ТИМЈАНИК МИ ДАДЕ МОТИВ, НИКОЈ НЕ ЗАСЛУЖУВА ДА ЖИВЕЕ ВО ЗАТВОР НЕОСУДЕН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

ТИМЈАНИК МИ ДАДЕ МОТИВ, НИКОЈ НЕ ЗАСЛУЖУВА ДА ЖИВЕЕ ВО ЗАТВОР НЕОСУДЕН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАВо разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, Царовска вели дека кога го почнале процесот отпор имало на сите нивоа, но, ниту сега тој не е исчезнат. Кулминација за неа во пречките кон остварување на деинституционализација е случајот Тимјаник, кога жителите на селото излегоа на протести бидејќи не сакаа во нивната околина да има групен дом за деца со тешка попреченост од Заводот во Демир Капија. (Фото: К. Попов)

Наместо во Заводот во Демир Капија,  4 лица со тешка попреченост сега живеат во стан во една скопска населба. Неколку километри подалеку, куќа со голем двор е новиот дом на пет деца без родители кои десетина години живееле во Домот „11 Октомври“. Тие 24 часа на ден ја добиваат потребната грижа од лица кои живеат со нив, негуватели, психолози, дефектолози и можност да почувствуваат што е дом, наместо живот во институција.

Ова е постигнато со процесот на деинституционализација, кој Министерството за труд и социјална политика го спроведува со цел да се стави клуч на институциите и секој без разлика на попреченоста, да добие можност да биде вклучен во општествениот живот, а не фрлен настрана и заборавен.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со нејзиното доаѓање на оваа функција решително го спроведува овој процес. За две години речиси половина од лицата „заробени“ во институции, сега се сместени во мали групни домови. Кога ја презеде министерската функција 482 лица биле сместени во институции, а денеска таа бројка е 274 и верува дека до крајот на 2021 година клуч ќе биде ставен на сите вакви институции.

Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, Царовска вели дека кога го почнале процесот отпор имало на сите нивоа, но, ниту сега тој не е исчезнат. Кулминација за неа во пречките кон остварување на деинституционализација е случајот Тимјаник, кога жителите на селото излегоа на протести бидејќи не сакаа во нивната околина да има групен дом за деца со тешка попреченост од Заводот во Демир Капија.

 

„Тимјаник ни даде енергија и дополнителен мотив дака ова е правиот пат, дека заедницата мора да разбере дека сите ние мораме заедно да живееме. И сега една година подоцна жителите на Тимјаник се соживеани со малиот групен дом и децата кои во него живеат“, вели Царовска. (Фото: К. Попов)

„Кога ја креиравме програмата на владата пред изборите овој процес беше еден од моите лични приоритети и веднаш до преземањето на функцијата создадов услови да одиме во брза трансформација на големите институции, затоа што ако не ги трансфромирате нив, никогаш нема да постигнете квалитет на живеење во институција соодветна за деца и лица со попреченост. Тоа повеќе ќе личи на болница или на затвор, но не може никогаш да личи на дом. Кога почнавме со овој процес имавме 482 лица сместени во институција, за да денеска во октомри 2019 имаме 274 лица. Деца имавме 183, а денеска само 5  сѐ уште се во институција, но до крајот на оваа година и тие ќе бидат надвор, затоа што мојата заложба е до 2020 да немаме ниту едно дете во институција и тоа ќе го направиме“, вели министерката Мила Царовска.

Во процесот на деинституционализација отпорот не доаѓал само од граѓаните каде што се отворале малите групни домови, туку и од вработени во министерството, вработени во институциите и центрите. Царовска дури наидувала на негодувања за процесот и од стручната и научната фела.

„Ми велеа – ама Мила има лица кои не се за живот во заедница. Им велев навистина ли, кажете ми кои се тие луѓе, постои ли човек кој треба да живее во затвор неосуден. Невозможно е на друг начин да ги вклучиме луѓето во секојдневно живеење, дури и лицата со најтешка попреченост, додека не ги извлечеме оттаму. Поддршката од фелата, вработените во институциите, градоначалниците сега ја имаме, но отпорот од граѓаните не е исчезнат. Штом ќе отвориме групен дом, без разлика дали станува збор за деца без родители, лица со попреченост, па дури и бебиња, добиваме петиции од соседите во зградата или жителите на улицата каде се наоѓа куќата, дека не сакаат групен дом до нив. Дури и за бебињата од Домот за доенчиња во Битола кои ги сместивме во домови, соседите се противат. При мојата посета на бебињата во новите домови, еден од соседите ми рече ‘дали сте вие нормални што направивте. Тука ни ги донесовте, во најелитната населба бебињата од Битола‘. Го прашав, па каква закана се тие за вас, а неговиот одговор беше ‘можеби многу ќе плачат‘. Ова е само еден од примерите со кои се соочуваме секојдневно “, раскажува Царовска.

При мојата посета на бебињата во новите домови еден од соседите ми рече ‘дали сте вие нормални што направивте. Тука ни ги донесовте, во најелитната населба бебицата од Битола‘. Го прашав па каква закана се тие за вас, а неговиот одговор беше ‘можеби многу ќе плачат‘. Ова е само еден од примерите со кои се соочуваме секојдневно “, раскажува Царовска.  (Фото: МТСП)

Најдрастичен пример е случајот во селото Тимјаник каде жителите се собраа на протест против групниот дом за деца со тешка попречост. Царовска вели дека искрено не очекувала отпорот на заедницата да биде со толкав интензитет, да се изрекуваат толку навреди и уцени ‘ќе го запалиме ама ваков дом тука нема да има‘. Но, за Царовска тој случај е и еден пресврт во целиот процес, им дал дополнителна енергија и мотив и токму затоа процесот на деинституционализација се вика Тимјаник.

„Луѓето навредуваа и имаа отпор кон деца кои се ранливи, попитоми од сите деца кои ги знаете, а некој толку силно ги навредуваше. Јас претходно неколку пати имав средби со жителите и знаев дека се против, но дека сето тоа ќе добие толкав интензитет не верував. Кога чув дека протестираат, реков одам веднаш за да видам каде е проблемот, дали јас некого злоупотребувам, дали некого сме го оштетиле, дали сме згрешиле нешто. Беше голем стрес за нас, беа собрани 200 луѓе, викаат, навредуваа, велеа ќе палиме нема да дозволиме ова да го има. Добро е што сите партнери во тој процес беа со нас, а голема улога одиграа и новинарите, кои со известувањето пробудија емоција. Тимјаник ни даде енергија и дополнителен мотив дака ова е правиот пат, дека заедницата мора да разбере дека сите ние мораме заедно да живееме и ако и тие се вклучат во процесите ќе научат и нивните деца како да се грижат за некој кој е немоќен, ќе се соочат со реалноста дека тие луѓе постојат. И сега, една година подоцна, жителите на Тимјаник се соживеани со малиот групен дом и децата кои во него живеат“, вели Царовска.

Царовска вели дека нејзината цел е до крајот на 2021 година, Заводот во Демир Капија, да добие клуч на врата. (Фото: К. Попов)

Заводот во Демир Капија каде се сместени лица со најтешка попреченост е иституцијата за која сите извештаи покажуваат дека има несоодветни и недостоинствените услови не само за штитетниците туку и за вработените во него. Царовска вели дека нејзината цел е до крајот на 2021 година, Заводот да добие клуч на врата. Во моментов се вршат реконструкции во објектот, за да може во наредните 2 години додека трае процесот на извлекување на лицата, да има колку-толку подобри услови. Депандансот кој што е надвор од институцијата комплетно е реконструиран и таму ќе се воведе нова услуга за прием и работа со овие лица еднаш во годината по 15 дена.

„Ако одредено семејство се грижи за дете или лице со попреченост, еднаш годишно ќе може да го донесе 15 дена на еден вид одмор. Знаете, тие родители се презаморни и потребно им е да можат да го остават детето барем две недели во соодветен објект со најдобра грижа и соодветен третман“ вели Царовска.

Сите објекти во кои досега биле сместени овие лица откако целосно ќе бидат испразнети ќе се користат за потребите на Министерството односно нема да се пренаменат во хотели или згради. Во моментов домот за деца без родители „11 Октомври“ повеќе нема ниту еден штитетник, сите деца се во мали групни домови, па таму сега се просториите на Комисијата за проценка на лицата со попреченост. Друг дел од објектот од наредната година ќе биде целосно адаприран како Центар за поддршка на згрижувачки семејства.

„Цел овој процес бара време и посветеност. Јас велам, ако зацртаме дека ќе го направиме, кога ќе тргнеме на тој пат, нема враќање. Ако нас не поколебаше Тимјаник, ако не поколебаше ‘25 Мај‘ или Битола, немаше да успееме. Одиме по патот, па како ќе се соочуваме со проблемите така ќе ги решаваме.  Јас сум сигурна дека секој човек  на крајот сфаќа дека сето ова е за доброто на општеството“, додава Царовска.

А. АНТЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира