СЕДУМ СЕМЕЈСТВА ЈА ПОМИНАЛЕ ОБУКАТА ЗА ЗГРИЖУВАЧИ НА ДЕЦА

СЕДУМ СЕМЕЈСТВА ЈА ПОМИНАЛЕ ОБУКАТА ЗА ЗГРИЖУВАЧИ НА ДЕЦАОд стартот на кампањата „На секое дете му треба семејство“ на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика (Фото: УНИЦЕФ)

Над 200 повици се евидентирани во кол центарот на Министерството за труд и социјална политика за згрижувачи на деца без родителска грижа од први минатиот месец, кога заедно со УНИЦЕФ ја почнаа кампања за згрижувачки семејства „На секое дете му е потребно семејство“.

„До центрите за социјална работа поднесени се нови 27 барања за згрижувачки семејства, од кои 20 барања во Скопје. Од поднесените нови барања,  7 семејства ја поминале обуката,  а за останатите постапката е во тек“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

За да стане згрижувач на дете без родителска грижа, дете со пречки во развојот или одземено дете поради запоставување и злоупотреба, едно лице или семејство откако ќе се информира во кол центарот на Министерството треба да поднесе барање до локалниот центар за социјална работа во општината каде што живее.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека заинтересираните кандидати потоа се оценуваат врз основа на критериуми дефинирани со законската регулатива, односно згрижувачите да се на возраст од 18 до 65 години, со тоа што старосната граница меѓу детето и згрижувачот да не е помала од 18 години или повеќе од 50 години. Згрижувачите треба да имаат завршено најмалку основно образование, се проверува нивната здравствена состојба, подобност, материјални и станбени услови. Постапката за проценка на подобноста на згрижувачкото семејство продолжува со преглед на документи, вклучувајќи и доказ дека не е осудувано и дека не му се одземени родителските права.

„Се прави разговор со потенцијалниот згрижувач и разговор со членовите на семејството на потенцијален згрижувач, како и посета на домот. По завршувањето на првичната проценка на потенцијалниот згрижувач врз основа на критериумите, Центарот за социјална работа обезбедува обука за потенцијалните згрижувачките семејства. По успешно завршената обука, Центарот за социјална работа одлучува дали потенцијалните кандидати ги задоволуваат условите да станат згрижувачи“, велат од Министерството.

Оваа кампања Министерството почна за да ја реализира за деинституционализацијата на децата во Македонија. Во моментов, во повеќе институции се сместени околу 200 деца на кои им е потребно згрижување. Извлекувањето на децата од институциите УНИЦЕФ го помага од 2000 година, кога во разни институции биле сместени 700 деца.

Е. БОЧВАРОСКА

 

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира