Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека ќе лансираат дронови и ќе постават шумски сензори за температура за да се подобри превентивното гаснење пожари, откако се соочи со големи критики од климатските активисти за разорниот пожар во регионот Еврос, кој гори веќе две недели.
Летните шумски пожари се вообичаени во Грција, но владата кажа дека екстремните суви, жешки и ветровити услови, што се поврзуваат со климатските промени, ги направиле многу полоши оваа година. Пожарот во северозападниот регион Еврос е најголемиот во Европската Унија досега, зафаќајќи површина од 812 квадратни километри, што е поголемо од Њујорк.
„Иако сме подобро подготвени од лани, се соочуваме со досега невидена комбинација на инциденти, како сериозниот жешки бран во јули и невообичаено силни ветрови“, кажа Мицотакис во грчкиот парламент.
Тој додаде дека се преземени чекори за набавка на уште 100 дронови за следење на пожарите во реално време, а во план е и инсталирањето на сензори за температура на археолошки локалитети и во шуми со висок ризик. Мицотакис најави дека наскоро ќе бидат ангажирани 500 шумски научници и уште 1.000 пожарникари.
Екологистите ги обвинија грчките власти дека повеќе пари трошат на гаснењето отколку на превенцијата. Мицотакис возврати дека оваа година биле потрошени десетици милиони евра на спречување пожари, но тоа очигледно не било доволно.