НАД 250 ВОЛОНТЕРИ ГО ИСЧИСТИЈА СКОПСКИОТ АКВАДУКТ, ЗАШТИТЕН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА КОЈ СО ГОДИНИ Е ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕ

    НАД 250 ВОЛОНТЕРИ ГО ИСЧИСТИЈА СКОПСКИОТ АКВАДУКТ, ЗАШТИТЕН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА КОЈ СО ГОДИНИ Е ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕДенеска почна тридневната еколошка акција за чистење „Генералка викенд“). (Фото: „Мен енд Маунтен“)

    Над 250 волонтери го исчистија од ѓубре скопскиот Аквадукт, културно наследство од 6. век, на денешниот почеток на тридневната (9, 10, 11 мај) национална акција за собирање отпад „Генералка викенд“. Станува збор за волонтерска кампања од граѓани за граѓани, организирана од „Мен енд Маунтен“, со помош на повеќе компании.

    Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. Но, остана запуштен и затрупан со ѓубре. Американската амбасадорка Анџела Агелер лани во декември најави дека Аквадуктот ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.

    Над 20.000 волонтери ја чистат државата на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови.

    „На отпадот не му е местото на улица или во природа. Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа, треба да се однесуваме европски“, изјави  првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

    Акцијата е поддржана од повеќе спонзори, како и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина. (Фото: „Мен енд Маунтен“)

    Со поддршка на Министерството за образование и наука (МОН) и УНИЦЕФ, за првпат, „Генералка викенд“ е вклучена и во едукативниот проект „Еко час“. Учениците од сите училишта денеска добија за домашна задача заедно со своите наставници и професори да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.

    „Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи, кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со
    повеќе партнери на образовните установи и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    На отворањето на еко-акцијата „Генералка викенд“ присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на „Пивара Скопје“ Снежана Савиќ-Димовска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управа за заштита на културно наследство, претставници на амбасадите во Македонија.

    Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на Генералка викенд, досега учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа над 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира