за користење на мерките за оперативниот план за вработување, најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на Мислењето на КСЗД за сторена директна дискриминација. Се препорачува и Агенцијата за вработување да ја воедначи практиката во сите свои подрачни единици во однос на пријавувањето на лицата кои завршуваат средно образование во државните средни училишта за лица со попреченост најдоцна во рок од 30 дена од приемот на ова Мислење и за тоа да ја извести Комисијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



