ОД 5 ХИВ-ПОЗИТИВНИ МАЈКИ И ДВАЈЦА ПОЗИТИВНИ ТАТКОВЦИ СЕ РОДИЛЕ 7 ЗДРАВИ БЕБИЊА, ЗАШТО РОДИТЕЛИТЕ СЕ НАВРЕМЕ ТЕСТИРАНИ ОД НЕВЛАДИНИТЕ НА КОИ ДРЖАВАТА ИМ ГИ СКРАТИ ПАРИТЕ

    ОД 5 ХИВ-ПОЗИТИВНИ МАЈКИ И ДВАЈЦА ПОЗИТИВНИ ТАТКОВЦИ СЕ РОДИЛЕ 7 ЗДРАВИ БЕБИЊА, ЗАШТО РОДИТЕЛИТЕ СЕ НАВРЕМЕ ТЕСТИРАНИ ОД НЕВЛАДИНИТЕ НА КОИ ДРЖАВАТА ИМ ГИ СКРАТИ ПАРИТЕТестирањето за хив е доверливо, се извршува под шифра и без документ за идентификација, а резултатите се готови за 10 минути. - Бебе во инкубатор на Клиниката за гинекологија и акушерство (Фото: СДК.МК)

    Седум бебиња се родиле хив-негативни на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје од родители кои биле позитивни на вирусот кој води кон сида, во периодот од 2019 година досега.

    Тоа било резултат на навремено откривање на вирусот кај еден или двајцата родители, навременото земање терапија за да го држат вирусот под контрола да не им го нападне имунолошкиот систем. Благодарение само на тоа, тие на свет донеле здрави деца.

    Но, успешноста на терапијата како превенција за ширење на хив-пандемијата, од 1 јануари годинава, е загрозена. Кратењето на трошоци во државниот буџет удри токму кај средствата за борба против хив и сида.

    „Кога се зема редовно, терапијата за хив (т.н. антиретровирусна терапија) оневозможува да се пренесе вирусот по сексуален пат, па терапијата, покрај тоа што на луѓето со хив им овозможува квалитетен и долг живот како на останатите луѓе, истовремено станува и превенција на хив. Се работи за 5 хив-позитивни мајки кај нас кои благодарение на редовното земање на терапијата за хив, како и со примената на други препорачани мерки (породување со царски рез и да не го дои новороденчето), родија бебиња кои се негативни на хив. Кај останатите 2 случаи пак, се работи за хив-негативни бебиња чии татковци се позитивни на вирусот, и кои токму благодарение на терапијата за хив добиле хив-негативни бебиња, кои ги зачнале по природен пат без дополнителна медицинска интервенција“, вели Весна Илиевска, координаторка на програмата за хив во Хера.

    Што се случува потоа со овие родилки, односно хив-позитивни мајки, или со позитивните татковци, ја прашавме директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ.

    „Тие жени се наши пациентки. Се следат од бременоста, од страна на Инфективната клиника, во соработка со Клиниката за гинекологија и акушерство. Терапијата си ја примаат редовно и благодарение на тоа, се раѓаат здрави прави деца од родител или од родители кои се позитивни на хив. Тие родители понатаму си остануваат наши пациенти цел живот, односно додека не се најде лек за вирусот“, вели Стевановиќ.

    За неа од круцијално значење за намалувањето на епидемијата од хив е системското следење, превенцијата, раното откривање на позитивните случаи и особено тестирањето, во корелација со светските критериуми за ова. Стевановиќ притоа не мисли тестирање само на ризични групи, туку на целото население. И не само еден тест за хив и мирно спиење 10 години. Повеќекратно тестирање треба на целата популација, смета таа.

    Но, токму парите за навремено откривање преку тестирањата се скастрени од страна на државата.

    „Анализирајќи ја грижата за хив во Македонија, можам да кажам дека стапката на правата и обврските таа не ги исполнува во целост. Тестирањата ни се со резултат од само 67 отсто хив-позитивни, од претпоставените носители на овој вирус. Тестирањата треба да бидат со 90 отсто откриени претпоставени заразени. Но, ставката на опфат и лекување на хив-позитивни кај нас е висока и таа е над 90 отсто“, вели директорката на Инфективната клиника.

    Според неа, за да се спротивставиме на епидемија од хив, единствен начин е интензивно тестирање и рано откривање, а ние како мал земја можеме сериозно да застанеме на патот на ширење на вирусот. За да се спроведе тестирањето, пак, неопходна е интенивна соработка со граѓанскиот сектор, кој сето ова, вели Стевановиќ, го прави многу професионално и посветено и оттука, не смее да им се кратат пари за превенирање.

