ПЛИВАМ ЗА ДА OЗДРАВAМ КОГА ЌЕ ПОРАСНАМ, ВЕЛИ 12-ГОДИШНИОТ МАРКО ПЕЈЧИНОСКИ КОЈ ГО ПРЕПЛИВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

ПЛИВАМ ЗА ДА OЗДРАВAМ КОГА ЌЕ ПОРАСНАМ, ВЕЛИ 12-ГОДИШНИОТ МАРКО ПЕЈЧИНОСКИ КОЈ ГО ПРЕПЛИВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОМарко е херој и сите сакаат да се сликаат со него - „тигри“ од МВР го поздравија на плажата во Охрид и му рекоа никогаш да не се откажува (Фото: СДК.МК)

12-годишниот Марко Пејчиноски, кој со некроза на ногата, на 28 август на денот на Успение на Пресвета  Богородица го преплива Охридското Езеро на патеката Свети Наум-Охрид во должина од 25 километри, почнал да плива по препорака на лекарите пред две години. Тие му рекле дека во овој период за него тоа е најдобра терапија. Некроза на ногата е заболување кое го попречува нормалниот проток на крв до ногата поради што се јавуваат проблеми со моториката.

„Јас во текот на пливањето главно ги користам рацете. Нозете ги користам во интервали од околу петанесет минути за да ги раздвижам, да не добијам спазам на мускулите. Имам по околу 60 завеслаи со рака во минута”, вели Марко; – на средината од патеката при препливувањето на Охридското Езеро

Ги послушал нивните совети и со голема помош на семејството почнал  да тренира  речиси секојдневно. Досега во базен и во Езерото на тренинзите до последниот подвиг има испливано околу 300 километри.

„Никој не ме натера да се занимавам со пливање. Но, препораката на лекарите дека за некрозата во овој момент најдобра терапија е пливањето беше мотив да почнам да пливам. Сакам да бидам здрав кога ќе пораснам. Лекарите ми рекоа дека кога ќе заврши мојот период на раст, со мала интервенција последиците од некрозата целосно ќе  ги снема. Јас, сепак, за тоа не би сакал многу да зборувам”, вели Марко кој сега ќе биде осмо одделение во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид.

„Најтешко ми беше на самиот старт кај Свети Наум. Водата беше многу ладна и матна. Имаше и големи бранови“, вели Марко

По подвигот на Марко, сите се интересираат кога му било најтешко и дали помислил во некој момент да се откаже од намерата да го преплива Езерото.

„Најтешко ми беше на самиот старт кај Свети Наум. Водата беше многу ладна и матна. Имаше и големи бранови. Во тие моменти малку се двоумев, но тогаш го погледнав татко ми Тони и д-р Горан Балевски  кои ми подвикнаа: ‘Марко,ќе пливаме!’. Веднаш одговорив:’ Ќе пливаме’ и продолжив. Тогаш добив голема сила и продолжив да пливам. Потоа сѐ беше полесно. Немав никакви кризи сѐ до целта во Охрид. Да беше времето подобро ќе ја  испливав патеката  за седум часа, а не за девет“, вели Марко и додава:

Марко вели дека се одлучил да плива на 28 август, зашто на лани на малиот охридски маратон го носел бројот 28 (Фото: СДК.МК)

„Јас во текот на пливањето главно ги користам рацете. Нозете ги користам  во интервали од околу петанесет минути за да ги раздвижам, да не добијам грч на мускулите. Имам по околу 60 завеслаи со рака во минута”.

Мајката на Марко Виолета е медицинска сестра во Одделот за педијатрија при Општата болница во Охрид, а таткото Тони има приватен бизнис. Заедно со татко му тренирале од октомври лани до јуни годинава. Лани за 2 Август Марко учествувал и на малиот пливачки маратон што се одржува од Горица до Охрид. Успеал да ја исплива патеката.

„Тогаш Марко ме праша дали  може да учествува и на  главниот пливачки маратон. Јас му  реков дека  на таа патека пливаат многу силни пливачи, со услови за тренинг, со посебна исхрана и дека е тој брз маратон. Маратонците  на таа трка се речиси како роботи. Му предложив да проба да ја исплива патеката од Свети Наум до Охрид. Тој тоа го прифати и конечно на 28 август го оствари својот сон”, вели Тони.

Марко вели дека се одлучил да плива на 28 август, зашто на лани на малиот охридски маратон го носел бројот 28.

„Тој број ти го чуваат и за следната трка ако се одлучиш да се натпреваруваш. Јас сфатив дека тоа ми е среќен број и затоа решив да го препливам Езерото на 28 август без да размислам дека тогаш е Успението на Пресвета Богородица. Датумот да го препливам Езерото беше случајно одбран. Јас и татко ми два дена пред тоа  бевме во  пештерната црква на Богородица во Градиште каде се помоливме”, вели Марко.

„Да беше времето подобро ќе ја испливав патеката за седум часа, а не за девет“, вели Марко; – на целта во Охрид (Фото: СДК.МК)

Татко му вели дека до нашата средба Марко воопшто не спомнал кој му е идол во пливањето.

„Да, и јас имам идол. Тоа е Атина Бојаџи која го препливала Ла Манш. Го гледав филмот ‘Исправи се Делфина’ испириран од тој подвиг. Бев воодушевен од нејзината огромна волја да постигне нешто невозможно, да стигне до целта. Покрај тоа, сакав да си докажам и себеси и на другите дека сум способен да направам и јас нешто посебно, несекојдневно”, вели  Марко.

Татко му Тони вели дека засега не размислуваат за некои други цели во пливањето. „Јас помалку стравувам од тие повисоки цели, но ништо не се знае“, вели тој (Фото: СДК.МК)

Тони вели дека засега не размислуваат за некои други цели во пливањето.

„Јас помалку стравувам од тие повисоки цели, но ништо не се знае“, вели тој.

Во еден момент на плажата каде што разговаравме пристигнаа петмина млади и силни момчиња. Едниот од нив рече: „Дали е тоа Марко, нашиот херој? Ние сме припадници  на единицата ‘Тигри’ при МВР. Немој никогаш да се откажуваш, да продолжиш со ова што го започна“. Потоа се фотографираа со Марко.

На прашањето дали сепак размислува да плива на некоја подолга патека, на некое друго место, Марко вели дека не знае.

„Не знам, ќе видиме. Можеби еден ден, јас еден сон остварив на 28 август“, вели тој.

Д. ЧУБРИЌ

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира