СЕ ПРАЗНАТ БРАНИТЕ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА, НАЈЛОШО Е ВО МАНТОВО, НАЈДОБРО НА БЕРОВСКОТО ЕЗЕРО

    СЕ ПРАЗНАТ БРАНИТЕ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА, НАЈЛОШО Е ВО МАНТОВО, НАЈДОБРО НА БЕРОВСКОТО ЕЗЕРОБраната Мантово кај Радовиш е на најниското водно ниво од изградбата во 1978. (Фото: СДК.МК)

    Источна Македонија цела година се соочува со крајно неповолни климатски промени кои ја прават катастрофална хидролошката состојба на голем број акумулации. Помина уште една зима без снег и без посебни врнежи од дожд. Во најлоша состојба е браната Мантово кај Радовиш, која е на најниското водно ниво од нејзината изградба во 1978 година. Мантово беше изградена со максималниот капацитет од 49 милиони кубни метри вода и преоктирана за наводнување на 5.400 хектари обработлива површина во општините Конче и Радовиш, а со испуштање на технолошкиот минимум и за наводнување на површините во Лакавичкиот крај кои географски се во Општина Штип.

    Подружницата „Радовишко Поле“ стопанисува со Хидромелиоративниот систем Мантово, од каде велат дека во последните години нивото на водата е намалено за четири пати. Нарушен е не само летниот, туку и зимскиот режим на врнежи кој е под нормалата или општо земено врнежите и од дожд и од снег се минимални. На годишно ниво на раце можат да се избројат деновите со дожд, а уште помалку деновите со снег.

    Според искажувањата на жителите од Општина Конче, браната Мантово е во ваква слична состојба речиси десетина години. Последен пат Мантово прелеа во јануари 2015, но оттогаш наваму водостојот од година на година се намалува. Никој не може да даде прецизен одговор што се случува, каде и зошто се губи водата, односно зошто оваа акумулација полека пресушува. Поради ваквата состојба, Мантово ќе биде принудена исто како и лани да врши рестрикции во користењето на водата, на три дена да се пушта водата во левиот, односно десниот магистрален канал, преку кои се наводнуваат околу 500 хектари обработлива површина во општините Радовиш и Конче.

    Акумулацијата Калиманци располага со 110 милиони кубни метри вода, што за 5 милиони кубици е речиси до максимумот. (Фото: СДК.МК)

    Во „Радовишко Поле“ не сакаат да зборуваат за проблемите и нема прецизни информации дали ќе има рестрикции и како тоа би се извело, односно колку кубни метри вода ќе биде за наводнување, колку за потребите за технолошкиот процес на рудникот Бучим. Од подружницита само велат дека се надеваат на пролетни дождови и дека браната ќе има вода од дваесетината речни приливи колку што се сливаат во акумулацијата Мантово.

    Во слична сосотојба со недостиг на водни приливи се и помалите акумулации Мавровица кај Свети Николе, која е со волумен од 2,9 милиони метри кубни вода, и акумулацијата Пишица кај Пробиштип која е со помал капацитет од 750 илјади метри кубни, но и двете се специфични по својата риболовна намена, наместо за наводнување.

    Со намален капацитет е и браната Кнежево, која се простира меѓу општините Кратово и Пробиштип на падините на Осоговските Планини. Со оваа акумулација стопанисува Хидросистемот „Злетовица“, јавно претпријатие за извршување на водостопански дејности, претежно за водоснабдување на 200.000 жители во Источна Македонија, кое исто така се соочува со намалено ниво на водата во браната.

    „Максималниот капацитет е 23.500.000 кубни метри вода, но според последните мерења извршени деновиве, браната Кнежево моментно располага со 15.400.000 кубни метри. Тоа значи дека нивото е под највисоката кота, односно браната е испразнета со 11 метри. Ваквото ниво не ја нарушува главната намена на Кнежево како акумулација чија вода е за прозводство на филтрирана вода за пиење за општините Пробиштип со 100 литри во секунда, Штип со максимални 300 литри, Свети Николе со 40 и нешто помалку за Општина Лозово, а наскоро ќе почне да ја користи и Општина Карбинци која изгради своја филтер станица за преработка на 40 литри вода во секунда“, вели директорот на „Злетовица“, Љупчо Благоевски.

    Во подобра состојба се акумулациите Калиманци кај Македонска Каменица и Гратче кај Кочани. Подружницата „Брегалница“ од Кочани која стопанисува со двете акумулации редовно врши контрола на состојбата, која засега е на задоволително ниво.

    „Од браната Гратче, која е со ниво од од 2 милиони кубни метри, веќе се врши испуст додека акумулацијата Калиманци располага со 110 милиони кубни метри вода, што за 5 милиони кубици е речиси до максимумот, а тоа значи ако по последните дождови има поголем прилив и од неа ќе се врши испуст на водата за да не прелее“, вели раководителот на „Брегалница“, Благојчо Богатинов.

    Тој смета дека ваквата состојба гарантира навремен и успешен старт на новата сезона за наводнување која започнува во април. Дотогаш, каналската мрежа од сегашните 50 проценти ќе биде исчистена 100 насто. Каналската мрежа од 40 километри во Кочанското Поле, па сè до селото Крупиште е обврска на кочанската подружница, а до Свети Николе и Лозово надлежноста е на Подружница „Овче Поле“ од Свети Николе.

    Во најдобра состојба е Беровското Езеро кое по последните врнежи од дожд е со максимално ниво од 10 милиони кубни метри вода.

    „Беровското Езеро е акумулација која е со должина од 2,5 километри, ширината е 350 метри, а просечната длабочина е 58 метри. Нивото е на горната граница, па состојбата секојдневно се следи, а да не дојде до порелевање почнавме од превентивни причини да вршиме испуст на водата според приливот. Тоа значи дека браната кај Берово е во функција на наменскиот проект за водоснабдување и за наводнување“, вели раководителот на Подружницата „Берово“ Зоран Аговски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира