НА 83 ГОДИНИ СЕКОЈА ЗИМА ДОАЃА ОД АМЕРИКА ЗА ДА СКИЈА НА ПЕЛИСТЕР

a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Битола,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    НА 83 ГОДИНИ СЕКОЈА ЗИМА ДОАЃА ОД АМЕРИКА ЗА ДА СКИЈА НА ПЕЛИСТЕР

    Ја раситнува деветтата деценија од животот, но не се откажува ни од скијањето, ни од Пелистер. Димче Стојановски (83), секоја зима патува од Америка до Битола за да скија на Пелистер. На многумина битолчани планината им е на чекор, а скијаaт во соседството, но Стојановски секоја година прави илјадници километри за да ужива токму во најстaриот национален парк на Македонија.

    „О,о,о, како да летам, а не како да се скијам“, го опишува чувството Стојановски за скијањето на Пелистер . „Не можам да речам дека во Америка нема убави ски места. Но, Пелистер ми е прираснат за срцето. Тука ми е како дома. Уште немам извадено карта за назад, тоа многу зависи од снегот, ако има снег, ќе останам и подолго“, вели тој.

    „О,о,о, како да летам, а не како да се скијам“, го опишува чувството Стојановски за скијањето на Пелистер (Фото: СДК.МК)

    „О,о,о, како да летам, а не како да се скијам“, го опишува чувството Стојановски за скијањето на Пелистер (Фото: СДК.МК)

    Ваквата емотивна поврзаност не е ни чудна, ако се знае дека Стојановски беше меѓу првите скијачи на Пелистер. Се присетува дека  почетните спустови на оваа планина ги направиле со италијански и германски дрвени скии што останале од Втората светска војна.

    „Кога имав десетина години скијавме на ридовите низ Битола со скии кои ги правевме од штички. По ослободувањето дојдовме и до скии. Во училиштето ‘Кирил и Методиј’ имаше склад, на таванот имаше скии. Јас со моите другарчиња дојдовме до некој пар од тие скии.  Беа италијански, дрвени. Останаа од Браничката организација на Бугарите. Од Германците исто така скии зедовме, и тоа од склад кај Свиларницата. Имаше и еден вид како каиши за скиите, да може да се оди нагоре, за да не се враќаат наназад“, вели Стојановски.

    Стојановски беше професор по хорна и директор во битолското музичко училиште, а од 1994 живее кај синот во САД (Фото: СДК.МК)

    Стојановски беше професор по хорна и директор во битолското музичко училиште, а од 1994 живее кај синот во САД (Фото: СДК.МК)

    По ова предизвикот бил да се освои Пелистер со скии. Тоа било макотрпна работа, зашто низ планината немало патна инфраструктура. Морале да се искачуваат пеш по четири часа, се враќале другиот ден.

    „Се одеше од Битола до горе, пешки, со ранец, со скии. Одев во сабота, недела се враќав. Бевме упорни да стигнеме до Бегова чешма или на Копанки да преспиеме и другиот ден да скијаме. На гумени чизми, скии со тие федери што останаа од Германците. Не дека беше некое скијање. Ќе се поскијаш, ќе излезе едната скија, па другата. На секое враќање одлуката беше ‘уште еднаш не одам’, се враќавме капнати. Но, само до следната сабота“, вели Стојановски.

    По ослободувањето, почнале да се организираат и првите натпревари во скијање, на релации несфатливи за денес. Стојановски раскажува дека повозрасните битолчани се спуштале од врвот на планината, а целта била да се стигне до центарот на градот, односно пред Театарот.

    Скијањето му е хоби, а во животот стана музичар. Свири на хорна, беше професор и директор во битолското музичко училиште. Неговата сопруга Велика, беше професорка која имаше талент да ја предаде хемијата како да е песна и извади многу силни генерации основци со познавање на овој предмет. Татко е на познатиот македонски оперски пејач Цветан Стојановски, а другиот син Јордан се занимава со компјутери и живее во Америка.

    Откако Стојановски се пензионирал во 1994, замина во Америка кај синот. Живее во Хадсон, Њујорк и редовно  ги посетува тамошните скијачки центри. Член е на скијачката секција „80 плус“. Но, вели дека душата  му се стоплува кога скиите ќе ги оптегне на нашиот Пелистер.

    „Тоа ми дава здравје, ми го продолжува животот“, вели Стојановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира