ПОЦ НЕ Ѝ ДАВА ПОВЛАСТЕНА ПАРКИНГ-КАРТА НА ТЕШКО ПОДВИЖНА СКОПЈАНКА СО МОЗОЧЕН УДАР, ЌЕ ГО ИЗГУБИ ЛИЧНИОТ АСИСТЕНТ ОТИ ЗА НЕГОВАТА КОЛА МОРА ДА ПЛАЌА СКАПО ПАРКИРАЊЕ

    ПОЦ НЕ Ѝ ДАВА ПОВЛАСТЕНА ПАРКИНГ-КАРТА НА ТЕШКО ПОДВИЖНА СКОПЈАНКА СО МОЗОЧЕН УДАР, ЌЕ ГО ИЗГУБИ ЛИЧНИОТ АСИСТЕНТ ОТИ ЗА НЕГОВАТА КОЛА МОРА ДА ПЛАЌА СКАПО ПАРКИРАЊЕБесплатна карта за паркинг за грижа за лице со попреченост, може да земе лично тоа лице на свое име , но мора да има кола, или на име на член од најблиското семејство, што е невозможно за скопјанката со тежок мозочен удар. (Фото: СДК.МК)

    Скопјанка со тешка физичка, сетилна и ментална попреченост како последица од мозочен удар, која живее сама и не може да се движи, а не пак да вози кола, е во ситуација да го изгуби персоналниот асистент доделен од државата, зашто секојдневно плаќа големи суми за паркинг кога доаѓа да се грижи за неа. Поради небулозен и нецелосен правилник на Јавното претпријатие  „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), ова лице со попреченост не може да ги исполни пропишаните услови за да добие повластена паркинг-карта: ниту има свое возило или пак има шанса да купи, ниту некој близок член од семејството живее на територијата на нејзината Општина Центар, па на негово име да се земе повластената карта за лица со попреченост.

    Неопходна е повластена паркинг-карта со ограничено траење за персоналните асистенти на лицата со попреченост што им ги доделува државата, за вакви исклучителни ситуации во каква што е оваа жена, која не може да исполни ниту еден од стриктните услови на ПОЦ. Персоналните асистенти мора секој ден да доаѓаат кај лицата со попреченост за да се грижат за нив, но повластен паркинг за тие асистенти, макар и само на два часа, нема одредено никаде.

    Оваа граѓанка е дискриминирана во однос на други лица со пореченост кои некако ги исполнуваат небулозните услови, па во безизлез, поднела претставка до Народниот правобранител.  Се обратила таму откако ПОЦ ја одбило за бесплатна паркинг-карта за инвалиди, со образложение дека предметното патничко возило не било во нејзина сопственост.

    „Подносителката е со ‘одземена’ половина од телото и воопшто не може да управува со моторно возило, што е услов да добие повластена паркинг карта за Центар каде живее. За неа се грижи персонален асистент и картичката ѝ треба да е на негово име, за да не плаќа кога доаѓа. Возилото му е потребно и да ја вози, да ја носи на лекар, да ѝ набавува прехранбени производи.  Во овој случај лицето со статус на инвалид, т.е. попреченост, не поседува, ниту пак може да поседува и да управува со патничко моторно возило. Покрај тоа, ова лице не живее со близок член од кој има сопстевн автомобил, како што бара ригорозниот Правилник“, вели Народниот правобранител Насер Зибери.

    Правобранителот тргнувајќи од уставно прокламираните начела за еднаквост на граѓаните и забрана за дискриминација по кој било основ, смета дека и на категоријата лица со инвалидност, т.е. попреченост, кои не поседуваат, а не се ни во состојба да возат кола, треба да им се обезбеди правото на користење повластена паркинг-карта.

    „Се разбира, правото на користење повластена паркинг-карта треба да се реши преку определување соодветен начин на негова примена, т.е. да има можност да може да се добие и за возилото кое е регистрирано на име на персоналниот асистент, кој се грижи за лицето со попреченост. Секако, одредбата треба да се осмисли за да нема злоупотреба од страна на имателот на таа картичка, персоналниот асистент на лицето со попреченост“, вели Омбудманот, констатирајќи дека подносителката е дискриминирана и според Уставот, и според Законот за Народниот правобранител.

    Управниот одбор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во одговорот на Народниот правобранител му ги цитирал ограничувачките членови на Правилникот за добивање повластена карта за паркинг. Адвокатката што ја ангажирал Управниот одбор, во одговорот сугерира подносителката на претставката – лице со попреченост, да земе т.н. зелена платежна картичка, т.е. гостинска картичка за персоналниот асистент и да ја плаќа секој месец по 300 денари.

    „Таа воопшто не е виновна што е лице со попреченост. Зошто да плаќа гостинска картичка кога на други лица со помала телесна попреченост им следува бесплатна?  Правилникот бара секој месец за гостинската да се оди по пунктовите на ПОЦ и да најавува: ‘Сега ќе ми дојде гостинот, гостинката (персоналниот асистент)’, за да почнат да отчукуваат двата слободни часа во денот. Ова лице со попреченост која живее сама, не може да мрдне од дома“, реагира Народниот правобранител на дискриминирачките одредби Правилникот за ПОЦ.

    Народниот правобранител не се откажува, дури не се смени Правилникот.

    „Омбудсманот ќе бара од УО на ПОЦ уште еднаш посериозно да го разгледа случајот и итно да го смени дискриминаторскиот Правилник, со што ќе овозможи во исклучителни случаи, повластена карта за паркинг да имаат всушност персоналните асистенти кои секој ден мора да доаѓаат да се грижат за нив, да им купуваат храна и облека, да ги извадат од дома, да ги нахранат, исперат“, вели советникот на Народниот правобранител кој го води овој случај.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира