Децата во Македонија најмногу ја користат апликацијата ТикТок за да гледаат видеа со песни и танцување, клипови снимени од нивни врсници или креативни и поучни содржини, но исто така се среќавaат со непримерни содржини и барања од други корисници кои потенцијално би можеле да ја загрозат нивната безбедност. Ова го покажа првото истражување за користењето на ТикТок во Македонија, еден од најбрзо растечките брендови на светот, чија мобилна апликација за пет години од појавувањето била даунлодирана повеќе од две милијарди пати.
Иако популарноста на ТикТок експлодираше во изминатите години, што најмногу се должи на тоа што главната целна група се деца и тинејџери, дури и на светско ниво сè уште нема обемни истражувања за неговото можно влијание врз здравјето.
„Платформата е толку масивна, но речиси да нема научни истражувања за неа“, вели Марко Зеноне од Лондонското училиште за хигиена и тропски болести.
БИРН спроведе регионално истражување, а САКАМДАКАЖАМ.МК ги регистрираше одговорите во Македонија, кои покажаа дека ТикТок го користат и деца на четиригодишна возраст и дека родителите во многу случаи не следат што прават нивните деца на апликацијата, иако не секогаш содржините со кои што доаѓаат во контакт се детски, наивни и безопасни.
„Еднаш на моето дете му бараа топлес фотографии, а ништо помалку опасни не се бројните предизвици за намалување тежина и содржини за естетска хирургија и нереални тела“, вели родителот на едно 10-годишно девојче.
„Половина од видеата на ТикТок се несоодветни за малолетниците. Има премногу експлицитна содржина, идиотски предизвици, лажни информации… Децата пцујат и се исмеваат и омаловажуваат едни со други“, кажа родителот на еден деветгодишник.
Опасни предизвици често го ставаат ТикТок во фокусот од погрешни причини. Во јануари годинава, 10-годишно девојче од Италија почина откако учествувало во предизвик со онесвестување преку апликацијата.
И младите тиктокери од Македонија велат дека се среќавале со нив, а како примери ги наведуваат светење со блиц во очи, нејадење, задржување здив, трки со автомобили и разни небезбедни финти кога се наведуваат да пробаат да направат нешто.
Едно неодамнешно глобално истражување покажа дека секој петти тинејџер зел учество во онлајн предизвик на ТикТок, еден од 50 во ризичен и опасен, а еден од 300 во многу опасен предизвик. Компанијата кажа дека вовела политика за отстранување содржини кои промовираат или величаат опасни активности.
Истражувањето покажа дека децата во Македонија во просек поминуваат од еден до три часа дневно на ТикТок и најголем дел од нив имаат личен профил, но не секогаш се пријавуваат со својата вистинска возраст. Според условите за користење на ТикТок, корисниците мора да имаат најмалку 13 години, што, сепак, тешко се контролира, како и во случајот на другите социјални мрежи.
„Ако моето дете комуницира со непознати, задолжително ми го пријавува тоа и не смее да договара средби во реалниот свет“, вели родителот на еден 14-годишник.
Ова е еден од начините како родителите ги контролираат и заштитуваат своите деца. Некои имаат пристап до апликацијата на своите телефони и ги следат сите нивни објави, други му дозволуваат на своето дете да се вклучи на ТикТок само во нивно присуство.
„Го прашувам што гледа и зошто. Зборуваме често за лошото влијание на ТикТок“, рече родителот на 11-годишно дете.
Г. КОНЕВ