Нова опомена пред тужба ги шокираше родителите на лицето со церебрална парализа, за нов кредит што измамници го зеле на негово име претходно крадејќи му ги податоците од личната карта. Луѓето се очајни, бараат помош, немаат веќе пари да ги плаќаат овие кредити што ги одобруваат финансиските друштва на име на болниот син, без никаква проверка кому ги даваат.
Додека Народниот правобранител го моли Министерството за финансии, како единствено надлежно, да направи итна контрола во финансиските друштва и да го запре ова лудило, а МВР кое две години не ги открива измамниците, итно да ги најде и уапси, измамници подигаат нови кредити. Родителите се во очај, бараат помош, тие се исплашени до каде ќе оди овој хорор што им се случува, додека државата не е заинтересирана да ги заштити.
Според опомената пред тужба, подигнатиот брз кредит (главницата) изнесува 18.641 денар. За некаков „доспеан надоместок“, им пресметале да платат 15.784 денари. Натаму, за „надоместок за доцнење“, финансиското друштво навело сума од 27.000 денари! За „затезна камата“ треба плус 690 денари.
Само за испратената опомена, финансиското друштво бара од лицето со церебрална парализа да плати 3.000 денари, оти била трета опомена за неподмирен долг. Плус за првата опомена што ја испратиле претходно го потсетуваат да плати 900 денари, плус за втората 1.500 денари. Вкупно 5.400 денари за три опомени.
Така, за кредит што финансиското друштво го дало на едикојси и на слепо (само со јавување по телефон), ова лице со тешка попреченост треба да плати за туѓ долг вкупно 67.515 денари! Пари што ги немаат родителите, пари што им ги зема измамничката држава.
Од страв да не нараснат каматите и измислените трошоци до небо, претходните кредити во висина од 40.000 – 70.000 денари земени на име на беспомошното момче, родителите ги враќале веднаш. Додека државата и надлежните органи најбезобразно им го вртат грбот, тие ја потрошиле целата заштеда за тешко болниот син, што ја собрале за да го гледа некој по нивната смрт.
Народниот правобранител, каде родителката поднела претставка побара од Министерството за финансии како надлежен орган според Законот за финансиските друштва, итно да изврши надзор и да утврди: на кој начин биле издавани поединечните кредити, потоа дали, кога и од кое лице како корисник на кредит биле потпишани, како била извршена нивната исплата, на кој начин и на чија сметка, дали начинот на исплата е во согласност со позитивните законски прописи и крајно – зошто во случајот биле издавани кредити кога сите финансиски друштва од адвокатката на подносителката на претставката, соодветно биле информирани да престанат со издавање кредити со неважечка лична карта?
Министерството за финансии во претходен одговор навело пред Народниот правобранител кусо дека МВР било надлежно да ги фати изманиците. Навреден од ноншалантниот однос со кој Министерството за финансии одбива да се замеша во својата работа и да прати итни контроли во овие финансиски друштва со цел да утврди како ги даваат брзите кредити без никакво проверки на корисниците и на личните податоци со кои аплицираат и подигаат средства, Омбудсманот им прати второ писмо со конкретни задолженија и со рок од 8 дена да му одговори што презеле инспекторите.
Одговор уште нема, а рокот рокот истекува.
Мајката за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажа како упаднал во ваква невидена неволја синот со тешка попреченост, кој сега има 38 години. Пред две години тој на Фејсбук се запознал со непознати луѓе. Му рекле сликај ја личната карта и трансакциската сметка, за да ни направиш услуга, т. е. тетка од Америка на неговата сметка да им прати пари. Тој тоа и го направил.
„Тоа беше, всушност, кредит. Првиот кредит. Ние го однесовме синот во друштвото. Кога измамникот ги извадил парите, тој подигнал кредит на име на син ми. Не биле средства пратени од Америка“, вели таа.
Кредитот од 40.000 денари што го зел измамникот, веднаш го вратиле со нејзиниот сопруг, за да не порасне со каматите до небо.
„По еден месец доживуваме шок! Ни стигнува известување уште од три финансиски друштва дека ние треба да вратиме кредити на име на синот. Прво што направив, отидов во сите финансиски друштва за лично да им кажам на име на мојот син, со таа и таа лична карта, со тој матичен број, да не издаваат кредити! Лично ги молев на име Љ. И. да не даваат средства“, вели мајката.
Во меѓувреме, синот ја изгубил личната карта, родителите му извадиле нова. Со тоа се понадевале дека на кредитите ќе им дојде крајот.
„Но, попусто. Штом ќе се впише во системот неговото име, и понатаму се појавува неговиот матичен број кај овие друштва за брзи кредити. Одам, му ги менувам името и презимето. Од друштвата ми објаснуваат: ‘Какво сакате име ставете, нам пак ни излегува името Љ. И. и неговиот матичен број. Ние ќе издаваме кредити. Додека му е важечка таа лична карта за која велите дека е изгубена, до ноември 2024 година, ние ќе даваме кредити. Ние немаме опција да видиме дека таа лична карта не е важечка“, раскажа таа што ѝ велеле финансиските друштва кај што се молела да престанат на име на нејзиниот син да даваат кредити на измамници.
Незнаејќи што да прави, таа отишла кај адвокатка. Таа испратила известување до сите регистрирани финансиски друштва кај нас дека не смеат да издаваат кредити на таа неважечка лична карта на синот. Адвокатката ја извадила објавата од Службен весник за изгубена лична карта, па и тој доказ во прилог им го испратила на финансиските друштва.
За недела дена, пак се издава нов кредит на име на синот, 36.500 денари.
На 22 јули, стасало писмото со опомена пред тужба, со кое за кредит од 18.641 денар, се бара болното лице да врати три и пол пати поголема сума. Заканата е – тужба пред суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА