Две мајки од Скопје, Џ.Х. и В.Ш., пред повеќе години поднеле барање за упис на нивните деца во матичната книга на родени, но до денеска тие деца се фантоми, немаат лично име, ни матичен број. Поради желбата да учат и да се образуваат, дел од нив се примени во училиште без идентитет, а свидетелства за жал, не може да добијат.
Сестричките Б. С. и М. С., како и другите две, Р. Ш. и нејзиниот брат С. Ш., до денеска немаат извод од матична книга на родените. Најстрашно е што двете мајки скитајќи по институциите со години немале никаква информација што се случува. Немаат никакви сознанија дали постапката е почната, до каде е, или пак кои се причините поради кои Управата за водење на матичната книга на родените не ги запишува нивните деца родени во Скопје како сите останати граѓани на оваа држава, зошто до денеска немаат добиено документи во рака.
Немоќни пред Управата, жените се обратиле до Народниот правобранител Иџет Мемети, чија заменичка Васка Бајрамовска-Мустафа во декември лани до директорот на Управата Бујар Дардишта веднаш испратила укажување за настанатите повреди на основните човекови права на овие деца.
Директорот е информиран дека Џ. Х. се пожалила оти до надлежната матична служба повеќепати поднела барање за одредување лично име на децата, едно седум години, другото на тригодишна возраст, но е одбиена зашто немала таа документ за идентификација. Службеното лице поради тоа одбивало да ги прими барањата за поведување постапка за упис на имиња и матични броеви на децата. Таа се јавила и на јавниот повик во 2018 година за упис на лица кои немаат извод, а службено лице, поради тоа што мајката не е писмена, го пополнило прашалникот со комплетни информации за неа и децата. Омбудсманот му укажал на директорот дека година и пол предметот не почнал да се работи.
Мајката повеќепати прашувала до кај е предметот, ѝ било кажувано дека се чека нов закон и оти предметот не бил во Управата.
Со истиот проблем се соочува и мајката В. Ш., чии деца се поголеми, 12 и 14 години, но се родени во домашни услови. Но, таа во 2017 година доставила до матичната служба и ДНК-анализа за да го потврди крвното сродство, на трошок на Министерството за труд и социјална политика. Но и покрај тоа, работата не мрдала од место. И таа се јавила на јавниот повик во 2018 година за упис на децата, па и на тој во 2019 година, но постапката до денеска не е завршена.
Бајрамовска-Мустафа укажала дека според Конвенцијата на ОН за правата на детето, согласно домашната регулатива, секое дете непосредно по раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и ако е тоа можно, право да знае кои му се родители. Се повикала и на Законот за општа-управна постапка за рокот за завршување на постапката за упис на четирите деца. Побарала комплетна информација за двата случаја, но не добила.
Пред самото распуштање на Собранието на 16.02.2020, беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната евиденција, но останува непознато дали се донесени подзаконските акти, каде секогаш се кријат деталите.
Затоа заменичката-Омбудсман на 3.03.2020 ја известила Владата со допис дека Управата за водење на матична книга на родените го попречува остварувањето на правата на овие четири деца за добивање лично име, матичен број и изводи на родени. Дека не го известила ни Народниот правобранител, ниту двете родителки воопшто нешто за постапките.
Но, на 12 мај Управата доставила известување до Народниот правобранител за двете мајки, за предметите на четирите деца дека откако ќе бидат донесени подзаконските акти, ќе треба повторно да се обратат на шалтерите во Управата, каде што покрај доказите, задолжително треба да достават фотографии од секое од децата.
Сепак, Управата за водење на матични книги го потсетува Народниот правобранител дека пак има пречка во остварувањето на правата на четирите деца, поради владината уредба за престанок на течење на рокот за ваквите постапки, додека трае вонредната состојба.
Вонредната состојба престана да важи од денеска. Дали овие мајки по долгогодишна битка ќе успеат да се изборат за лични имиња и матични броеви на своите деца ќе се знае во наредниот период. Свидетелства три од нив најверојатно нема да добијат. Апелот на училиштата кои што ги примија на настава од љубов, жал и солидарност останува – што е можно побрзо да се спроведе уписот на децата, зашто нивниот прием е од хумани причини, а е спротивен на Законот за основно образование.
С. К. ДЕЛЕВСКА