ПОЧИНА 19-ГОДИШНОТО МОМЧЕ ШТО ДРЖАВАТА ГО ОСТАВИ БЕЗ ИЗВОД И ЗДРАВСТВЕНА КНИШКА, ЕДИНСТВЕН ДОКАЗ ДЕКА ПОСТОЕЛ СЕ ПЕТКИТЕ ВО СВИДЕТЕЛСТВАТА

    ПОЧИНА 19-ГОДИШНОТО МОМЧЕ ШТО ДРЖАВАТА ГО ОСТАВИ БЕЗ ИЗВОД И ЗДРАВСТВЕНА КНИШКА, ЕДИНСТВЕН ДОКАЗ ДЕКА ПОСТОЕЛ СЕ ПЕТКИТЕ ВО СВИДЕТЕЛСТВАТАПетките на училиште и домашните и меѓународните награди што ги освои ќе останат единственото сведоштво дека постоел Тони Сали. (Фото: СДК.МК)

    Матурантот Тони Сали, кој цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги за добие матичен број и Извод на родени, почина завчера на 19 години.

    Не дочека да биде запишан некаде во оваа држава дека постои, дека е жив. За првпат неговите осум букви се појавија вчера, во службената евиденција на МВР, но како починато лице.

    Тони нема да добие ни посмртница. Како да не постоел. Единствен документ и доказ дека постоел, ќе останат неговите петки од прва до последна, освоените домашни и меѓународни награди од натпревари и свидетелствата. Школите ги отворија вратите за него надвор од законот, врз основа на Конвенцијата за права на детето.

    Сали починал крај тешко болниот татко, покрај мајка си, братот и сестрата. МВР соопшти дека му го нашле телото на улица во Шутка без траги на насилство. Причините за прераната смрт на ова момче не се знаат, затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, ова социјално загрозено семејство, немаше.

    За голготата на ова момче и на неговото семејство пред Управата за водење матични книги, каде што подолго време е директор Бујар Дардишта од ДУИ, алармираше Народниот правобранител.

    Државата никогаш не му даде матичен број. Го условуваше место биолошкиот татко, за родител да му впишат странски државјанин кој не му е татко. Потоа, во друга процедура, да го поништел тоа татковство со човекот со кој детето и родителите немаат никаков контакт, оти такви ни биле законите. А во меѓувреме, Тони Сали требаше да живее како странец, без државјанство, без права на бесплатно школување, здравствена и социјална заштита како останатите граѓани на Македонија, што родителите никогаш не го прифатија.

    Управата никогаш не му го призна биолошкиот татко. Многу голема правна пречка било тоа што кога се родил Тони, мајката, која долги години си живеела со татко му во Македонија, не се имала разведено со првиот сопруг од Бугарија. Па оттаму нашата држава до последно инсистираше да му го натури како татко за да му даде извод.

    Ист случај се неговите постари брат и сестра, но тие имале среќа да се родат во Србија и без проблем тамошната администрација да им даде изводи на раѓање.

    Тони е роден во Македонија, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со час време и место на раѓање. Имал живи биолошки мајка и татко, т.е. со сите исполнети услови да биде запишан во Матичната книга на родени.

    19-годишниот Тони Сали беше одличен ученик во целото школување, со бројни награди на домашни и натпревари под меѓународно покровителство, но иако стана полнолетен не можеше да добие лична карта, ни да се запише на факултет. (Фото: СДК.МК)

    И да имало здравствени проблеми ова момче, никогаш не ги дозна. Ниту тој, ниту неговото семејство, зашто немаше здравствена книшка да отиде на лекар, а без матичен број немал ни матичен лекар.

    Во последниот разговор Тони го затекнавме разочаран што по целодневно чекање со неговата истоштена мајка пред Управата за водење матични книги, мораше да си заминат дома.

    „Не завршивме работа, мораме да си одиме со мајка ми. Татко ми е дома во болки, терапија треба да му дадеме. Ќе дојдеме пак друг ден“, ни кажа со уморен глас ова исклучително љубезно момче.

    Тони и родителите добија бесплатна правна помош преку министерот за правда Бојан Маричиќ. Aдвокатката Тамара Славеска – Апостоловски ја водеше битката пред институциите, пред Управата за водење матични книги, Второстепената државна комисија, Управниот и Граѓанскиот суд…

    Вели дека папката со неправди што му ги стори оваа држава на Тони Сали ќе продолжи да ја полни за пред Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Но Сали веќе не е жив да ја тера правдата. Како никогаш да не постоел.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира