НЕКОИ ВИДОВИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СЕ НА РАБ НА ИСЧЕЗНУВАЊЕ, ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ПОТЕШКО ГИ ПОГОДУВА СЛАТКОВОДНИТЕ ЕКОСИСТЕМИ

    НЕКОИ ВИДОВИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО СЕ НА РАБ НА ИСЧЕЗНУВАЊЕ, ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ПОТЕШКО ГИ ПОГОДУВА СЛАТКОВОДНИТЕ ЕКОСИСТЕМИОхридската пастрмка е ендемичен и загрозен вид. Во последните години забележано е и дека пастрмката подоцна полово созрева како резултат на климатските промени. (Фото: Петар Боев)

    Во последните 30 години под влијание на природните услови и човековите активности се јавуваат промени во климата во светот, па и кај нас. Според хидрометеоролошките показатели, средната годишна температура е постојано повисока од повеќегодишниот просек, а постои генерален тренд во опаѓањето на количеството на врнежи. Истражувањата на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC, 2021 ) покажуваат дека до средината на овој век глобалната температура ќе надмине затоплување од 1,5°C во однос на втората половина од 19 век. Вчера, температурата на водата во Охридското езеро беше од 25,5 до 26 степени, според податоците на Хидробиолошкиот завод, што е повисоко од просекот за месец јули, кој е околу 20 степени.

    Според експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид слатките води се особено чувствителни на климатските промени, бидејќи се релативно изолирани и физички фрагментирани, а исто така се изложени на бројни антропогени притисоци кои ги забрзуваат процесите на деградација на екосистемите.

    „Слатководните екосистеми се чувствителни на затоплување, бидејќи нивните главни карактеристики количината на вода и нејзиниот квалитет, се под силно влијание на атмосферските температурни режими. Така, под дејство на климатските промени ќе дојде до промени во хидролошкиот циклус, односно режимите на површинските и подземните води: зголемено испарување од површинските води, промени во нивото подземните води, промени во количеството и периодот на доток и истек од езерата и слично“, вели д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директор на ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид.

    Колонии од школката Dreissena во литоралот на Охридското Езеро (Фото: A. Kubicek)

    Температурата на воздухот ја одредува температурата на водата, а со тоа влијае и врз термалната стратификација на езерата, но и врз нивото на растворен кислород кои придонесуваат за квалитетот на водата. Растворливоста на кислородот во водата опаѓа со зголемување на температурата на водата, а ниските нивоа на растворен кислород може да претставува значителна закана за водната биолошка разновидност.

    „Значи, сите промени во екосистемите, секако доведуваат и до промени во нивниот биодиверзитет. Стапките на загуба на слатководниот биодиверзитет во последните децении далеку ги надминуваат оние на копнените или морските видови, па дури и глобалното затоплување од 1,5 °C претставува значителна закана за многу слатководни видови и екосистеми кои веќе се на работ на исчезнување“, додава Тасевска.

    Голем број процеси кои се фундаментални за функцијата на слатководните екосистеми се под значително влијание на климатските промени, вклучувајќи: промени во метаболизмот на видовите, промени во нивните популации, изменета дистрибуција на видови, менување на животни циклуси: репродукција, раст и развој, нарушени интеракции помеѓу видовите, промени во синџирите на исхрана и протокот на енергија и сл.

    Gocea ohridana, ендемичен полжав од Охридско Езеро. (Фото: Thomas-Wilke)

    Многу слатководни видови, вклучувајќи риби, без’рбетници, водоземци и влекачи, се ектотерми – неспособни за саморегулирација на температурата на телото и често покажуваат ограничена способност да се прилагодуваат на топлотни бранови.

    „Во суштина, сите организми се соочуваат со истите опции поради климатските промени: да се прилагодат, да мигрираат или да исчезнат. Сепак, успехот на организмот во спроведувањето на првите две стратегии во голема мера ќе зависи од неговата животна историја и карактеристиките на распространување во однос на фрагментацијата на живеалиштата и брзината со која се менува неговата околина“, кажува научниот советник Тасевска.

    Се претпоставува дека многу ситните организми, како што се на пример протистите, кои се космополити, имаат широк спектар за адаптирање кон различни животни услови и лесно се прилагодуваат на промените, што доведува до нивна доминација и промени во синџирот на исхрана. Тоа не е случај, на пример со повисоките таксономски категории, кои се наоѓаат на повисоко ниво во синџирот на исхрана и кои имаат ограничено распространување и поограничена способност за дисперзија. Како пример, инсектите кои дел од животниот циклус како ларви го минуваат во слатките води, како возрасни, можат да мигрираат во одреден опсег. Мигрирањето на ситните инвертебрати (безрбетни животни) во голема мера ќе зависи од птиците или цицачите кои им служат како вектори. Но други видови имаат многу поограничени можности за менување на живеалиштата, како на пример слатководните риби кои имаат ограничено распространување. Ваквите различни способности на организмите да опстојат во променети услови во животната средина сугерираат дека многу локални синџири на исхрана ќе претрпат радикални промени поради климатските влијанија.

    Преспанско Езеро во ноември 2022, очигледен доказ за негативното влијание на антропогениот фактор и климатските промени. (Фото: О. Тасевска)

    Според екологистите, во последните години забележано е и дека пастрмката подоцна полово созрева како резултат на климатските промени.

    „Тоа е доказ дека нешто се менува како одраз на климатските промени, но и други организми се чувствителни како што се планктонските. Има голем број индикатори кои се следат. Потребна е голема низа на години за да се дефинираат точните влијанија од климатските промени“, вели екологистот Ѓоко Зороски.

    Истражувањата и сценаријата за климатските промени, од страна на референтни истражувачки центри во светот, покажуваат дека на подрачјето на Македонија, се очекуваат значителни неповолни промени веќе кон средината, а особено до крајот на овој век. Во последните 20 години, 10 зими биле изразито сушни, а очекувањата се дека летата ќе стануваат пожешки, со пораст од дури 5°С (просечно) до крајот на векот, додека летните врнежи би се намалиле за 25 проценти.

    Од Хидробиолошки завод, Охрид велат дека при проценка или анализа на промените во животната средина, мора да се земат предвид сите фактори на влијание кои може да доведат до значително намалување на биолошката разновидност, населување на инвазивни видови, загадување на водата и фрагментација на живеалиштата, бидејќи континенталните води претставуваат изолирани средини, од кои населените видови ретко имаат можност да заминат за да колонизираат нови живеалишта во случаи на неповолни еколошки услови.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира