ЖЕЛЕЗНИЧКАТА РАМПА ВО КУМАНОВСКО ЛОПАТЕ СЕ КРЕВА КОГА НАИДУВА ВОЗ, А СЕ СПУШТА КОГА НЕМА

    ЖЕЛЕЗНИЧКАТА РАМПА ВО КУМАНОВСКО ЛОПАТЕ СЕ КРЕВА КОГА НАИДУВА ВОЗ, А СЕ СПУШТА КОГА НЕМА„Рампата беше подигната и сообраќајот се одвиваше нормално. Во еден момент наиде возот. Нагло застана колата пред нас, а потоа и ние. Еве како се случуваат незгоди по македонските пруги. Има ли некој одговорен за оваа работа“, вели очевидец кој во целата паника успеал да направи фотографија од преминот (Фото: аматерска фотографија)

    За малку е избегната несреќа во кумановското село Лопате, откако затаила железничката сигнализација на меѓународната пруга Скопје-Белград. Воз кој сообраќал на железничката линија Скопје-Табановце без предупредување им го пресекол патот на возилата кои се движиле на регионалниот пат Куманово-Липково, додека рампата била подигната, а не биле вклучени светлосна и звучна сигнализација.

    „Малку фалеше да нѐ прегази возот. Рампата беше подигната и сообраќајот се одвиваше нормално. Во еден момент наиде возот. Нагло застана колата пред нас, а потоа и ние. Еве како се случуваат незгоди по македонските пруги. Има ли некој одговорен за оваа работа“,  вели очевидец кој во целата паника успеал да направи фотографија од преминот.

    Патот кон Липково е многу фреквентен, бидејќи опслужува 30.000 жители од селата (Фото: СДК.МК)

    Жителите на селото Лопате се жалат дека подолго време имаа проблеми во функционирањето на рампата и и затоа железничкиот премин го сметаат за небезбеден.

    „Близу една година не сме сигурни кога ја поминуваме пругата. Пред 3-4 дена рампата се спушти, семафорот чука, а возот го нема. Се создаде гужва и колона до крајот на селото. Кога видоа луѓето дека возот го нема, почнаа да ја заобиколуваат рампата и да ја преминуваат пругата. Едни внимаваат, други возат и сѐ така додека не се подигна рампата. Може два саати беше така. Истото се случи и завчера. Рампата сè некако обратно работи. Кога поминува возот отворена е и семафорот не работи, а кога нема воз ќе се спушти и со саати така стои“, ни објаснуваат жителите кои ги најдовме во селото и во селската чајџилница, меѓу кои и таксисти кои по неколкупати дневно поминуваат преку пругата.

    Според жителите, проблемот настанал кога се поставило електронско управување на рампата, предходно немало такви проблеми.

    „Порано рачно ја управуваше човек и беше поарно, а сега оваа современа, божем автоматика, ама постојано се расипува. Пред три месеци имаше несреќа, удри воз во возило, ама за среќа не беа повредени патниците. Овде минуваат многу луѓе, а преминот воопшто не е сигурен. Како ли ќе биде кога ќе ја направат новата пруга кон Бугарија, за која велат дека возовите ќе се движат со брзина од 120 километри на саат? Бараме надлежните да си го решат проблемот додека некој не платил со глава. После џабе, ако загине некој“, велат  луѓето.

    Според жителите проблемот настанал кога се поставило електронско управување на рампата (Фото: СДК.МК)

    Низ Лопате дневно поминуваат пет патнички воза, четири до Табановце и еден меѓународен кон Белград, плус товарни. Патот кон Липково е многу фреквентен, бидејќи опслужува 30.000 жители од селата и затоа треба под итно да се реши овој проблем додека не се случи некоја несреќа.

    Жителите повеќепати пријавувале за проблемот во Македонски железници, кои доаѓале и ја поправале рампата, но за кратко време се враќало на старо.

    Јавното претпријатие Македонски железници-Инфраструктура Скопје, кое е задолжено за одржување и поправка на инфрастуктурните уреди и системи, признава дека повремено се јавуваат дефекти, но тврдат дека екипите за интервенција работат 24/7 и се трудат веднаш да реагираат уредот да се оспособи за нормална работа.

    Од таму првин рекоа деке не е можно да се случил инцидентот во Лопате, но се уверија откако им ја испративме фотографијата од очевидецот.

    „Железницата има пропишано начин на работа и во случај на дефект на патниот премин, односно кога патниот премин не работи, машиновозачот добива налог по кој мора да застане пред преминот, да го обезбеди преминот и со 5 км/час да помине преку преминот. Претпоставувам дека сликата која ја добив за движење на возот преку преминот е според процедурата опишана погоре и со минимална брзина, бидејќи патниот премин бил во дефект. Случајот за кој зборувате во вашиот допис беше евидентиран, беа превземени мерки и проблемот беше решен. Се надеваме дека вакви проблеми ќе има се помалку, но од друга страна правиме напори со изградба на пругата од Коридорот 8 која поминува на истото место, а која е во фаза на изградба, овој многу фреквентен патен премин да го решиме на друг начин, односно да нема спој на пругата и патот во ниво“, вели во одговорот Петар Спасовски, помошник директор за електротехнички постројки и ИТ во ЈП Македонски железници-Инфраструктура.

    На територијата на Македонски железници-Инфраструктура евидентирани се 300 патни премини, од кои 200 се осигурани со знаци на патна сигнализација, додека 100 се осигурани со светлосна и звучна сигнализација и со рампи како што е и патниот премин Лопате на пругата Куманово–Табановце. Најкритични места се патните премини каде пругата и патот се спојуваат во исто ниво.

    „Мора да се напомене дека и покрај староста на уредите и тешкотиите со кои се соочуваме околу набавките на резервни делови тие функционираат и ја извршуваат задачата. Со самото тоа ние се грижиме уредите секогаш да бидат исправни и во функција, што во крајна смисла значи безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај“, додава Спасовски.

    С. НИКОЛИЌ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира