Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила случај на политичко дискриминирање на професорката по математика Наташа Петровска од средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, само затоа што била поранешна градоначалничка кандидирана од политичка партија.
Просветен инспектор од Државниот просветен инспекторат, при исти околности и целосно реализирани часови за минатата учебна година, ја казнил прекршочно само неа и колегата професор, кој бил директор на училиштето во време на нејзиниот мандат.
Петровска не само што го добила случајот пред Комисијата, туку и на суд, па прекршокот неосновано изречен од просветниот инспектор, паднал пред Основниот суд Битола, а потоа и пред Битолскиот апелационен суд.
На 11 септември 2023 година, по пријава до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за нереализирани часови од сите професори, инспекторот – дискриминатор извршил вонредна контрола во средно техничко училиште во Битола. Но, за нереализирана наставна програма, прекршочен налог им изрекол само на поранешната градоначалничка Петровска и на ексдиректорот на училиштето, кого таа го именувала во време на мандатот.
Таа се пожалила до Инспекцискиот совет, кој ја прифатил пријавата и веднаш му поднел дисциплинска постапка на инспекторот. Државниот просветен инспекторат, го заштитил и ја отфрлил пријавата за дисциплинска постапка против него.
По ова, Петровска во февруари поднела тужба против прекршочната пријава против неа. Основниот суд ја ослободил од одговорност, утврдувајќи дека таа во целост го остварила годишниот фонд на часови по предметот математика, предвиден со годишната наставна програма.
Во јули пресудата ја потврдила и битолска Апелација.
По утврдување на директна дискриминација врз основа на политичка припадност (во областа на работните односи), Комисијата донела препорака овој просветен инспектор во иднина да се воздржува од политичка дискриминација, бидејќи во спротивно ќе биде пријавен пред надлежен суд.
Наташа Петровска беше градоначалничка на Битола од 2017 до 2021 година. Таа победи на локалните избори во октомври 2017 како кандидат на СДСМ. По истекот на мандатот, откако во 2021 година Битола го избра Тони Коњановски за градоначалник поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Петровска се врати на претходното работно место професор по математика во Техничкото училиште.
С. К. ДЕЛЕВСКА