    Илиевска тука укажува дека денес во нашата држава секое трето лице кое има хив, не го знае својот хив-позитивен статус, односно не е свесно дека има хив (вирус кој го напаѓа имунолошкиот систем и води кон сида).

    Во Националниот одговор на ХИВ учествуваат 14 граѓански организации низ 12 градови во Македонија, кои ги опфаќаат и околните села.

    „Поради овогодинешното кратење на буџетот од 51% на програмата за ХИВ тестирање, предизвик кој беше засилен со влијанието на економската криза и големите покачувања на цените на горивото, беше невозможно да се одговори на целосната потреба за ХИВ тестирање на засегнатите од овој вирус, односно периодов успеваме сосема минимално да одговориме на таа потреба. Во пракса тоа значеше намалување на теренските смени за хив-тестирање за 70 проценти во однос на изминатите години, пренаменување на дел од нив во стационарно тестирање во рамки на некои од здруженијата и речиси целосно исклучување на теренските активности за хив-тестирање низ другите градови на државата, освен во Скопје“, вели Илиевска.

    Тестирањето за хив е единствениот начин да се дознае својот хив-статус, а да се дознае што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за хив, која е достапна и бесплатна кај нас на Инфективната клиника, луѓето со овој вирус може да живеат квалитетно и долго.

    „Од друга страна пак, редовното земање на терапијата за хив е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот. Ако потфрлиме со превенцијата, хив-инфекцијата ќе продолжи да се шири со висока стапка и значително ќе пораснат и трошоците за лекување во државата бидејќи така би имало многу повеќе луѓе на кои ќе им треба терапија во иднина. Вклучително, при таквото сценарио ќе се сносиме со катастрофални последици од разгорување на епидемијата на хив и загрозување на бројни животи“, вели соговорничката од ХЕРА.

    Тестирањето и советувањето за хив кои се нудат како услуги во сервисите на граѓанските организации се достапни и бесплатни за сите граѓани, без оглед дали имаат здравствено осигурување, а главно се наменети за ранливите групи на граѓани.

    Тестирањето е доверливо, се извршува под шифра и без документ за идентификација, а резултатите се готови за 10 минути. Хив статусот може да се дознае и преку самотестирање, односно со брз орален хив тест за домашна употреба. Овој тест дава брз и точен резултат во дискретни услови – дома или на место и во време по личен избор – без да биде вклучено друго лице во процесот на тестирање.

    „Самотестирањето за хив го пилотиравме во Македонија во изминатиов период и веќе од првичните резултати, има 3 лица кои си го дознаа својот хив-статус токму преку оваа иновативна метода со силна препорака од СЗО, кои имаа можност да добијат поддршка, грижа и терапија од здравствениот систем“, вели Илиевска.

    На веб-страната на ХЕРА и на невладините организации кои го работат ова, има и линкови за нарачка на тестовите.
    Македонија од лидер земја во регионот во справувањето со ХИВ, од оваа година го стави сериозно под прашање националниот напредок во справувањето со ХИВ и постигнување на глобалните цели за ставање на крај на епидемијата. До 2025 година дури 95% од луѓето кои живеат со ХИВ би требало да се свесни за сопствениот позитивен статус, и понатаму да се поврзат со здравствениот систем за да добиваат редовна терапија, која истовремено е и превенција. И нашата држава се има обврзано да работи на програми кои ќе ги постигнат овие глобални цели и ќе го унапредат јавното здравје на граѓаните.

    Владата после овој превид, го задолжила Министерството за здравство да ги обезбеди средствата кои беа скратени, барем за ставките дијагноза, третман и следење на заразените со хив. Тоа се средства за Инфективната клиника, не се и за невладините.

    Со кратењето на буџетот од 30 % на активноста за сексуално преносливи инфекции и за услуги за сексуално и репродуктивно здравје, редуцирани се бројот на смени за сите услуги за сексуално и репродуктивно здравје кои ги нудат невладините. Намалувањето на смените значи и намалување на бројот на клиенти кои може да добијат услуги, а во случајот на Мобилната гинеколошка амбуланта, во целост е оневозможено покривање и посета на одредени места и градови каде што овие невладини организации биле присутни и каде реално имало потреба од користење на нивните услуги.

    Преку Мобилната гинеколошка амбуланта повеќе не се извршуваат гинеколошки прегледи во рурална средина, но и во подалечните градови, на пример Кочани, Делчево, Виница, поради зголемените патни трошоци и лимитираните тестови за пап-анализи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира