РЕК „БИТОЛА“ E НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВAЧ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА 2022, ВЕЛИ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЕКО-МРЕЖА

    РЕК „БИТОЛА“ E НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВAЧ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА 2022, ВЕЛИ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЕКО-МРЕЖАПоследиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко, вели извештајот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Термоелектраната (ТЕЦ) „Битола“ во 2022 година била најголемиот загадувач со сулфур диоксид и честички прашина на целиот Западен Балкан. Емисиите од оџаците на ТЕЦ „Битола“ биле скоро дуплирани споредено со 2021, иако поради пожарот на трансформаторот во третиот блок тој беше вон употреба цела година и електраната работеше со намален капацитет. Според новиот извештај од „СЕЕ Банквоч нетворк“ (CEE Bankwatch Network), „Усогласи или затвори – 2023“, битолската термоелектрана е убедливо најзагадувачки индустриски капацитет во земјите од Западен Балкан. Ова е еколошка мрежа со 16 групи членки од 14 земји од Централна и Источна Европа и повеќе од 20 години искуство во трансформација на јавните финансии и политиките за животна средина и клима релевантни за регионот на Централна и Источна Европа и Европската Унија.

    Според извештајот , со само првиот и вториот блок активни во текот на 2022, електраната емитувала 111.408 тони сулфур диоксид во воздухот. Ова е количина што е 17 пати поголема од таа што е дозволена со Националниот план за намалување на емисиите, а истовремено и е повеќе од вкупните емисии што се дозволени за сите термоелектрани на јаглен во Западен Балкан. Емисиите на прашина исто така алармантно се зголемени и достигнале 3.899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемата количина на прашина емитувана од еден оџак на целиот Западен Балкан.

    Во соопштението на еко-мрежата се вели дека пет години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила преку Спогодбата за енергетската заедница, македонските електрани спротивно на обврските ги зголемуваат наместо да ги намалуваат емисиите. Секретаријатот на енергетската заедница веќе има отворено случај против Македонија поради непочитување на одредбите за намалување на емисиите.

    Во соопштението се вели и дека со енергетската криза што донесе активирање на ТЕЦ Неготино и нетранспарентни набавки на јаглен со сомнителен квалитет, земјата се движи во обратна насока и само продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните.

    „Целиот регион е загрозен од неконтролирано загадување од електраните што работат на јаглен и веќе секоја година гледаме како големите електрани во Србија и Босна и Херцеговина рушат рекорди. Но, ваков огромен скок во емисиите како што има ТЕЦ ‘Битола’ во 2022 година не сме забележале до сега. Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко“, вели Давор Пехчевски од „СЕЕ Банквоч нетворк“.

    Владата на Македонија усвои амбициозни климатски и енергетски цели со кои се предвиде затворање на капацитетите на јаглен до 2027.

    „Потребно е да се одржат роковите за исполнување на овие цели за да се испрати јасна порака до енергетскиот сектор, индустријата и граѓаните дека земјата доследно се придржува кон напуштање на фосилните горива, праведна транзиција кон обновливи извори и чисти технологии и грижа за здравјето на граѓаните“, рече Елена Николовска од „Еко-свест“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира