Чаши за повеќекратна употреба ќе ги пречекаат фановите на стадионите во Германија кога овој викенд ќе продолжат натпреварите од Бундеслигата.
„Како и рестораните и кафулињата кои продаваат храна и пијалаци за носење, така и операторите на стадионите сега се обврзани да нудат амбалажа за повеќекратна употреба“, објави германското министерство за животна средина.
Оваа амбалажа не смее да биде поскапа од онаа за една употреба и мора да биде со иста големина.
Седумнаесет од 18-те прволигашки клубови веќе се префрлија на чаши за повеќекратна употреба пред почетокот на сезоната во август. Тоа отсега ќе го прави и Шалке за депозит од две евра.
Пред пет години, десет клуба од Бундеслигата користеа чаши за една употреба, што создаваше „планина“ од 8,5 милиони пластични пакувања секоја година.