УБАВО Е ЧУВСТВОТО ДА МУ ДАДЕШ НЕШТО СВОЕ НА СВЕТОТ, ВЕЛИ СЛАВЧЕ ТАНЕВСКИ, ДИЗАЈНЕР НА НАЈНОВИОТ МОДЕЛ НА МЕРЦЕДЕС

    УБАВО Е ЧУВСТВОТО ДА МУ ДАДЕШ НЕШТО СВОЕ НА СВЕТОТ, ВЕЛИ СЛАВЧЕ ТАНЕВСКИ, ДИЗАЈНЕР НА НАЈНОВИОТ МОДЕЛ НА МЕРЦЕДЕСПо само една година во „Мерцедес“, Славче Таневски го дизајнираше моделот ГЛЦ Купе, кој што денеска имаше премиера во Македонија во салонот на импортерот „Мак Аутостар“. - Од премиерата во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Славче Таневски на само 28 години има дизајнирано сопствен автомобил, можност што многу дизајнери ја чекаат цела кариера. Живее и работи во Штутгарт, каде е централата на Мерцедес, чиј најнов модел го носи неговиот потпис. По една година на Машинскиот факултет во Скопје, студиите ги продолжува на Универзитетот за применети науки во Минхен и веднаш по дипломирањето се вработува во Мерцедес. По само една година во германскиот гигант, го дизајнира моделот ГЛЦ Купе, кој денеска имаше премиера во Македонија во салонот на импортерот „Мак Аутостар“, а продажбата почнува за неколку дена. За САКАМДАКАЖАМ.МК раскажува за почетоците, подемот во кариерата, проектите, инспирацијата, животот во Германија и враќањата во Македонија.

    Кажи ни нешто за себе, зошто избра кариера во автомобилски дизајн?

    Тоа го сакав уште од мал, немав никаква друга опција. Уште од мал цртав сѐ што е на тркала: трактори, камиони, коли, сѐ што е можно. Тоа ми беше љубов отсекогаш.

    Кога веќе реши, како доаѓаше до информации како се станува дизајнер на автомобили и зошто ја избра Германија?

    Тука во Македонија очигледно немаше можности, гледав на интернет каде може. Доста се ретки факултетите на коишто можев да студирам. Има 5-6 врвни во светот, во Европа и во Америка. Најпогодна варијатна ми беше Германија затоа што има најразвиена автоиндустрија и затоа што има многу работодавци и дизајн студија во кои можам да работам. Не само германските фирми, туку и сите јапонски фирми таму имаат европски студија.mercedes

    Каков беше патот до дизајн тимот на Мерцедес, налета ли на потешкотии?

    Сѐ ми одеше некако лесно во кариерата, затоа што уште пред да одам да студирам во Германија ги имав вештините, со оглед на мојата страст што ја имав уште како дете, па нивото на вештините само се покачи, немав потешкотии многу. Нормално беше тешко, жртвував многу време и труд, но се исплатеше. За среќа, победив на конкурс за дизајн и петтиот семестар бев во Мерцедес на пракса. Шест месеци траеше праксата и потоа ми понудија таму да ја изработам дипломската работа и повторно поминав шест месеци таму и веднаш потоа ме вработија.

    Колку е вообичаено некој на 28 години да добие можност да дизајнира сопствено возило во Мерцедес?

    Ретко е, некои дизајнери чекаат и цела кариера за да направат сопствено возило. Јас имав среќа, ова ми беше првиот проект на којшто работев пред четири години. Пред пет години се вработив и почнав веднаш да работам на скиците. Ова ми е првиот проект којшто сум го почнал од скица до реализација. Секогаш резултатот се гледа по четири години.

    Кажи ни нешто повеќе за актуелниот модел.

    Ова е нова категорија за Мерцедес, претходно имавме ГЛЕ Купе, тоа е поголемиот брат на ГЛЦ Купе. Значи, категорија СУВ купе, со подинамичен карактер, биполарно возило за офроуд, но и за во град да изгледа убаво.slavce-tanevski-2

    Како правиш твојот дизајн да биде уникатен во компанија со дизајнерска традиција како Мерцедес?

    Тоа е доста тешко. Мерцедес е најстарата автомобилска компанија со најголема традиција. Тоа ме инспирира, но е и голема одговорност. Има безброј дизајни што ги направил Мерцедес досега и тоа мора да респектира и не може толку да се лета со фантазија. Си има одредена дизајн филозофија која ја следиме. Си има одредени критериуми по кои Мерцедес е препознатлив во моментот. Се почнува многу широко, се испробуваат безброј идеи и подоцна во процесот, сите различни предлози што се изработуваат се конвергираат кон една идеја и на крај таа се разработува. Се прави физибилити студија, дали е можно тој дизајн да се произведе, долг е процесот, но на крајот убаво е чувството да му дадеш нешто свое на светот.

    Од каде црпиш инспирација?

    Целото мое животно искуство, уште како дете, секаде кадешто сум прошетал, сите дестинации што сум ги посетил, градби, градови што сум ги видел, сите цртани филмови што сум ги гледал како мал, сето тоа има влијание. Нема нешто како, на пример, сум видел вазна и тоа да ме инспирира неделава. Бекграундот што го имаш во себе, тоа што си го видел визуелно, што си го доживеал, тоа ти е извор на идеи. Секојдневието на дизајнерот е да направи 10-20 идеи секој ден. Па утредента сосема друг тип на идеи и така секој нареден ден. Не е едноставено, сепак се бара креативност. Не е 1+1 да ја решиш задачата и си ја завршил работата, треба малку подуховно да се изразиш. Некогаш е тешко, не си расположен. Кога си расположен полесно оди. Кога не си расположен треба да научиш како негативната енергија да ја претвориш во нешто позитивно.

    Каков совет би им дал на младите дизајнери кои сакаат да градат кариера во автомобилскиот сектор?

    Сѐ се прави со страст. Да се вложат многу, барем јас сум се вложил многу и затоа сум успеал. Да бидат искрени, да веруваат во себеси и се успева. Иако доаѓам од земја кадешто нема автомобилска индустрија и малку луѓе знаат да ја покажат на карта, сепак сум успеал, но сум го нашол тој прав пат. Сум бил можеби на вистинско место во вистинско време за да покажам што знам. Со многу труд, со многу професионалност, неспиени ноќи понекогаш. По дискотеки ако седат секоја вечер сигурно нема да успеат.

    Што е следно за тебе?

    Што е можно повеќе нови мерцедеси со мој потпис. Ова е нешто што се случувало пред четири години за мене, во меѓувреме се случиле уште неколку работи. Одам напред.

    Колку често доаѓаш во Македонија?

    Обично гледам што е можно почесто да доаѓам. Го сакам Скопје, ме потсеќа на детството. Моите живеат тука, роднините, другарите и уживам кога доаѓам тука.

    Што ти недостасува од Македонија?

    Блискоста со моите, блискоста со пријателите, тој поопуштен живот тука. Подобро се разбирам со луѓето тука, ист ни е менталитетот. Ми фали и храната многу, сосема е друго чувството.

    Ти недостасува ли нешто од Германија кога ќе дојдеш во Македонија?

    Па не, морам да признаам, не. Иако сум среќен таму, ме исполнува професионалниот живот, тоа што го работам. Меѓутоа, 90% од животот во Германија ми е професионалниот живот. И затоа го користам секое време од одморот да си дојдам тука.

    Кој ти беше првиот автомобил што го купи и што возиш сега?

    На стари години, да речам, земав возачка дозвола. На 25 години. Првин го дизајнирав ГЛЦ Купе, па потоа земав возачка. Првиот автомобил ми беше Ц Класа Купе, претходниот модел, а сега возам А Класа.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари