ЗА ДЕЦАТА ДРЖЕНИ ПОД СЕДАТИВИ ВО ПОПРАВЕН ДОМ ФИЛИПЧЕ ГО ПОСЛУША НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ, А НЕ ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ

ЗА ДЕЦАТА ДРЖЕНИ ПОД СЕДАТИВИ ВО ПОПРАВЕН ДОМ ФИЛИПЧЕ ГО ПОСЛУША НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ, А НЕ ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТФилипче формирал комисија од невропсихијатри, лекари, специјалисти за одвикнување од зависности и други експерти, како и претставници на неговото Министерство, кои потврдиле буквално сѐ што констатирал Омбудсманот, а не тоа што го говореа директорот на затворот во Охрид; - Шкафчето во кое се чуваат лековите во Воспитно-поправниот дом „Тетово“. (Фото: Народен правобранител)

Министерот за здравство Венко Филипче, еден месец откако Народниот правобранител и лично со писмо го известил дека децата и адолесцентите во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ се поспани и занесени оти се под терапија од 20 милиграми дијазепам дневно и други опијати што им ги пропишал невропсихијатар, го решава проблемот по прецизни препораки од Омбудсманот.

Филипче формирал комисија од невропсихијатри, лекари, специјалисти за одвикнување од зависности и други експерти, како и претставници на неговото Министерство, кои потврдиле буквално сѐ што констатирал Омбудсманот, а не тоа што го говореа директорот на затворот во Охрид, каде што е привремено сместен ВП домот „Тетово“, Здравствениот инспекторат и невропсихијатрите кои им ги препишувале големите дози таблети за смирување и потоа не контролирале дали треба да се намалат или не.


Министерот го решава проблемот по прецизни препораки од Омбудсманот; – Заменик-Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа; Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК/Влада)

САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше дека Правобранителот ги затекнал и истите деца кои во 2016 ги виде таму во „ресоцијализација“ со дијазепам, хелекс, менделекс и депакине. И во јули 2019, при вонредната контрола, тие пак биле затекнати под седативи.

„Дали воопшто и некогаш им била прекината терапијата на овие деца, сега адолесценти?“, прашува Васка Бајрамовска-Мустафа, Заменик-Народен правобранител.

Таа во писмото со препораки од ноември лани го известува министерот во детали за посетата на штитениците привремено сместени во затворот во Охрид, за силната седативна терапија што им ја дава лице вработено во Домот, за занемарувањето од страна на невропсихијатрите кои еднаш дадената доза не ја намалувале, дека нема контрола од специјалистот како делува терапијата, потоа дека таму спротивно на законот, само еднаш неделно ги посетува лекар, дека нема ни лекар, ни сестра вработено во институцијата, дека здравствена заштита тие деца и адолесценти речиси и немаат.

Препорачува да се вработи специјалист невропсихијатар со клиничко искуство кој ќе работи со штитениците и дека тие мора да добиваат тренинг и бихејвиорални третмани за да се постигне ефект за нивното однесување во средината и во општеството, а не да се остават само на седативите.

„Кон крајот на јануари, добивме одговор од Министерството за здравство и ова е после години и години првпат да ни одговори ова Министерство воопшто. Министерот нѐ известува дека формирал стручна комисија која извршила надзор на стручната работа на Здравствениот дом Охрид да види како го правел надзорот врз ВП Дом ‘Тетово’. Комисијата на министерот направила и самата надзор во ВП домот и поднела извештај. Ги констатирала истите недостатоци во однос на здравствената заштита и отишла потемелно. Констатирани се истите пропусти, штетни по здравјето на пациентите – штитениците. Комисијата дала препораки кои Министерството за здравство се обврзува да ги спроведе. Комисијата бара овие деца да имаат еднаков третман како останатите деца, адолесценти и останати граѓани во заедницата“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Комисијата утврдила дека седативите се чуваат во Домот, лекарот што ги посетува децата кажал дека кај лекарите има стигма за лекување на овие пациенти. Нема антишок терапија, нема антидоз опијати, нема почитување на лекарската тајна за она што го кажуваат за себе штитениците, нема психијатар на прием пред мерката самица, кондоми не им се делат на децата. Комисијата препорачува обуки на вработените, вработување на психијатар и на редовен лекар и сестра секојдневно. Таа сумира 16 конкретни препораки што Министерството се обврзало да ги спроведе, а се однесуваат на истите забелешки на Омбудсманот.

По објавата на текстот за децата под седативи, на 30 октомври лани, Државниот здравствен инспекторат од Охрид утредента веднаш изврши надзор, но за тоа што го интересира, зошто нема контроли како делува терапијата врз нив и зошто не се намалува силната доза, немаше ни збор во соопштението.

„Во однос на терапијата која им се ординира на штитениците во КПУ Охрид, од извршениот надзор во ЈЗУ Општа болница Охрид констатирано е дека терапијата е врз основа на специјалистички извештаи (прегледи) од психијатри вработени во Општата болница Охрид. За двајца од штитениците терапијата е дадена врз основа на нивната претходна хоспитализација во Клиниката за психијатрија Скопје. За следење на здравствената состојба на штитениците се вршат редовни прегледи што се потврдува со приложените специјалистички извештаи од мај, јули, септември и октомври 2019 година“, наведе Инспекторатот на 1 ноември лани.

Бајрамовска-Мустафа тогаш го потсети Инспекторатот дека и пред три години, кога тим на Омбудсманот ги затекна поспани и замајани под дијазепам децата на издржување на воспитни мерки во „Тетово“, одговорот од надлежните инспекциски органи бил ист: „Дијазепамот е препишан од стручно лице“, и толку.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира