ПРИГРАДСКИТЕ НАСЕЛБИ СЕ ОТСЕЧЕНИ ОД СКОПЈЕ, НА ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ ИТНО МУ ТРЕБА НОВО ПЛАНИРАЊЕ НА ЛИНИИТЕ

    ПРИГРАДСКИТЕ НАСЕЛБИ СЕ ОТСЕЧЕНИ ОД СКОПЈЕ, НА ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ ИТНО МУ ТРЕБА НОВО ПЛАНИРАЊЕ НА ЛИНИИТЕНајмногу проблем имаат граѓаните кои ги користат линиите 2а, 9, 19, 22, 23, 41, 45, 50, 52, 53, 54, 62, 63, 68. (Фото: К. Попов)

    Скопје трет месец е со нередовен и редуциран автобуски превоз. Автобуси нема откако приватните превозници кои над 20 години беа дел од јавниот превоз престанаа да возат, оти ЈСП „Скопје“ не им исплаќаше пари за услугата. Вистинско мачење е движењето низ градот на луѓето кои немаат друг начин за превоз освен автобусите од јавниот превоз.

    Граѓаните со саати стојат на автобуските постојки, особено наутро и попладне кога одат и се враќаат од работа. Кога ќе дојде автобус тој е преполн со патници и за голем дел нема место да се качат.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК спроведе анкета за граѓаните да кажат дали се задоволни од јавниот превоз, дали има редовно автобуси и да посочат со кои проблеми се соочуваат при нивното секојдневното користење.

    Оние кои живеат во населбите каде минуваат неколку линии велат дека сега чекаат двојно повеќе за разлика од пред три месеци. Ако се чекало по 10 минути, сега чекаат 20. Онаму каде одат една или две автобуски линии се чека од 30 до 50 минути и автобусите се преполни. Најголем проблем имаат оние кои живеат во поодалечните населби од центарот на Скопје и приградските населени места. Тие буквално се отсечени од градот, автобус чекаат по саат и пол, некогаш не успеваат да се качат оти се преполни и немаат како да стасаат на работа, на училиште или на факултет.

    Најмногу проблем имаат граѓаните кои ги користат линиите 2а, 9, 19, 22, 23, 41, 45, 50, 52, 53, 54, 62, 63, 68.

    Линија има на распоред, а не доаѓа. Општо, преретки се во моментов линиите за населба како што е Аеродром. Се случувало и по 45 минути да чекам кога си одам дома после работа. Притоа, работам во Центар, а живеам во Аеродром“, вели жител на Аеродром.

    Чекам автобус најмалку 30 минути во еден правец, значи секој ден по еден час губам во чекање автобус за одење на работа и враќање. Доаѓам на станица по распред, а автобус на линијата 7, која беше редовна до пред три месеци, нема. Фалат три автобуси на линијата 7 за разлика од претходно и затоа чекаме толку. Да се врати стариот распоред односно да се пуштат повеќе автобуси“, вели Гзим од Горно Лисиче.

    Димитар Илчов секојдневно ги користи линиите со број 57, 8, 9 и 19.

    Автобусите се нередовни, често доцнат и се преполни со патници. Често се случува да нема место во автобусот и да морам да го чекам следниот. Често доцнам на работа и на состаноци, на доктор или по институции поради автобусите. Дури и дома се враќам премногу доцна поради нив“, вели Илчов.

    Денес 2а чекав 1 час и 20 минути“, вели Кристина Мауровска-Темкова од Железара.

    Селма Куч користи автобус број 9  и вели дека се многу ретки и секојдневно се случува да доцнат.

    Додека имаше приватни автобуси од работа до дома стигнував за 35-40 минути со два автобуси. Сега ми треба од 70-90 минути. Попладне од работа 9-ка понекогаш чекам и по 40 минути. Поради големите гужви во автобус не се чувствувате како човек, состојбата е нехумана“, вели Куч.

    Не стасувам навремено на работа и често добивам забелешки за каснењето од моите претпоставени. Еден работен ден изгледа вака: излегувам за на работа во 7.20, чекам автобус до 8.10, стигнувам на работа во 9.00 и по автоматизам каснам половина час, што значи после работа останувам плус за да одработам. Излегувам во 17.10 од работа и чекам автобус до 17.40-18.00 и дома сум во 18.40. Ова не само што не е брз јавен превоз, туку воопшто не е јавен превоз. Како да живееме на планина, а не во град“, вели граѓанка од Скопје.

    Проблем со нередовни автобуси имаат и жителите на Ѓорче Петров.

    Не се редовни, чекаш по пола саат, а кога ќе дојдат преполни се до толку што ни врата не може да се отвори. Со еден збор, катастрофа. Најстрашно е наутро кога се оди на работа. За враќање дома иста приказна. Со еден збор, хаос. Невозможна мисија ми стана секојдневново возење од работа до дома и обратно“, вели Слободанка од Ѓорче Петров.

    Лилјана од Маџари, која секој ден се вози со линијата број 50, вели дека плаќа месечен билет 1.500 денари, а автобуси нема. Бара под итно да се извадат рекламите со кои се покриени цели прозорци оти од нив ништо не се гледа и патниците не знаат на која станица се.

    Ленче Ѓуриќ од Маџари вели дека автобусот број 23 кој порано сообраќал редовно сега не е редовен и чека по 1 час.

    Секојдневно користам јавен превоз на линиите 65, 65В, 2, 2А, 22, 7 и 5. Се соочувам со долго чекање, недоволно простор во автобусите односно преголеми гужви, пребрзо или пребавно возат, не доаѓаат на време и често ги нема на термините. По укинување на приватните автобуси односно нивните линии, особено 45 и 23 се чека од 15 минути па до еден час, и со тоа доаѓа до доцнење. Автобусот 2 во Автокоманда знае да не дојде и по еден час. Да се вратат приватните автобуси“, вели Вероника Неделковска од Ченто.

    Тања Ѓорѓиевска од Трубарево вели дека автобусите  не доаѓаат редовно.

    Ако дојде автобусот, возачот е често агресивен, кочи нагло и возат брзо. Некогаш дури и не доаѓаат, се исклучуваат од сообраќај. Не се секогаш точни, инфо панелите на постојките како и мобилната апликацијата не се точни. На пример, пишува дека 52-ка ќе дојде за 2 минути, но всушност доаѓа за 10. Пред да се исклучат приватните имаше редовни линии во одредени термини, сега се укинати. На пример, линиите 23 и 45 веќе ги нема. Ние патниците си останавме да се снаоѓаме кој како може или користиме по 2 автобуси транзит да стигнеме на местото каде на пример 23-ка би нè оставила“, вели Тања која секој ден патува од Трубарево до Аеродром.

    Автобусите 63 се редуцирани и честопати не знаеме кој автобус ќе вози, затоа што распоредот на интернет порталот од ЈСП не е точен. Чекам од 40 минути до 1 час. За нас граѓаните најдобро е сега во моментот како најбрзо решение, да се вратат сите автобуси на линија како што беше пред 3 месеци“, вели Тања од Илинден.

    Светлана Спасовска од Ченто вели дека е укината линијата 45 и сега чека автобус по еден час бидејќи другите линии се нередовни и преполни, па патниците се како сардини.

    Не сум задоволна од линија 65в, бидејќи моето работно време започнува во 8.30, а кога ќе се качам во 7.30 невозможно е да стигнам навреме и секојдневно доцнам поради сообраќаен метеж. Моето работно време завршува во 16.30 часот, 65в тргнува од транспортен во 16.35 а поради сообраќајниот метеж од Рекорд до Комплекс банки невозможно е да се фати автобусот 65 во 16.36 и дури некогаш тешко е да се фати и наредниот автобус во 16.52 минути. Би сакала во периодот од 16.30 до 17.00 часот да се воведе уште една линија на автобус 65в. За да се добие добар јавен превоз треба да се слушне гласот на народот односно граѓаните во населбата Ченто кои секојдневно апелираат за враќање на автобуска линија 45, бидејќи 65в е преполна, оптоварена и невозможно е човек да се качи во автобус преполн со патници, а 23 и 43 не се редовни. Да се воведат повеќе линии во периодот кога сите се враќаат од работа“, вели жител на населбата Ченто.

    Јасминка Јовановска од УСЈЕ вели дека автобусите се преполни и се чека и по половина час и повеке. Горан од Јурумлери, пак, вели дека чека најмалку по 50 минути автобус.

    Ако ти избега едниот оти распоред не е точен како на сајтот, за другиот ќе се изначекаш па затоа подобро пола саат порано да дојдеш на стганица за да стигнеш на работа на време“, вели Јасминка.

    Виолета од Ченто кажува дека кога ќе дојде автобус тој е преполн и се случува да нема место да се качат или во простор од еден квадрат да има повеќе од 10 патници.

    Луѓето од толку големи гужви не можат да се симнат на нивната станица. Ужасно е. Бидејќи патувам со два автобуса па ми се случува и покрај тоа што имам месечен билет да плаќам и такси, страшно е и жално“, вели Виолета.

    Снежана Маркова од Стајковци која секој ден користи автобус бр.65 за да оди на работи вели дека има многу гужва и пропушта автобуси, бидејќи не може да се качи. Вели, мора пешки да оди до почетната станица или ќе чека цел час.

    Стојанова Розета од Инџиково исто така користи 65 за да оди на работа и вели дека го нема со часови и секој ден кога се враќа од работа оди пешки од Ченто до Инџиково.

    Студентка од Скопје вели дека нема линии толку често како што имаше претходно, ниту има контрола колку луѓе има внатре, а сето тоа доаѓа оттаму што нема доволно автобуси.

    Кога почнаа да протестираат приватниците и Скопје беше блокирано и во тотален хаос, кога ќе дојдеше автобус тој беше толку полн што немаше потреба да се држам за држачите или да се потпрам. Луѓето беа толку блиску еден до друг што се потпиравме еден на друг. Очите на сите го зборуваа истото, разочараност и потиштеност,. За време на протестите чекав и доцнев. Среќа имаа разбирање и на работа и на факултет. Ама страшно беше што некои часови ги одржувавме онлајн и тоа не поради енергетската криза или болести туку поради јавниот превоз во главниот град. Сега ми е смешно, но беше многу фрустрирачки да пешачам неколку блока и да патувам 2 часа“, вели студентка од Скопје.

    Граѓаните покрај на ретките и преполни автобуси се жалат дека возниот ред на веб страната на ЈСП и на електронските табли на станиците не е точен.

    Не работи ниту апликацијата ЈСП во движење за да ги следиме автобусите, да не дремеме и мрзнеме на станици за џабе“, вели Елена од Железара.

    Се жалат и на несоодветен однос кон патниците на возачите и контролите.

    Во истражувањето ги прашавме граѓаните што сметаат дека треба да се направи за да Скопје има соодветен јавен провез. Најголемиот број одговори се дека треба да има повеќе автобуси и да се вратат приватните кога веќе ЈСП нема капацитет сам да го одржува јавниот превоз во градот.

    На Скопје му се потребни автобуси на секои три минути за да почнат граѓаните да се откажуваат од своите автомобили и да се намали градскиот метеж. Првата лента треба да биде слободна само за автобуси, такси возила и Брза помош. Сега е узурпирана од непрописно застанати и паркирани автомобили за кои полицијата е слепа и не ги гледа“, вели Александар од Скопје.

    Возниот ред не е ажуриран со години и не е приспособен на фреквенцијата на патници. Интервалот меѓу два автобуса е над 20 минути според распоред, а на терен и по саат. Треба да се направи ревизија на постоечките линии и додавање нови, поголем број возила на пократки интервали. Не може да се дозволи никнување на населба со над 10 илјади станари (пример Расадник) без да се додаде дополнителна автобуска линија и да остане истата фрекфенција на возила која била доволна пред 15 години. Голем број нови населби и точки во градов не се поврзани како што треба и нема начин како прописно да се испланираат конекциски рути поради нерелевантноста и непочитувањето на распоредите“, вели жител на Кисела Вода.

    Градоначалкничката Данела Арсовска изминативе три месеци додека скопјани се соочуваат недостиг на автобуси сметаше дека не постои проблем. Постојано тврдеше дека има доволно автобуси на улиците, не признава дека автобусите се редуцирани туку вели дека ЈСП соодветно ги надополнувал приватните автобуси. Велеше дека новинарите шпекулираат и дека се бранеле приватните интереси наместо да се штити јавниот интерес. Таа три месеци одбиваше да се сретни со приватните превозници. Конечно, тие вчера имаа средба со неа, по која рекоа дека за прв пат биле сослушани и се надеваат дека наскоро пак ќе станат дел од јавниот превоз во градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира