ВО СЕДМИ МЕСЕЦ ОД БРЕМЕНОСТА Ѝ КАЖАЛЕ ДЕКА ЌЕ ЈА БРКААТ ОД РАБОТА, НА БЕБЕТО НЕ МУ ДАЛЕ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, А НА НЕЈЗИНОТО МЕСТО ГО ПОСТАВИЛЕ КОЛЕГАТА ШТО СЕКСУАЛНО ЈА ВОЗНЕМИРУВАЛ

    ВО СЕДМИ МЕСЕЦ ОД БРЕМЕНОСТА Ѝ КАЖАЛЕ ДЕКА ЌЕ ЈА БРКААТ ОД РАБОТА, НА БЕБЕТО НЕ МУ ДАЛЕ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, А НА НЕЈЗИНОТО МЕСТО ГО ПОСТАВИЛЕ КОЛЕГАТА ШТО СЕКСУАЛНО ЈА ВОЗНЕМИРУВАЛПодносителката на пријавата за дискриминација докажала дека тврдењата за намален буџет на организацијата се неточни, зашто по нејзиното заминување на породилно отсуство, веднаш местото било пополнето од нејзин колега. (Фото: илсутрација)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила потежок облик на дискриминација или т.н. интерсекциска дискриминација, како и виктимизација на вработена во невладина организација со седиште во скандинавска земја, врз основа на бременост, пол и личен и семеен статус во областа работата и работните односи.

    Ова е една од најновите одлуки на КСЗД и е можеби најобемен нејзин случај, во кој пријавителката излегла со педантно собирани писмени докази против претпоставената (дискриминаторката), против колегата кој сексуално ја вознемирувал, но и против авторитетите во странската земја, каде таа во неколку наврати пријавувала што ѝ се случува на работното место овде во Македонија, а тие не презеле ништо.

    Подносителката на претставката во организацијата била вработена (на определено време) на позицијата програмска службеничка, во период од 4 години и 10 месеци. Уште три месеци ѝ фалеле да стекне законско право за трансформација на работниот однос во неопределено време, но тогаш добила отказ.

    Во претставката таа навела дека повеќе од две години била изложена на директна дискриминација, вознемирување и виктимизација од страна на регионалната директорка на проектот, што резултирало со дискриминација за време на бременост. Додека била на работа, таа неколку пати пријавила дискриминација и навредлив јазик од директорката, но и не само од неа, туку и сексуално вознемирување од колега, поради што ѝ било возвратено со тежок мобинг од директорката.

    По пријавите што ги поднесувала, програмската службеничка била исклучена од задачи, од настани, одговорности и одлуки поврзани со нејзината позиција, што резултирало со непродолжување на нејзиниот договор за вработување, и тоа за време на нејзината бременост. Во октомври 2022 година, во 30-та недела од бременоста, таа вербално била информирана од регионалната директорка дека од економски причини договорот нема да ѝ биде продолжен.

    Ваквата информација кај жртвата која била во поодмината фаза од бременоста предизвикала стрес, силна вознемиреност и опасност по нејзиното и по здравјето на плодот. Кога ова го пријавила кај менаџментот во странската земја, тие на 15.12. 2022 година утврдиле пропусти во постапувањето на регионалната директорка, вклучително и доцно известување за непродолжување на договорот, но не утврдиле дискриминација.

    Подносителката докажала дека тврдењата за намален буџет на организацијата се неточни, зашто по нејзиното заминување на породилно отсуство, веднаш местото било пополнето од нејзин колега.

    Против истиот тој колега подносителката претходно имала поднесено интерна претставка за сексуално вознемирување, за чиј исход никогаш не била информирана, освен за наводна опомена за која не постоела писмена белешка.

    По заминувањето на породилно отсуство, иако подносителката имала активен договор за вработување уште некој месец (до 30.06.2023 година), неа ѝ бил забранет пристапот до службениот мејл, ѝ биле одземени службениот телефон и лаптопот.

    Дискриминираната жена пред Комисијата за дискриминација докажала дека тоа било прв и единствен пример во целиот регион каде невладината организација има соработка и свои вработени, за време на породилно или какво и да е друго отсуство на вработен да му бидат ставени вакви забрани. Посочила пример дека за време на претходното породилно отсуство, таа имала пристап до службениот мејл, телефонот, компјутерот.

    Но, најнехуманото во целата дискриминација е што работодавачот на го вклучил нејзиното новородено дете во планот на приватно здравствено осигурување, каде што биле осигурени сите вработени во регионот (во Македонија и други земји). И да ѝ бил договорот до 30 јуни, сепак планот за здравствено осигурување трае до декември 2023 година, а подносителката не добила покана нејзиното бебе да биде осигурено како децата, односно членовите на семејствата на останатите вработени.

    По најавите дека ќе биде отпуштена од работа, работодавачот ѝ го продолжил договорот само 6 месеци, иако платеното породилно отсуство (од државата, а не од организацијата) трае 9 месеци. Зошто токму 6 месеци? Подносителката на претставката објаснила дека ако договорот на определено ѝ бил продолжен на 9 месеци, во таков случај таа би го стекнала условот од Законот за работни односи нејзиниот работен однос да се трансформира во вработена на неопределено време.

    Патем, дискриминаторскиот и навредлив однос кон оваа жртва, почнал по враќањето од првото породилно отсуство, кога била ставена на некакво „судење“ од раководителката и да се брани од нешто за кое не знае зошто е обвинета. На тоа судење колешката што ја заменувал додека била на родителското отсуство, била навредувана со зборот „досадна“.

    По ова веднаш ја преместиле во оддел за администрација, а не во програмската канцеларија кај што била. Таквата постапка на работодавачот, кај на подносителката предизвикало чувство на непожелност.

    Потоа повеќе од еден месец на жртвата не ѝ било дозволено да учествува на состаноците, бидејќи била доилка, т.е. одела во 14 часот да го дои детето, а баш тогаш ги закажувале состаноците. Тоа се одразило со некомуникација со колегите од партнерската организација, тешко прилагодување по породилното отсуство и со недобивање на информации за работата. Следеле низа унапредувања во организацијата, а таа иако била фалена од претпоставените и никогаш не добила забелешка за работата, била изоставена.

    „Од таа причина подносителката ја пријавила конкретната ситуација во тимот за човечки ресурси во седиштето на организацијата“, наведува КСЗД.

    Подносителката во 2021 година се соочила со сексистички, но и навредливи и дискриминаторски шеги од нејзиниот колега програмски службеник со кој заедно работеле. Таа му поднела и интерна пријава за сексуално вознемирување, но и поради постојаното прекинување додека зборувала, со реченицата: „Ако може јас да кажам, како поискусен во секторот…“. Во интерната пријава тогаш навела и дека колегата постојано кажувал и дискриминаторски шеги за Ромите, со кои работеле како целна група.

    Претпоставениот (КСЗД поради заштита на личните податоци, не открива имиња), кажал дека и порано било забележано таквото однесување на колегата, но тој не добил санкција, туку во 2022 година бил донесен од директорката на нејзиното место.
    Подносителката била вклучена и во проект за подобрување на статусот на жените од руралните средини, но и оттаму била исклучена, без објаснување.

    Психички скршена, во состојба со повреден морален и професионален интегритет, подносителката на 30 јуни оваа година добила известување од работодавачот по пошта, дека нејзиниот договор за вработување завршува тој ден.

    Со известувањето ѝ биле испратени само две лични работи од нејзината работна маса.

    Веднаш работодавачот објавил оглас за пополнување на нејзиното место, за извршување на нејзините работни задачи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира