Кумановка 10 месеци останала без боледување затоа што во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) – Подрачна единица Куманово направиле грешка при внесувањето на дел од личните податоци во однос на дијагнозата и местото на живеење. На жената, која имала сериозно малигно заболување во електронскиот систем на податоци била впишана со шифра на патолошка бременост, дијагноза која се разликува во процентот на исплата за боледување.
Дополнително, и адресата на живеење не ѝ била точна, поради што се направени пропусти кои уште повеќе го искомплицирале случајот.
Сé почнало во јуни 2023 година, кога жената по дијагностицирање на тешката болест во ФЗО Куманово доставила барање за надомест на плата поради болест. Откако во предвидениот рок не го добила решението на домашна адреса, побарала објаснување од фондот, при што и било кажано дека и покрај тоа што нема решение, може да достави образец за продолжување на боледувањето. Така во август ја добила првата исплата и тогаш увидела дека износот е помал од предвиденото.
Повторно реагирала во Подрачната служба на фондот во Куманово, каде откриле дека е направена техничка грешка при внесување на дијагнозата во системот, поради што исплатата за боледување и била прекината. Тогаш започнала нејзината голгота по бирократските лавиринти. Проблемот се развлекол со месеци, па жената покрај сериозните здравствени проблеми останала и без пари за лекување. Затоа ангажирала адвокат, но кога и тоа не помогнало, во февруари 2024 година побарала помош од Народниот правобранител.
„Грешката е направена при внесување на дијагнозата во системот, па наместо да биде означена како малигно заболување со исплата на 85% од плата, во системот е внесена дијагноза патолошка бременост со исплата на 70% од плата. Воедно и решението со кое и се одобрува исплата на надоместок на плата поради болест не и било доставено на домашна адреса од причина што адресата е погрешно внесена во системот на ФЗО – ПЕ Куманово. Подносителката е заведена со адреса во Скопје, на која никогаш не живеела. Таа секој месец уредно поднесувала Барање за надоместок на плата поради болест/повреда/нега, за продолжување на исплата, при што првпат ѝ бил исплатен надоместок во август 2023 година, во два наврати по износ од 21.202,оо денари, што претставува надоместок од 70% од основицата”, вели Гордана Тренчевска-Ристовска, државен советник во Народен правобранител – Подрачна канцеларија Куманово.
![](https://sdk.mk/wp-content/uploads/2025/02/gordana-trencevska-3488932.jpg)
Гордана Тренчевска-Ристовска, државен советник во Народен правобранител – Подрачна канцеларија Куманово (Фото: СДК.МК)
Постапувајќи по претставката, тие извршиле увид во предметот во ФЗО Куманово, разговарале со службените лица и утврдиле повреда на правата на подносителката.
„За волја на вистината, службеното лице од ФЗО Куманово кое постапува по нејзиниот предмет во неколку наврати испраќало електронска пошта до своите колеги во централата на Фондот во Скопје, но и понатаму проблемот не беше решен. Поради специфичноста на предметот, најпрвин телефонски разговарав со тогашната директорка на ФЗОМ, и го образложив проблемот и побарав да се реши во најкраток можен рок. Веднаш потоа до Секторот за информатика и до правниот сектор, доставивме и укажување за начинот на отстранување на констатираните повреди, при што побаравме исправка на погрешно внесената дијагноза и во системот да се внесе точната дијагноза наведена во медицинската документација на пациентката/подносител на претставката, да се исправи грешката во однос на точната адреса на живеење, да ѝ се достави решението, да се изврши исплата на разликата во однос на помалку исплатените парични средства за претходните месеци и да ѝ се исплатат заостанатите надоместоци кои не ѝ биле исплатени”, додава Тренчевска-Ристовска.
Во краток временски рок, службите постапиле по укажувањето на Народниот правобранител, и од Подрачната служба на ФЗО Куманово, како надлежен првостепен орган, било донесено ново решение со кое биле исправени претходните грешки, а била исплатена и разликата во однос на помалку исплатените парични средства за претходни месеци и заостанатите надоместоци за боледување.
Објаснувањето од ФЗО за развлекување на случајот било дека поради претходни технички проблеми на системот по хакерскиот напад, била ангажирана надворешна фирма и податоците не можеле да ги менуваат вработените, туку исклучиво од секторот за информатика или од фирмата.
С. НИКОЛИЌ